МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

20 септември 2021

20 септември 2021

Скопје – Министерството за внатрешни работи соопшти дека вчера, во рамки на засилените акциски контроли, на територијата на Скопје се регистрирани вкупно 178 прекршоци.

За возење повеќе од дозволената брзина изречени се 94 санкции, 21 за возење без возачка дозвола, 12 за возење под дејство на алкохол, седум за технички неисправни и нерегистрирани возила.

Скопје  – Во текот на вчерашниот ден спроведена е зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање прекршоци што ги чинат возачите на мотоцикли, при што санкционирани се 86 возачи.

Од нив, како што денеска соопштија од МВР, 18 возеле без возачка дозвола, 51 возач не користеле заштитна кацига за време на возење, шест мотоцикли се одземени поради истечена сообраќајна дозвола и предизвикување голема бучава, а санкционирани се и други прекршоци.

Скопје – Вкупно 1.037.309 лице, 323.286 домаќинства и 438.705 станови се попишани заклучно со 20 часот вчера, објави денеска Државниот завод за статистика.

Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле – 193.370 лица.

Скопје – Со вчерашното ноќно бележење на реконструираниот коловоз булеварот „Крсте Мисирков“ кај МАНУ беше завршен за рекордно време од 16 дена и од денеска е отворен за сообраќај, соопшти Град Скопје.

Овој многу фреквентен дел од булеварот „Крсте Мисирков“, како што се посочува, изминативе денови се реконструираше на потегот од зградата на МАНУ до крстосницата кај „Мавровка“, во должина од 550 метри.

Скопје – Водата во Скопје е безбедна и квалитетна за пиење, информираат од ЈП „Водовод и Канализација“ – Скопје.

Секторот за санитарна контрола во периодот од 13-17 септември 2021 земал 186 примероци за физичко-хемиска и 186 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 43 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Скопје – Прекин на водоснабдувањето денеска од 9:20 часот ќе имаат дел од корисниците од Качанички пат.

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира дека прекин на водоснабдувањето ќе има поради водоводен приклучок ф-150 мм на Качанички пат бб.

Скопје – Од 8 до 15.30 часот утре (21 септември) без електрична енергија ќе бидат корисниците на дел ул. „Ѓорѓи Сугаре“ 16 и од ул. „Михаил Чеков“ број 4 и 9 во општина Кисела Вода, соопшти Центарот за управување со кризи по известување од ЕВН Македонија а.д..

Од12 до 14 часот утре струја ќе немаат и корисниците на ул. „Евлија Челебрија“ 1 и Детскиот театар Центар во општина Чаир, а од 9 до 12 часот и корисниците на дел од ул. „Јустинијан Први“, КАМ Маркет, Дисконт ГИГО Трејд и околните објекти до автобуската станица во општина Кисела Вода, како и корисниците од ул. „Леринска“ – објектите со број 62А, 62Б, 64А, 64Б, 66А и 66Б во општина Карпош.

Скопје – Водостојот на повеќето реки низ државата е под просекот за септември, освен Вардар кај Демир Капија, покажуваат дневните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи. Значително намалување под просекот имаат реката Треска кај Македонски Брод, Пчиња кај Пелинце и Црн Дрим кај Ложани.

Водостојот на Охридското Езеро изутринава во 7:30 часот бил за 18 сантиметри под просекот во септември, Преспанско Езеро било за 1,65 метри под просекот за овој месец од годината, а Дојранското Езеро било 2,54 метри над просекот за септември, покажуваат дневните мерења на УХМР. Температурата на водата измерена денеска во 7:30 часот на Охридското Езеро изнесувала 20 степени, на Преспанско Езеро 19.5 степени и на Дојранско Езеро 23.6 степени.

Скопје – Времето денеска во државава ќе биде малку до умерено облачно и нешто потопло, најави Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Во западните делови повремено значително облачно со краткотраен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од западен правец, особено изразен во западните делови. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17, а максималната ќе достигне од 26 до 35 степени. Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне 32 степена.

Охрид – Во организација на НАТО Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) и Центарот за управување со Кризи (ЦУК), на подрачјето на Охрид и Струга од денеска до 24 овој месец ќе се одржува вежбата „Северна Македонија 2021“.

Како што беше најавено на прес-конференцијата за вежбата, станува збор за сценарио за справување со последиците од катастрофален земјотрес што би го зафатил Охридско-струшкиот регион и начинот на искористувањето на своите ресурси, како и помош од партнерите од НАТО во услови кога се исцрпени сите постоечки капациети за справување со кризата.

Скопје – Во НУЦК „Tрајко Прокопиев” во Куманово вечер од 19.30 часот ќе биде прикажан 60-минутниот долгометражен филм „ТМ“, снимен според сценарио и режија на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов, кој е нивни втор долгометражен филм по филмот „Копање“ од 2018 година.

Главните улоги ги играат Ивица Димитријевиќ и Наталија Теодосиева, а учествуваат и Гораст Цветковски, Димитрија Доксевски, Александар Ѓоргиески, Драгана Костадиновска, Џано Куч, Срѓан Јаниќијевиќ, Александар Степанулески, Сашо Алексиевски, Марко Крстевски и Владица Младеновски.

Куманово – Идните локални власти да покажат разбирање и грижа за занаетчиите, да им помогнат со мерки и субвенции, да го задржат еснафот во градовите. Занаетчиите се тие кои ја креваат локалната економија, со свои донации и вредните раце се оние кои ги изградиле градовите, затоа занаетчиската комора бара поддршка во овој кризен период за намалување на негативните економски ефекти предизвикани од корона-кризата.

Намалување на фирмарина, на закупнина, на данок на имот, на комунални такси додека трае пандемијата бараат занаетчиите од идните локални власти. Занаетчиската комора бара кандидатите за градоначалници, носителите на советнички листи од партиите, коалициите и групите избирачи во програмите со кои настапуваат на локалните избори да определат мерки и финансиски средства со кои ќе предвидат намалувања на даноците кои се прибираат во општинските каси и субвенционирање на старите занаети во сите општини во државата.

Росоман – Саниран и реконструиран е изливен базен за вода за пиење во росоманското село Сирково, информираа денеска од Општина Росоман. Средствата за реализација на проектот се обезбедени од општинскиот буџет, во износ од 751.456,00 денари.

-Ова значи дека имаме можност за акумулирање на повеќе вода за пиење во критични периоди, за околу 700 жители на селото, појасни за МИА, градоначалникот на Росоман, Бранко Јанев.

 

 

 

 

 

 

 

МИА Бриф 5+5

 

ОЈО отвори истрага против 30-годишен осомничен дилер од Скопје

Продолжен рокот за програмата за размена на искуства за транзиција од јаглен кон еколошки извори на енергија

Back to top button
Close
Close