МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

17 август 2022

17 август 2022

Скопје – Во изминатите 24 часа направени се 1.231 тестирање, а регистрирани се 521 случај на КОВИД-19, од кои 120 се реинфекции. Оздравени се 485 пациенти, а пријавени се три починати лица. Во моментов активни се 3.595 случаи на КОВИД-19 во земјава, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје.

Од новозаболените, најголем број се во Скопје-201, од Битола – 36, Куманово – 28, Охрид – 27, Кавдарци – 23, Велес – 19, Кочани – 17, Штип и Гевгелија – по 13, Прилеп, Тетово и Струмица – по 12, Ресен – 11, Струга и Делчево – по 10, Неготино – 9, Гостивар – 8, Кичево и Радовиш – по 7, Крива Паланка, Берово и Кратово – по 6, Свети Николе и Виница – по 5, Дебар и Богданци – по 4, Валандово, Пробиштип, Демир Хисар и Пехчево – по 2, Македонски Брод и Демир Капија – по 1.

Скопје – ЈП „Градски паркинг“ – Скопје соопшти дека набави нови 70 апарати (смарт телефони), кои ќе се користат за контрола на паркирањето, односно наплатата на паркирање, како и проверка на правилно, или неправилно паркирање.

Апаратите денеска им беа презентирани на вработените контролори кои ќе раководат со нив и веќе се пуштени во функција.

Скопје – Екипи на ЈП „Улици и патишта“, по налог на Град Скопје, деновиве интензивно работат на санација на пешачката патека која се наоѓа на насипот на река Вардар, информираат од скопската локална самоуправа.

– Патеката која е во насока од мостот „Обединети Нации” во долниот дел кон мостот кај хотел „Александар Палас” е оштетена на повеќе места и на неа се санираат оштетените бехатон плочи, се менуваат оштетените рабници, како и  оштетените заштитни столбчиња, соопштуваат од Град Скопје.

Скопје – Врз основа на јавниот повик за финансиска подршка за поправка и санација на постоечки кровни конструкции и постоечки лифтови во станбените згради на подрачјето на Општина Центар, оваа година одобрени се субвенции за реконструкција на девет лифтови и еден покрив на колективни станбени објекти постари од 15 години. Од Општина Центар информираат дека вкупната сума обезбедена за јавниот повик изнесуваше 3.000.000 денари, а искористени се 1.873.394 денари.

Од општинската прес-служба посочуваат дека заедниците на станари аплицирале за поправка на лифт за кој со технички преглед, извршен од овластено акредитирано независно правно лице, е утврдено дека е технички неисправен и/или за модернизација на лифтови и нивно усогласување со безбедносните барања и подобрување на безбедноста на постојните лифтови во согласност со Законот за техничка инспекција и Правилникот за користење лифтови и транспортери.

Скопје – Општина Кисела Вода соопшти дека стартува проектот „Ранче за секое прваче” дека во екот на огромните поскапувања кои посебно се изразени кај училишниот материјал и се движат околу 50 проценти во однос на претходните години, обезбедиле училишни чанти за сите првачиња.

Од општината посочија дека 625-те првоодделенци од сите 11 основни училишта ќе добијат и бесплатни тетратки и училишен прибор. Овој проект, како што истакнуваат, има за цел да им овозможи финансиско олеснување на сите семејства кои годинава за своето прваче, само за чанта и прибор, требаше да издвојат околу 6000 денари.

Скопје – Екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве започнаа со хортикултурно уредување на нова зелена површина на булеварот „Партизански одреди“ во општина Ѓорче Петров, информираат од Град Скопје.

-На неуредената јавна површина на овој потег се реализираат активности за формирање нов зелен коридор на вкупна површина од 500-тини квадратни метри. Во текот на активностите на оваа локација ќе се изврши прекопување на површинскиот слој на земја, рамнење на површината и нанесување на нова квалитетна почва. На површината се поставува систем за полевање, а ќе се формира и тревник по што планирано е засадување садници, веднаш штом се создадат поволни временски услови, соопштуваат од скопската локална самоуправа.

Скопје – На граничниот премин „Табановце“ се чека околу 30 до 40 минути за влез во државата, а на преминот „Богородица“ околу 40 минути за излез од државата. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти Автомото сојузот.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини, како што се посочува, е зголемен.

Скопје – Во непосредна близина на автопатот Миладиновци-Штип ќе бидат пошумени 10 хектари слободна површина, како дел од кампањата „Пошумуваме заедно за позелено утре“, проект на „ДМ-Дрогерие маркт“ во соработка со ЈП „Национални шуми“, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за образование и наука и Факултетот за шумарство.

