МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

27 октомври 2021

27 октомври 2021

Скопје – Претседателката на ОИК Кисела Вода, Татјана Алексовска Сапунџиоска, денеска им ги врачи уверенијата на новиот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и на членовите на Советот на општината.

Како што соопштија од Општината, по примањето на уверението, Ѓорѓиевски се обрати пред присутните, заблагодарувајќи се на сите кои му ја дадоа довербата. Тој ја истакна својата интенција за раководење на општината на транспарентен и чесен начин, во интерес на граѓаните, заеднички со Советот, за кој изрази надеж дека ќе функционира одлично и покрај неговата политичка шареноликост.

Скопје – Само кај нас луѓето одат по коловози, а на тротоарите се возилата и затоа ќе ги ослободиме тротоарите од возила, етапно и паралелно со решавање на паркирањето, најави денеска Наташа Котлар, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Центар.

– Ќе ја прошириме пешачката зона околу плоштадот ,,Македонија”, ќе направиме сврзна, проширена и безбедна велосипедска мрежа, велосипедски паркинг во секое училиште и установа, систем за изнајмување на велосипеди, ден без автомобили – во чекор со најдобрите светски практики. За Центар, со душа!, изјави Котлар.

Кочани – Амбасадата на Република Словенија денеска подари традиционален словенечки пчеларник на Земјоделскиот институт при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.  Под мотото „Пријателството е таму каде што се пчелите“, настанот што се случи во единицата Институт за ориз во Кочани го истакна значењето на пчелите во зачувувањето на природата и словенечката поддршка на македонското пчеларство.

– Ја предаваме оваа симболична донација во чест на Светскиот ден на пчелата, кој од декември 2017 година се одбележува по иницијатива на Словенија. Смислата на овој ден не е само да се сврти вниманието кон овие значајни суштества во нашиот секојдневен живот, туку тоа е поттик за дебата за нашето однесување кон планетата – да размислуваме за тоа како да ја јакнеме свеста против климатските промени. Пчеларството може да ги поврзува Словенија и Македонија, истакна во своето обраќање словенечкиот амбасадор Милан Предан.

Штип – Досегашниот градоначалник на Свети Николе, Сашо Велковски денеска му ја предаде градоначалничката функција на неговиот наследник Дејан Владев.

Велковски на својот Фејсбук профил објави дека Општина Свети Николе ја остава во одлична финансиска состојба со салдо од 41,6 милиони денари, од кои 25 милиони денари на редовната сметка и 16,6 милиони денари на наменската сметка за институциите под ингеренција на локалната самоуправа.

Кавадарци – Новоизбраните 19 советници и градоначалникот Митко Јанчев денеска ги примија уверенијата од кавадаречката општинска изборна комисија.

Јанчев посака плодна работа, со реализација на проекти во интерес на сите. Тој потсети дека мнозинството со десет советници го има ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата. Пет советнички места има СДСМ со коалиционите партнери. Тројца советници добија мандат како кандидати од две независни советнички листи. Свој претставник во Советот има и Левица.

Скопје – Кандидатот на ГРОМ за градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска најави реконструкција на сите спортски игралишта во општината. Терените кои се
изградени со самопридонес ќе добијат нови рефлектори, ќе бидат обновени оградите и секаде ќе биде поставена вештачка трева.

Струга – Кандидатот за градоначалник на Општина Струга од Алијанса на албанците и Алтернатива Идри Истрефи денеска на прес-конференција го обвини актуелниот градоначалник Рамиз Мерко за кражба на милиони евра од општинскиот Буџет.

Според него, манипулацијата трае неколку години, односно од вториот мандат на Мерко, преку концесија за јавно осветлување со фирмата „Сити лајт“.

Охрид – Кандидатот за градоначалник на Охрид на СДСМ, Константин Георгиески, денеска посочи на само неколку дена пред вториот изборен круг противкандидатот поддржан од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ јавно признал дека план му е, како што рече, „Охрид да го врати назад во минатото и дека ќе биде слуга и маша на личните и бизнис интереси на поединци“.

– Кирил Пецаков, откако помина речиси целата кампања и на само неколку дена пред вториот изборен круг, јасно кажа дека планира да ги поништи сите наши досегашни заложби, големата посветеност, исполнувањето на препораките и почитувањето на законите, поради кои Охрид го зачува статусот на УНЕСКО. Пецаков заедно со криминалното ВМРО-ДПМНЕ има намера повторно да го издава под концесија најатрактивниот и најзаштитениот дел од крајбрежјето на нашето Охридско Езеро, предупреди Георгиески.

Тетово – Тетовската градоначалничка и кандидатка за нов мандат Теута Арифи на прес-конференција порача дека вториот круг од Локалните избори за Тетово значи избор за одење напред кон европски, зелен и модерен град или враќање назад. Таа рече дека тетовчани оваа недела ќе одлучат за иднината на општината.

