МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

1 декември 2021

1 декември 2021

– Стопанската комора на Северна Македонија соопшти дека е прифатена иницијативата на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство при Советот на странските инвеститори за намалување на царинските стапки за производи (компоненти) потребни за производство на технолошки напредни производи.

– Во Клубот на пратениците во Скопје за денеска во 14 часот е закажана нова средба на премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши за вклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.

 Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) донира 600.000 денари за семејствата на настраданите и повредените патници во трагичната сообраќајна несреќа кај Струма, во Република Бугарија.

– ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира дека како општествено одговорно претпријатие, веќе две години континуирано ја поддржува мисијата на СОС Детско село, преку реализација на различни активности со цел поттикнување на индивидуалната филантропија.

– Земјотреси со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала со епицентри на 65 километри југозападно од Скопје, се регистрирани утринава во епицентралното подрачје Кичево.

 Комората на психолози на С Македонија од денеска до 12 јануари организира Национална платформа на психолози за унапредување на менталното здравје – Денови на Психологија со наслов „Кај психолог – И мелем на рана и ветер во грб!“. Во рамки платформата ќе бидат реализирани психолошки акции пријавени од лиценцирани психолози.

– Независната угостителска комора (НУК) почна иницијатива за креирање иницијална понуда за издавање  глобален алтернативен крипто коин – крипто средства наменети за користење исклучиво во угостителската индустрија. Со тоа, според НУК, се обезбедува алтернативен извор и начин на прибирање средства за инвестирање и финансирање на македонски и регионални угостители и угостителски објекти.

– Државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2021 година во областа на воспитанието и образованието му се доделува на универзитетскиот професор Ѓулумсер Касапи, а добитници во областа на културата и уметноста се писателот Јован Павловски, музичкиот уметник Снежана Анастасова-Чадиковска и Елена Дончева, академски сликар – костимограф, соопшти Министерството за култура.

– Иднината им припаѓа на стартапите, вака директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров денеска ја најави проектираната финансиска поддршка за 2022 година, но се осврна и на реализираните повици и средства во 2021-ва.

– Најновата претстава на Македонски народен театар (МНТ) насловена „Торонто експрес“ ќе ја доживее својата праизведба на 15 декември. Претставата е работена по мотивите на збирката есеи „Тибам Штркот“ од авторот Зоран Спасов-Ѕоф и е во режија на Јордан Симонов.

– Српскиот помошник министер за здравство за инспекциски работи Горан Стаменковиќ изјави денеска дека минатиот месец се извршени над 100.000 инспекциски контроли во врска со мерките против епидемијата на коронавирус во Србија, а за непочитување на законот се напишани 1.400 налози за казни во вкупна вредност од околу 50 милиони динари.

– Министерот за надворешни работи на Австрија, Михаел Линхарт, по повод продолжувањето на учеството на австриските војници и полицајци во меѓународните мисии, оцени дека безбедносната состојба на Балканот е кревка.

– Русија денеска објави дека започнала редовни зимски воени вежби во нејзиниот Јужен воен округ, што делумно се граничи со Украина.

– Музејот на уметност „Метрополитен“ во Њујорк вчера објави дека ја добил најголемата финансиска донација во својата историја од 125 милиони долари, што треба да му овозможи на управата на музејот да го заврши почнатиот процес на реставрација. Дарувањето дојде од Оскар Танг и неговата сопруга Агнес Хсу-Танг, американски државјани со кинеско потекло.

– Директорот на финансиско-технолошкиот сектор на Фејсбук, Дејвид Маркус, соопшти дека кон крајот на годината ќе ја напушти компанијата и ќе почне да работи на нов проект.

– Македонскиот кошаркарски прволигаш Куманово соопшти дека причината за напуштање на регионалната БИБЛ лига е „тенденциозно судење“, а не наводно неподмирени финансиски обврски кон натпреварувањето.

– Во дерби-натпреварот на двете водечки екипи во НБА-лигата одигран во Феникс, кошаркарите на „Санс“ го совладаа на домашен терен Голден Стејт со 104-96 и со тоа се израмнија на врвот на табелата со ефект од 18-3.

Back to top button
Close
Close