Локацијата е одбрана во заедничка соработка со стручните лица од ЈП „Национални шуми“ и Факултетот за шумарство.

Скопје – Полициски службеници од СВР Тетово вчера во 11.20 часот го лишиле од слобода 30-годишниот тетовец Н.К., соопшти Министерството за внатрешни работи.

При претрeс извршен со судска наредба, како што информираат од МВР, во неговиот дом во Тетово била пронајдена марихуана.

Скопје – РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ произведоа за приближно 40 проценти повеќе електрична енергија во првите седум месеци од годинава во споредба со истиот период лани. Од јануари до јули годинава термоелектраните произведоа 1559 гигават часови електрична енергија, а во истиот период лани 1914, информираа денеска од АД „Електрани на Северна Македонија“.

Според нив, зголеменото производство се должи на зголемениот ископ на јаглен во сопствените рудници, набавката на јаглен за дополнително производство и подготвеноста и техничкото одржување на блоковите.

Скопје – Во јуни годинава се издадени 277 одобренија за градење, што е за 13,4 проценти помалку во однос на јуни лани. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3 691 127 000 денари, што е за 19,2 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во Скопскиот регион се издадени 73 одобренија, од кои најмногу во Илинден (24), во Карпош (16), Аеродром и Петровец по шест, Кисела Вода и Бутел по три,…

Скопје – Полициски службеници од ОВР Струга вчера го приведоа стружанецот И.М. за кого била добиена судска наредба од Основниот суд во Струга, со која се барал за издржување на затворска казна.

Тој е предаден на казнено-поправната установа Затвор Теферич за издржување на затворска казна.

Скопје – Дел од корисниците лоцирани на улиците „Метохиска“, „Гвадалахара“ и „Јован Хаџи Шишков“ во Шуто Оризари денеска ќе имаат прекин во водоснабдувањето.

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“, прекинот е поради дефект на приклучна цевка на улицата „Метохиска“ 64.

Скопје –  Основното училиште „11 Октомври“ во општина Куманово е меѓу училиштата кое наскоро ќе има подобрени услови за реализација на воспитно-образовниот процес. Училишниот објект до крајот на годината ќе добие нова, енергетски ефикасна фасада, за што МОН вложува речиси 16 милиони денари, информира Министерството за образование и наука.

МОН наведува дека во ова училиште има инвестирано 14 милиони денари за замена на прозорците, санитариите и подовите, а во план за следниот период е и реконструкција и опремување на спортската сала во склоп на училиштето.

Куманово – Почнаа подготовките за поставување бекатон на краци на улицата „Никола Тесла“ во Куманово. Спроед планираното, на овие краци ќе се постави бекатон на околу 450 ментри кавдратни, соопштија денеска надлежните од одделението за комунални дејности.

Посочуваат дека теренот се порамнува и градежните активности веќе се во тек.

Крива Паланка – Општина Крива Паланка денеска ги промовираше теренските активности за асфалтирање на улицата „Вршачка” во село Конопница. Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски и стручните служби излегоа на терен каде започнаа градежните работи.
– Жителите на улица „Вршачка” во село Конопница наскоро ќе чекорат по нов асфалт.Денес отпочнаа градежните работи на терен и се очекува за неколку дена истите да финишираат. Општината го финансира овој проект, вложуваме во подобрување на патната инфраструктура во секое населено место затоа што секој граѓанин е важен, изјави Митовски.

Крива Паланка – Во реонот на кривопаланечко на територијата на Секторот за внатрешни работи Куманово, спроведени се активности од кампањата „Безбедно лето 2022″.

-Во рамките на оперативниот план за „Безбедно лето 2022“, полициски службеници од Одделение за внатрешни работи Крива Паланка реализираа превентивна активност во селата Варовиште и населба Лозаново, кривопаланечко, со цел навремено спречување и откривање пожари. За време на активноста на жителите им беа поделени летоци со едукативна содржина со основни безбедносни совети како да се постапи при откривање шумски пожар, а воедно им беше укажано да бидат особено внимателни особено во овој период и да не се пали оган на отворено, стрништа, пасишта и сува вегетација, да не се фрлаат догорчиња и отпушоци, информира Ивана Младеновска, портпарол на Секторот за внатрешни работи Куманово.

Охрид – Народен театар од Белград вечер на сцената „Долни Сарај“ ќе ја изведе претставата „Војна и мир“ од Лав Николаевич Толстој, во режија Борис Лијешевиќ, во рамките на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Селекторката на драмскиот дел од фестивалската програма, Сања Арсовска, денеска на прес-конференција посочи дека публиката ќе биде сведок на комплексно дизајнирани животи, кои се во постојана потрага по смислата на животот, на Бога. Собрани се заедно да ја покажат волјата за одлучувањето и да го покажат текот на човечките настани. „Војна и мир“, според неа, е дело кое може да биде политичко, историско, љубовно, егзистенцијално, социјално, секакво.

