МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

29 ноември 2021

29 ноември 2021 

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје во последните 24 часа се направени 1.245 тестирања, регистрирани се 118 нови случаи со КОВИД-19, 18 починати и 396 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство.

– Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети касарната „Јане Сандански“ во Штип, каде што претпоставените старешини го информираа за условите за работа на припадниците на Армијата и нивните тековни активности.

– Маж и неговата сопруга, кои беа повредени во автобуската несреќа во Бугарија, денеска се отпуштени од Итната болница Пирогов во Софија. Како што јави дописникот на МИА од Софија, досега пет македонски државјани се отпуштени од болницата Пирогов. На лекување остануваат уште двајца.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска истакна дека не размислуваат да предложат какво било релаксирање на сегашните мерки во делот кој се однесува на угостителските објекти.

 На утрешната седница на Владата ќе го разгледуваме новиот предлог за стимулација на матичните лекари. Имаше реакција од поголем број на матични лекари кои ја поддржуваат оваа мерка. Сметаат дека е навистина добра, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по состанокот на Комисијата за заразни болести.

 По повод 29 ноември – Денот на ослободувањето на Албанија од фашистичките окупатори, пуштен е во употреба автопатот „Руга е Арбрит“ (Патот на Арбр), кој ја поврзува Албанија со Северна Македонија на границата кај Дебар.

– Министерството за надворешни работи на Грција, преку соопштение за безбедносната состојба во Етиопија, им препорачува на грчките државјани кои престојуваат во земјата, да ја напуштат, што е можно поскоро, јави дописничката на МИА од Атина.

– Шведскиот парламент ја реизбра Магдалена Андерсон за премиер на земјата – првата жена на оваа функција – пет дена откако нејзиниот прв мандат траеше само неколку часа. Иако е земја која долго време се бори за родова еднаквост, Шведска досега немала жена премиер.

– Обединетата унгарска опозиција побара од претседателот на Парламентот Ласло Ковер да поднесе оставка, обвинувајќи го за „подбуцнување против здружената опозиција“ и „политички притисок врз лидерите на тајните служби“.

– Израел денеска ги предупреди светските сили да бидат претпазливи од „нуклеарната уцена“ на Иран додека дипломатите се собраа во Виена за да разговараат за обнова на нуклеарниот договор со Техеран од 2015 година.

– Македонскиот ракометен прволигаш Тинекс Пролет спогодбено ја раскина соработката со шефот на стручниот штаб Андон Бошковски по серијата незадоволителни резултати. Двете страни одлучија да се разделат по саботниот неуспех на домашен терен од Металург (29:31) со кој Тинекс Пролет влезе во серија од три порази во низа во Супер-лигата.

 

Back to top button
Close
Close