МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

25 ноември 2021

25 ноември 2021 

– Во услови на криза настаната поради епидемијата со Ковид-19 занаетчискиот сектор се соочува со многу предизвици. Занаетчиите се соочуваат со намалена побарувачка на занаетчиските производи и услуги, проблеми со одржување на ликвидноста на бизнисот, недостаток на финансии за исплата на плати и придонеси за вработените, преоптовареност со парафискални давачки како и сивата економија како нелојална конкуренција на легалниот бизнис, соопшти денеска Занаетчиската комора.

– Судскиот совет испрати барање до Врховниот суд, како највисок суд, кој според Уставот обезбедува единство во примената на законите и воедначување на судската практика, со кое укажува дека судот е неопходно да ја преиспита казнената политика за кривични дела од областа на сообраќајот.

– Владата денеска со почеток во 16 часот ќе ја одржи 121-та редовна седница. Од владината прес-служба информираат дека за заклучоците и одлуките од седницата јавноста ќе биде информирана со соопштение, веднаш по нејзиното завршување.

– Бугарскиот претседател Румен Радев денеска во телефонски разговор со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји го изразил очекувањето на Софија дијалогот со Северна Македонија да доведе до конкретни резултати, јави дописникот на МИА од Софија.

– Собраниската Комисија за финансирање и буџет утре ќе го одржи последниот ден од општата расправа за Предлог- Буџетот за следната година, а во сабота ќе ја почне амандманската расправа која се очекува да заврши во среда. За предлог-буџетот опозициската ВМРО-ДПМНЕ има поднесено 220 амандмани. Расправата за буџетот не продолжи неделава поради откажувањето на сите активности по автобуската несреќа во која според последните информации загинаа 44 лица.

– Романските пратеници денеска со големо мнозинство ја поддржаа новата коалициска влада на премиерот Николае Чиука, инаугурирајќи го ротирачкиот премиерски договор за ставање крај на двомесечниот политички ќор-сокак.

– Министерот за здравство на Турција, Фехратин Коца денеска изјави дека е побарана дозвола за итна употреба на домашната вакцина против Ковид-19, Турковак од Турската агенција за лекови и медицински средства (ТИТЦК).

– Сите клучни политички водачи во БиХ сакаат да се реши актуелната криза во земјата и се подготвени да разговараат како да го сторат тоа, изјави денеска претседателот на Партијата за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ.

– Полска ќе ги намали акцизите за бензинот и ДДВ за гасот и електричната енергија за неколку месеци и ќе им обезбеди на граѓаните парична помош за да го олесни товарот од повисоката инфлација, соопшти денеска полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

– Од почетокот на пандемијата во Европа умреле над 1,5 милиона лица, а неколку земји повторно воведуваат ограничувања за да ја потиснат рекордната стапка на заразени, пренесуваат денеска француските медиуми.

– Швајцарката Мирјана Шпољарич Егер ќе биде првата жена што ќе биде претседателка на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ИЦРЦ), соопшти денеска ИЦРЦ.

– Египетски суд денеска осуди 22 исламистички борци на смрт со бесење за 54 напади, вклучително и обид за атентат врз поранешен министер за внатрешни работи, изјави судски извор за Франс прес, пренесува БГНЕС.

– Тројца либански судии поднесоа оставка поради политичко мешање во судството, вклучително и во истрагата за минатогодишната експлозија во Бејрут, изјави денеска судски извор, пренесува БГНЕС.

Возачот на Алпин, Фернандо Алонсо одговори на прашањето што мисли за можноста да ја освои третата титула во Формула 1. – Секако дека такво нешто ќе ми значи многу. Но, не можам да кажам дека очајно се стремам кон ова, дека титулата целосно ќе ја промени мојата кариера, мојот поглед на Формула 1. Обожавам да се натпреварувам и во наредните години ќе направам сè што е во моја моќ. Првенството би ми значело многу – можеби во однос на генерациите што доаѓаат. Тоа би покажало дека секогаш треба да се борите до крај и да се стремите кон извонредност. Не е важно дали имате 19 или 43 години, треба да одржите многу јасен пристап кон трките. Ова е стил на живот, апсолутна посветеност на „Ф1“, изјави Шпанецот.

– Во следните денови под влијание на циклонска активност во Медитеранот ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои во западните делови ќе бидат пообилни и поројни, соопшти УХМР.

Back to top button
Close
Close