МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

22 октомври 2021

22 октомври 2021

Скопје – Општина Карпош заврши со реконструкција на кракот на улицата „Драгиша Мишовиќ“, во населбата Карпош 3 (пред градинката „Орце Николов“).

Од ова скопска општина информираат дека станува збор за обнова на коловоз од 80 метри и ширина од седум метри, а реконструирани се и пешачките делови. Вкупната асфалтирана површина изнесува 1.600 м2.

Куманово – Традиционалната манифестација „Денови на мед Куманово 2021“, денеска беше отворена на градскиот плоштад. Организаторот, здружението „Пчела“ поради временските услови ја откажа манифестацијата која требаше да биде отворена во првата половина на октомври. На 21-та манифестација учествуваат десетина излагачи кои ќе понудат мед и други производи по саемски цени.

– Оваа година временските услови не ни беа наклонети ниту за пчелите, екстремна суша, топлина, сега и нам врнежи. Сепак, одлучивме да го организираме настанот. Климатските фактори секоја година посилно влијаат врз пчелите, но се бориме и правиме напори да ја подобриме состојбата со садење медоносни дрвја, изјави претседателот на здружението, Горан Митевски.

Куманово – Движењето „Одлучно за промени“ утре во атар на село Орашац организираа акција за садење на дрвја на која ќе засадат над 1000 садници, информираше на денешната прес-конференција, неодамнешната кандидатката за градоначалник од движењето Теодора Димитровска. На овој начин, движењето поддржано од ЛДП и ДОМ сака да покаже дека секој глас значи.

– Движењето „Одлучно за промени“ ќе посади онолку дрвја колку што добивме гласови. Програмите се само лист хартија, доколку не бидат исполнети и реализирани, така што како движење одлучивме да го исполниме она што граѓаните го дадоа-нивната доверба. Ќе засадиме над 1.000 дрвја колку што добивме јас како кандидат за градоначалник и листата на советници-изјави Димитровска.

Гевгелија – Проектот насловен „Лазаренки“ од етнологот и антрополог Боркица Мурџева, посветен на женските поворки од селото Серменин кои пееле празнични лазаренски песни, синоќа беше промовиран во салата на Народниот театар во Гевгелија.

Пејачката група при ансамблот„Бојмија“ ги изведуваше песните од обредните дејствија кои во селото Серменин традиционално се одржувале на Лазарева сабота, ден пред празникот, кога девојките ги посетувале куќите на семејствата во селото пеејќи им лазаренски песни кои најчесто биле со оптимистички содржини за здравје, благосостојба и напредок, посочи авторот на проектот кој е поддржан од Министерството за култура.

Штип – Повозрасните штипјани побрза да ја примат и трета доза на вакцина против коронавирусот. Пред вакционалниот пункт во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ веќе трети ден има долга редица од граѓани, кои чекаат да се вакцинираат.

Граѓаните кои чекаа да ја примат вакцината велат дека биле вакцинирани со една од кинеските вакцини, а во интерес на нивното здравје, но и на најблиските се одлучиле да ја примаат и третата доза, но овој пат на „Фајзер“. Полициски службеници се ангажирани да ставаат ред пред вакционалниот пункт.

Делчево – Во Делчево започна вакцинацијата со трета доза против КОВИД-19. Вакцинацијата како што информираше Марија Глигоровска, директор на Здравствен дом ,,Гоце Делчев”,  ќе се одвива секој работен ден во периодот од 7 до 11 часот.

-Засега има почетен интерес од страна на граѓани кои досега имаат примено две дози вакцини. Терминот од 7 до 11 е одбран за да да не се создаваат непотребни гужви, бидејки по 11 часот се прават систематските прегледи на учениците, истакна Глигоровска.

Тетово – Во изминатиов период од работната недела Општинска организација на Црвен крст Тетово организираше низа активности за младата популација и постарите лица.

-За постарите лица односно пензионери во просториите на пензионерски дом, во соработка со нашиот партнер ПЗУ Медика Центре им се измери шеќер во крвта, се разговараше за нивните потреби и како да им се помогне преку нашите сервиси, информира Шкљќим Мурати, секретар во центарот.

Кавадарци – Се вршат градежни активности во Кавадарци како дел од проект за две улици, инвестиција вредна 3.500.000 денари, информираат денеска од локалната самоуправа.

– Деновиве на една од најпрометните улици во градот, улицата ,,Пионерска”, се изведени сите потребни работи за замена на дотраениот асфалт, до подготовка за замена на целокупниот носечки тампонски слој и ново асфалтирање на улицата. Истата е во должина од 440 метри и површина од 3300 квадратни метри.  Оваа реконструкција е во рамките на ,,Проектот за поврзување на локални патишта’. Средствата се доделени од Владата преку заемот на Светска банка, а ќе се реализира од страна на Министерството за транспорт и врски, со цел подобрување на локалната патна инфраструктура. Во овој проект се улиците ,,Пионерска’’ и ,,Илинденска’’, појаснуваат од локалната самоуправа.

Кавадарци – Локалната самоуправа во изминатиот период изврши промена на режимот на сообраќај. Улици кои беа двонасочни, сега се еднонасочни, информираат денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

– Улицата ,,Диме Поп Атанасов’’ е дозволена за сообраќај од спојот со улица ,,Ресавска’’ кон спојот со улица ,,Пионерска”. Улицата ,,Дешка Тошева’’ е дозволена за сообраќај во насока од спојот со улица ,,Вишешница’’ кон спојот со улица ,,Ресавска’’. Улицата ,,Ѓорѓи Сугаре’’ е дозволена за сообраќај во насока од спојот со улица ,,Ресавска’’ до спојот кон улицата ,,Вишешница’’. Улицата ,,Словенска’’ е дозволена за сообраќај од спојот со улица ,,Љубашка’’ до спојот со улица ,,Прилепска’’ и улица ,,Игман’’, и од спојот со улица,,Прилепска’’ кон спојот со улица ,,Љубашка’’, појаснуваат од кабинетот на градоначалникот.

Скопје – ЈСП Скопје од понеделник (25.10.2021 ќе стартува автобуска линија 29 која ќе сообраќа од Жданец, преку Трнодол, до Карпош 3 („Сити мол“) и обратно.

– Линијата ќе профункционира на барање на жителите на Жданец и Трнодол, за да им се олесни пристапот до централниот дел на општината и градот, а истовремено и како предлог решение за организиран јавен превоз од/до посочените населени места, имајќи го во предвид проектот за новата мрежа на линии од јавниот транспорт во Градот Скопје, соопшти ЈСП Скопје.

Back to top button
Close
Close