Битола – Годинава на ИФФК „Браќа Манаки“ учествуваат најмногу жени кинематограферки што ќе учествуваат во сите натпреварувачки програми, истакна директорот на фестивалот Мони Дамевски.

На прес-конференција во Битола Дамевски посочи дека ИФКК „Браќа Манаки“ годинава е пообемен и според бројот на филмови и според бројот на гости.

Струмица – Општина Босилово и компанијата „Нула отпад“ договорија соработка за изградба на центар за селекција на електронски отпад, а ќе бидат реализирани и низа едукативно-превентивни активности за позитивните ефекти од селекцијата на отпадот.

Како што информираше градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев, Друштвото за управување со отпад „Нула отпад“ донираше приколица за трактор за Општината со носивост од четири тони.

Кавадарци -Лозари бараат помош и поддршка од Министерството за земјоделство за повисоки откупни цени на грозјето. Во пресрет на гроздоберската сезона, тие реагираат дека не можат да се договорат околу условите за купопродажба на грозје, со  најголем дел од винарските визби.
-Стопанисувам со триесет хектари под лозов насад. Годинава има добар род и нема болести по гроздовите зрна. Но како и секоја година, најголем дел од винарниците тактизираат околу цените за килограм грозје и не склучуваат договори за откуп со нас лозарите. Има и такви кои склучуваат договори и нудат донекаде  прифатливи цени, но тие бараат мали количини и кој попрво да го однесе грозјето кај нив, рече лозарот Стефан Стојчев од кавадаречкото село Сопот.

Тетово – За седумте месеци од годинава евидентирани се 1038 лица кои ги управуваат возилата без положен возачки испит и валидна дозвола за тоа, бележи СВР Тетово за тетовското подрачје. Само во текот на вчерашниот ден санционирани се седум возачи за истата причина.

Сите биле исклучени од сообраќај и изготвени им се соодветни поднесоци, како и на сопствениците на возилата кои им ги дале на управување, иако знееле дека немаат возачки дозволи.

Тетово – Мелиса Ценовска Серафимовска, членка на Извршен одбор на СДСМ денеска побара поддршка за кандидатите за советници предводени од носителот Глигорије Стојановски. Таа порача дека Тетово како слика на соживотот и мултикултурализмот е дом за кој се стремат да им го остават на идните генерации како град во кој би живееле еден со друг, а не еден покрај друг.

-Сите го сакаме Тетово и сите сакаме да видиме како секојдневно напредува, се унапредува, како се менува во подобар, модерен, европски град. Град со сообраќаен ред, со паркови, со спортски терени, со нови можности за младите. Град, во кој напредокот е загарантиран, а развојот обезбеден, затоа што со создавање на подобри услови на сегашните, ќе создадеме и подобра иднина за идните генерации, рече Ценовска Серафимовска.

Тетово – Арлинда Алити, кандидатка за советник од редовите на Алијанса за Албанците во изјава за медиумите посочи дека Тетово е општина со мал број градинки што е проблем за многу семејства.

-Општината Тетово е една од општините со најмал број на градинки, со недоволен капацитет за грижа за деца во предучилишна возраст. Оваа ситуација е голем проблем не само за децата на кои од првите чекори од животот им се одбива едно право, туку и за родителите и семејствата на Тетово, посочи таа.

Тетово – Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ преку соопштение информираа дека направиле предизборен пресек околу ставовите на партиите за нивната идеја-формирање на парк во градот.

Забележуваме дека за време на изборната кампања за вонредните избори за членови на Совет на општина Тетово двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ направија поместување во својот досегашен став и за прв пат ја поддржаа идејата за прв вистински градски парк на предложениот појас од нашата иницијатива (Спортски центар-Жена борец парк-Монопол-Шик Јелак). Како што еднаш пред кампањата напоменавме, секоја заложба денес очекуваме да биде проследена со вистинско делување потоа во Советот, посочуваат од „Тетово сака парк“.

Демир Капија – Во Демир Капија денеска беше пуштен во употреба уште еден објект во склоп на детската градинка „Борис Трајковски”, информираа од предучилишната установа.

– Сега и официјално е пуштен во употреба објектот „Развигорче”, клон на јавната општинска установа детска градинка Демир Капија, со капацитет за згрижување и воспитување на 15 деца од предучилишна возраст. Со отварање на овој објект ќе се подобри социјалниот, моторниот и когнитивниот развој на децата, соопштија од градинката, посакувајќи им многу среќа на дечињата и нивните семејства.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close