-Нашата визија за Тетово е европска – тоа значи европски стандарди во однос на инфраструктурата, транспарентноста во администрацијата, заштитата на животната средина и пред се, животниот стандард на граѓаните. Јас сакам Тетово да биде модерен, европски град, со највисок квалитет на живот за сите граѓани.  Го претставив мојот план за следните четири години, со реални и остварливи проекти, кои ќе го направат Тетово модерна општина достојна за живеење – со одржливи решенија за сообраќајното прашање, со политика на нулта толеранција на отпад, кучиња скитници и казина. Во следните четири години Тетово ќе биде зелена, модерна и европска општина, рече Теута Арифи.

Скопје – Без вода утре од 9 часот ќе бидат корисниците од раскрсницата „Орце Николов“, на потегот од улиците „Ѓорѓи Пулевски“ до „Костурски Херои“, дел од улиците „Дане Крапчев“ и „Дебарца“, како и цела „Славка Недиќ“ во скопско Дебар Маало.

Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информираат дека причината за прекинот е промена на водоводен затворач Ф80 милиметри на раскрсницата на „Орце Николов“ со „Дане Крапчев“.

Кичево – Во просториите на Општинската изборна комисија денеска беа врачени уверенијата на 11-те членови од новиот советнички состав во Општина Македонски Брод, во кој што има советници од четири политички партии и четворица советници од независни листи.

Новиот советнички состав го сочинуваат четворица советници од независни листи, тројца советници од СДСМ и коалицијата, двајца од ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата и по еден од партијата„ Левица“ и од „Единствена Македонија“.

Тетово – Кандидатот за градоначалник на Тетово од редовите на Движење Беса,  Биљал Касами одржа прес-конференција пред зградата на општината осврнувајќи се на тоа како ќе работи локалната самоуправа со негово раководтство. Тој посочи дека ќе се залага за правилно и ефикасно функционирање на општинската администрација.

-Оптималното управување со човечките ресурси не само што ја зголемува функционалноста на општината, туку ја зголемува и ефикасноста на услугите за граѓаните. Мојот тим и јас сме посветени на едно ефикасно управување, профитабилно претпријатие во служба на граѓаните. Општинската администрација е одраз на развојните цели и политики. Успешното управување со општината е поврзано со квалитетот на општинската администрација. Нефункционалната администрација е бариера за продуктивни инвестиции. Движењето Беса ќе направи длабоки реформи во администрацијата и во управувањето на општинските претпријатија, пренесувајќи ги вредностите на ЕУ преку добра администрација која ќе биде во служба на граѓаните и ќе промовира заштита на јавниот интерес, истовремено почитувајќи ги правата и интересите на граѓаните. Воведувањето на технолошките иновации и прилагодување на општинската администрација со светските трендови ќе биде приоритет за Движењето Беса, изјави Касами.

Неготино – Примопредадена е градоначалничката функција во Неготино, откако претходно, Општинската изборна комисија му го додели на Горан Стојанов, уверението за новоизбран градоначалник.

Во кабинетот, тој се ракуваше со Тони Делков, досегашен градоначалник на Неготино.

Скопје – Заради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа утре без електрична енергија ќе останат дел од корисниците од општините Кисела Вода, Центар, Ѓорче петров и Студеничани, соопштуваат од РЦУК – Скопје.

Во периодот од 8:30 до 10:30 часот без напојување со електична енергија ќе останат корисниците од улиците „Добромир Хрс“ и „Лазар Димитров“, а од 08:30 до 12:00 часот од улицата „Зеленгора“, Општина Кисела Вода. Исто така, од 08:30 до 12:30 часот без  струја ќе бидат објектите на бул. „Гоце Делчев“ во близина на Бензиската пумпа – „Макпетрол“ спроти поранешниот Саем, како и околните објекти на кејот „Димитар Влахов“ до зградата на МРТВ, Општина Центар.

Охрид – Кирил Пецаков, кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ најави проекти за „нова и светла иднина во населбите Воска, Далјан, „15 Корпус“ и „Железничка“.

За жителите во населбите Воска и Далјан предвидено се реконструкција на ПОУ„Св. Климент Охридски” и партерно уредување, изградба и реконструкција на современо детско игралиште, реконструкција на пешачка патека Лабино-Далјан, партерно уредување на зелениот простор кај стадионот Грашница, како и партерно уредување на речното корито на река Грашница.

Скопје – Во Општина Илинден денеска официјално беше извршено примопредавање на функцијата градоначалник, меѓу новоизбраниот градоначалник Александар Георгиевски и досегашниот Жика Стојановски.

Александар Георгиевски како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата уште во првиот круг на седмите локални избори што се одржаа на 17 октомври 2021 година ја обезбеди довербата на граѓаните да ја води Општина Илинден во наредните четири години.

Back to top button
Close
Close