МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

25 октомври 2021

25 октомври 2021

– Комисијата за следење на изборни нерегуларности постапува по сите примени поднесоци, пријави, како и сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со организирањето и спроведувањето на изборите, велат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

– Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, денеска изврши увид во целосно реновираните простории на Регионалиот центар за управување со кризи (РЦУК) Штип и оперативниот центар 112.

– Одржливиот развој мора да биде врвен приоритет за сите, во сите наши акции и одлуки. Ова е заклучокот од настанот организиран по повод Денот на Обединетите нации во Северна Македонија, што се одржа во Градскиот парк во Скопје, на кој присуствуваа претставници на државните институции, граѓанското општество, академските кругови и дипломатскиот кор.

– За девет месеци откриени се 124 странски државјанки кои нелегално престојувале и работеле пред се во угостителски објекти во тетовскиот регион. Жените се претежно од  соседни земји, но и од подалечни држави.

– Не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик од страна на радиодифузерите во тек на известувањето во првиот круг од кампањата за Локалните избори 2021, покажува Извештајот за медиумското известување за периодот од 27 септември до 15 октомрви, што го објави денеска Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

– Уметникот Горан Ристовски наслика мурал со мотиви од творештвото на истакнатиот писател и општествено – политички работник, Владо Малески на фасадата од јужната страна на центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

– Доајенот на македонското глумиште, актерот Петар Мирчевски-Пепи е  годинашен добитник на највиското признание на Општина Битола, наградата за животно дело „4 Ноември“.

– Во Словенија поради влошување на епидемиолошката ситуација интензивирана е контролата на патници во јавниот превоз, а се размислува и за воведување на дополнителни мерки, иако засега не се најавуваат од Владата. Во изминатите 24 часа потврдени се 707 новозаболени лица, што е речиси двојно повеќе од пред седум дена. За еден ден регистрирани се 11 смртни случаи.

– Европските министри за енергија ќе се состанат утре вонредно за да дискутираат за енергетска и економска криза со која се соочува ЕУ, таборите се длабоко поделени околу начинот на справување, јавува дописничката на МИА од Брисел.

– Повеќе од половина од кинеските компании што работат во Европа (62 проценти) веруваат дека за нив е влошена политичката клима и дека, меѓу другото, за тоа се виновни „медиумските дезинформации“, што е патот што го користи и Кинеската комунистичка партија да се дискредитира критиката, пренесува Еуроактив.

– Германија изрази „загриженост“ и „неразбирање“ по изјавата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за протерувањето на десет западни амбасадори. Портпаролот на германската Влада, Штефан Зајберт изјави дека Берлин не добил „официјално соопштение“од Анкара.

– Раководството на Фејсбук се мешало во работата на социјалната мрежа, давајќи им на политичари привилегирана позиција при објавување, и покрај сопствените правила, пишува „Фајненшл тајмс“ цитирајќи извадоци од истрагата на „Фејсбук Пејперс“ (Facebook Papers) спроведена врз основа на сведочењето на Френсис Хоган, поранешен вработена во компанијата.

 Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах постигна хет-трик на вчерашниот натпревар во Премиер лигата против Манчестер Јунајтед (5:0). Ова се 105., 106. и 107. голови на Египќанецот во Премиер лигата.

 

Back to top button
Close
Close