МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

20 септември 2021

20 септември 2021

– Постапката за добивање безбедносни сертификати се спроведува во рамките на строго законски определена постапка и таа започнува со поднесување барање за издавање на безбедносен сертификат до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во согласност со член 45 од Законот за класифицирани информации, соопшти денеска Агенцијата за национална безбедност во врска со безбедносните сертификати на лицата поврзани со случајот со приведувањето и одредување екстрадициски притвор на Миле Миленкоски во Србија по црвена потерница од страна на Интерпол.

Економската соработка помеѓу Северна Македонија и Германија беше главна тема на разговор на работната средба во Берлин на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи со државната секретарка во германското Федералното министерство за економија и енергетика, Клаудија Доер Вос.

– Во првиот рок за аплицирање на повикот за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, кој траеше од 1 до 30 август, пристигнале  21 693 апликации, а прифатени се 18 149 соопшти  Министерството за образование и наука. Повикот беше наменет за студентите од втора и повисоките години на студии. Апликациите се разгледани од надлежна комисија во МОН која одлучи за прифатените.

– Националната опера и балет новата сезона ќе ја започне со нови музички инструменти и опрема за озвучување и осветлување, донација од грант на владата на Јапонија за поддршка на културата во износ од 663.000 евра.

– Секоја среда Националната организација за јавно здравје на Грција ќе објавува податоци за децата од 4 до 17 години кои се заразени со Ковид-19, соопшти портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

 Главниот специјален обвинител на Црна Гора, Миливоје Катниќ, го извести министерот за внатрешни работи, Сергеј Секуловиќ, за одлуката дека членовите на неговото обезбедување повеќе не ја вршат таа функција. Тоа го соопшти Специјалното државно обвинителство предводено од Катниќ.

– Дел здруженија на вработени во јавниот сектор во Словенија се противат на владината одлука – сите државни службеници да мора да се вакцинираат со двете дози на вакцината  против Ковид-19 до 1 ноември, а синдикатот на полициските службеници денеска потврди дека побарале од Уставниот суд да ја преиспита нејзината уставност.

–  Преговорите за договор меѓу ЕУ и Австралија најверојатно ќе бидат прекинати поради противење Франција на која Канбера и откажа договор за подморници вреден милијарди, јави Политико. Според изјави на француски претставници државата тешко дека ќе учествува во такви разговори.

– Здравствените работници во градот Лиеж, на југот на Белгија, го вклучуваат алармот и стравуваат од нов бран, пострашен од претходните, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш предупреди на можноста од нова студена војна и ги повика Кина и САД да го поправат својот „целосно нефункционален“ однос пред проблемите меѓу двете суперсили да се прелеат на остатокот од планетата.
– Компанијата Фајзер денеска соопшти дека нејзината вакцина против коронаирусот е ефикасна и безбедна за деца на возраст од пет до 11 годишна возраст и дека наскоро ќе побара одобрување од американските власти за употреба.
Кошаркарскиот клуб „Баскет Кам“ од Македонската Каменица продолжува да го „гради“ тимот во пресрет на првото учество на екипата во ВАБА натпреварувањето. По неколкуте потписи од врвни имиња во женската кошарка, освојувачот на дуплата круна во македонската женска кошаркарска конкуренција, ја договори и искусната 31 годишна поранешна српска репрезентативка Кристина Балтиќ – Пуљизовиќ која е ново име кај „рударките“.
Тренерот на Челзи, Томас Тухел, изјави дека напаѓачот Ромелу Лукаку во иднина може да стане капитен на тимот. – Лукаку е спортист од највисоко ниво, сака тренинзи, секогаш има насмевка на лицето, сака да победи на секој турнир. Тоа е добро. Тој дава пример за другите. Дали може да стане капетан? Да, мислам дека може да биде. Но, сега не е време за размислување, имаме прекрасен капетан. Главната работа е дека Ромелу се однесува како капитен, и ова е поважно отколку само да имаш капитенска лента, изјави Тухел за „Скај спортс“.
 Од утре до четврток нашето подрачје ќе биде под влијание на значително постудена воздушна маса, времето ќе биде променливо облачно и значително посвежо. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Дневните температури ќе опаднат за околу 10 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

 

Back to top button
Close
Close