МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

26 ноември 2021

26 ноември 2021

– Со едноминутно молчење за загинатите во автобуската несреќа во Бугарија, собраниската Комисија за финансирање и буџет претпладнево ја продолжи општата расправа по Предлог-буџетот за 2022 година.

– Реформите и европската перспектива на земјите од Западен Балкан, била тема на денешните разговори во Подгорица на министерот за правда Бојан Маричиќ со потпретседателот на Владата на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.

 Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски испрати честитка до претседателот на Еврејската заедница, Берта Романо-Николиќ по повод празникот ХАНУКА – осумдневното празнување во чест на повторното осветување на храмот во светиот град Ерусалим.

 Потпишан е договорот, завршени се сите постапки и ќе се започне со полагање на испитите во Државниот испитен центар, изјави денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска имаше средба со неговиот црногорски колега Алекса Бечиќ, кој е дојден во земјава како учесник на регионалната конференција „Подобрување на дијалогот меѓу парламентите и новинарите од Западен Балкан”, во организација на Собранието на Република Северна Македонија и Здружението на новинари на Македонија, а се одржува во собраниската зграда.

 Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го претстави Предлог-буџетот на МВР за 2022 година, со вкупна вредност од 10 милијарди и 410 милиони денари, испланиран согласно развојната компонента за подобрување на работењето и реализирање на сите активности што се во надлежност на Министерството, како и негово непречено функционирање и работење за остварување на основните стратешки приоритети и цели.

– При дополнителен увид што денеска го извршија истражители од бугарската Национална истражна служба во опожарениот автобус на „Беса транс“ на автопатот „Струма“ е пронајдено уште едно тело, потврди за дописникот на МИА од Софија портпаролот на главниот обвинител на Бугарија, Сијка Милева.

– Со развиорени македонски знамиња, Green Forces од „Дајте музика“ на социјалните мрежи им се заблагодарија на сите фанови за поддршката што ја добиваат. Веќе со над 600.000 прегледи од објавувањето на видеото, како и со високи позиции на трендинг-листите, македонската делегација периодов интензивно се подготвува за настапот на Детскиот евросонг во Париз.

– Во албанскиот град Елбасан, се одржува заедничка седница на албанската и косовската влада, седма по ред, по онаа во 2014 година одржана во Призрен.

– Германскиот министер за здравство Јенс Шпан изјави дека само нагло намалување на социјалните контакти може да го прекине четвртиот бран.

– Бројот на новозаразени во Белгија вртоглаво расте, само неколку дена по првото заострување владата денеска донесе нови мерки, но нема целосно затворање на државата, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Чешкиот претседател Милош Земан утре ќе биде пуштен од болница, а во недела ќе го именува Петар Фиала, лидерот на коалицијата на десниот центар, за нов чешки премиер, изјави денеска неговиот портпарол.

– Вредноста на биткоинот денеска се намали за речиси 8,0 отсто по извештаите за нов сој на коронавирусот, кој потенцијално е отпорен на вакцина.

– Група демонстранти утринава насилно влегоа во зградата на Министерството за социјални работи во Бејрут и ја отстранија фотографијата на либанскиот претседател од една просторија, во време на економска и политичка криза на земјата.

– Европските и азиските земји денеска ги заострија ограничувања за патување, откако во Јужноафриканската република (ЈАР) беше откриена нова варијанта на коронавирусот со најголем број мутации досега, но сè уште не е познато дали е поопасна од претходните соеви.

– Трките од Светското првенство во Формула 1 во Каталонија ќе останат во календарот се до 2026 година, откако раководните луѓе на натпреварувањето го продолжија денеска договорот со патеката Сиркуит де Барселона – Каталуња.

Back to top button
Close
Close