МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

29 ноември 2021

29 ноември 2021 

– Изминатиов период е воспоставена институционална и законска рамка за спречување и борба со насилството врз жените и семејното насилство согласно Акцискиот план, што претставува цврста основа и подготовка на системот за понатамошно исполнување на стандардите од Истанбулската конвенција, потенцираше министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

– Климатската промена е факт, а и нејзините последици кои ќе станат сè потешки и сложени и ќе влијаат на секој дел од планетата. Треба да делуваме веднаш и глобално. Зелениот договор е повеќе од само една политичка лекција и се состои од практични акции и дејствија коишто сите треба да ги имплементираме и постојните и идните земји членки. Целта е нула емисии на стакленички гасови до 2050 година, со што Европа ќе стане првиот климатски неутрален континент. Ова го истакна шефот на Делегацијата на Европската Унија во државава Дејвид Гир на денешната промоција на новата кампања „ЕУ со ТЕБЕ“ фокусирана на Европскиот зелен договор, која симболично беше замислена да започна во пет до 12 часот.

Премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши попладнево пристигнаа во Клубот на пратениците на разговори за вклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.

– Во Берово утре ќе биде разгледана иницијативата за преименување на улица во чест на прерано загинатиот словенечки пожарникар Жан Кофол, кој беше еден од најистакнатите во гаснењето на пожарите во Малешевијата. Иницијативата е на беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, кој најави дека иницијативата ќе се разгледува на утрешната седница на Советот на општината.

– Апелацискиот суд Скопје ја потврди првостепената пресуда на Кривичен суд Скопје за случајот „Насилство во Општина Центар”, во кој првообвинетиот Никола Груевски беше осуден на 1 година и 6 месеци затвор, а останатите беа осудени на условни казни, односно алтернативни мерки. Воедно, скопска Апелација предметот „Тарифа” го врати на повторно судење.

– Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, се обрати на основањето на Б40 мрежата на градови од Балканот (B40 Balkan cities network) во рамки на самитот кој денеска и утре се одржува во Истанбул, Турција.

– Министерот за здравство Венко Филипче нема да се кандидира за претседател на СДСМ. Тој денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека нема таков интерес, а во однос на информациите дека „Алијанса“ го бара ресорот здравство, рече дека сега се е во сферата на шпекулациите и дека во моментот фокусот е ставен на окрупнувањето на парламентарното мнозинство.

– Речиси 65 отсто од граѓаните сметаат дека Ковид-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, а 44 отсто се согласни дека бројките на заболените од Ковид-19 се зголемувани, и се плаќало за да се пријавуваат луѓето дека починале од Ковид.

– Во последните 16 дена имаме зголемување од десет отсто на наши сограѓани кои избираат да ја примат вакцината, а веќе од 7.135.000 лица постари од 12 години се вакцинирани, објасни портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, истакнувајќи дека по последните мерки што беа воведени во земјата, а се однесуваат на невакцинираните,  „има значително зголемување на вакцинациите“, јави дописничката на МИА од Атина.

– Потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова и еврокомесарот Тиери Бретон денеска ќе ги претстават плановите за медиумските правила низ ЕУ на Форумот на европските информативни медиуми и ќе ги објават средствата од ЕУ за формирање „eвропска редакција“ која ќе обедини 16 новински агенции, јави ДПА.

– Шестиот Регионален форум на Унијата за Медитеранот денеска почна во Барселона, годишна конференција на министри за надворешни работи од 42 медитерански земји и Европска Унија, кои сакаат да ја зајакнат соработката во регионот на Средоземно Море, обележана со висока стапка на невработеност, миграција и нерешени конфликти.

– Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека на Светската здравствена организација и треба сигурно финансирање со поголеми донации од земјите-членки. Таа го поддржа почетокот на преговорите за обврзувачки меѓународен договор за спречување на пандемии.

– Англискиот фудбалски прволигаш Манчестер јунајтед го именуваше денеска Ралф Рангник за привремено решение на тренерското место до крајот на сезоната.

– По двете победи во серија против АЕК и Татабања, ракометарите на македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер утревечер во Лисабон му гостуваат на Спортинг во рамки на 5. коло од групата Д во Лига Европа.

 

 

Back to top button
Close
Close