МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

22 октомври 2021

22 октомври 2021

– Министрите за одбрана на 30-те земји – членки на Алијансата за време на дводневните состаноци на Северноатлантскиот совет ги усвоија целите на способности за Северна Македонија, за прв пат по членството на нашата земја во Алијансата, соопшти Министерството за одбрана.

– Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид на покана на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ќе престојува во посета на Северна Македонија.

– Шестите Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ денеска ќе завршат со организирана посета на Спомен-домот на Блаже Конески во Небрегово  и на подновената училница во којашто учел Конески.

– „Важноста на земјоделските задруги и идни активности за развој на задружното движење во Република Северна Македонија“ е темата на денешниот завршен настан од проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“.

– Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот денеска на прес-конференција ќе ги промовира придобивките за компаниите од учеството на најголемиот саем во светот за безбедност и здравје при работа во Дизелдорф, Германија.

– Здружението за борба против рак „БОРКА – За секој нов ден“ со виртуелна национална прес-конференција на тема „Справувањето со предизвиците во борбата со ракот на дојка“ денеска во Скопје ќе го одбележи Светскиот месец за борба против ракот на дојка.

 Продолжува скринингот за Ковид-19 во основните и средните училишта, а досега не е откриен ниту еден позитивен случај. Од почеток на пандемијата досега во државата од Ковид-19 починале над 7.000 граѓани. Ревакцинирани се 46 отсто од полнолетната популација, а во битката против Ковид-19, Министерството за здравство ќе го набави и лекот „Молнупиравир“.

– Дуото пијанистки Нина Костова и Ивона Базгалоска вечер од 20 часот ќе имаат концерт во Музејот на македонската борба во рамки на фестивалот „Златна лира“.

–  Во КСП-Центар-Јадро вечер во 20 часот ќе биде отворена самостојна  изложба „Consutum“ на Ана Спасова, која дипломира и магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во областа графика, во класата на ред. проф. м-р Мирко Вујисиќ и работи како асистент на Катедрата по графика при ФЛУ.

 Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган критикуваше амбасадори на 10 држави кои повикаа на ослободување на уапсениот филантроп Осман Кавала нарекувајќи ги нивните барања – неодговорни. Ердоган сугерирал дека амбасадорите на тие држави меѓу кои Франција, Германија и САД не се добредојдени во Турција.

 – Вработените членови на Синдикатот за образование на Србија денеска ќе одржат предупредувачки штрајк – нема да се одржи првиот час во прва смена и првиот час во втора смена, соопштија вчера од синдикатот.

– Франција ги замрзна цените на гасот за домаќинства до крајот на следната година, изјави премиерот Жан Катекс, појаснувајќи дека одлуката е донесена по наглото зголемување на цените на енергенсите.

– Најжешката тема на ЕУ самитот – цените на енергијата и кризата која им претстои на граѓаните на ЕУ – заврши без силен одговор од страна на лидерите на ЕУ, јавува дописничката на МИА од Брисел.

– Американската морнарица и армијата спроведоа три тестирања на прототип на компоненти од нивната програма за хиперсонично оружје, соопшти Пентагон, оквалификувајќи ги тестовите како успешни.

–  САД ќе го заштитат Тајван доколку Кина го нападне, изјави американскиот претседател Џо Бајден. На прашањето дали САД имаат обврска да го бранат Тајван, Бајден рече дека САД ќе му помогнат на Тајван, кој се пожали на зголемениот воен и политички притисок од Пекинг да го прифати кинескиот суверенитет.

– Македонската женска фудбалска репрезентација ја забележа првата победа во квалификациите за пласман на Светското првенство 2023 година, триумфирајќи вечерва на гостински терен во Рига над Латвија со 4-1 (2-1).

– Наутро по одделни котлини и речни долини со појава на магла и ниска облачност. Преку денот сончево со мала до умерена, а кон крајот на денот со зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец, поизразен во западните делови. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 9, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени. Во Скопје, наутро со појава на магла и ниска облачност, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне 19 степени.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close