МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

16 август 2022

16 август 2022

Скопје – Нормализиран е сообраќајот на патниот правец  Кочани – Штип кај село Облешево откако во 11:45 часот заврши собирот на оризопроизводителите, информира АМСМ.

Сообраќајната лента во правец од Штип кон Кочани на патниот правец А3 Кочани – Штип кај село Облешево од 10:15 часот беше блокирана со 12 земјоделски машини од околу 80 до 100 оризопроизводители, а сообраќајот се одвиваше наизменично.

Скопје – По речиси пет години, Општина Карпош од 10 август има деблокирана сметка, соопшти денеска градоначалникот на општината, Стевчо Јакимовски во обраќање во живо на Фејсбук.

Тој информираше дека за овие девет месеци откако е повторно на функцијата, исплатени се 154.235.000 денари блокади, како и два милиони евра друг долг.

Скопје – МВР информира дека вчера од страна на полициски службеници од Одделението за општ криминал при СВР Битола лишени од слобода се М.М.(36) и Р.К.(26), поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело „предизвикување на општа опасност“, по чл.288 од Кривичниот законик.

-Во 09.30 часот во битолското СВР, битолчанецот И.В. пријавил дека во временскиот период од 22.00 часот на 14.08.2022 до 07.15 часот на 15.08.2022 на улица „Македонска фаланга“ во Битола, на две патнички возила „митцубиши“ и „голф“, сопственост на пријавителот била истурена течност, при што било предизвикано нивно оштетување. По преземени мерки и активности од страна на полициските службеници, сторителите биле идентификувани, а при извршен претрес кај лицата пронајдени се предмети поврзани со извршеното кривично дело, известуваат од МВР.

Скопје – Целата територија на државава во четврток и петок ќе биде под влијание на топол бран со високи утрински и дневни температури кои на повеќе места ќе бидат над 35 степени, а во југоисточните делови и над 40 степени Целзиусови, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

На целата територија на државата во четврток и петок ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури.

Скопје – МВР информира дека вчера полициски службеници од ОВР Берово го лишиле од слобода  З.М.(59) од Пехчево, затоа што врз основа на судска наредба, при претрес во неговиот дом и помошни простории во Пехчево, биле пронајдени и одземени засадени растенија cannabis sativaќеса со марихуана и 174 парчиња пиротехнички средства.

-По комплетирање на случајот против З.М. ќе следи соодветна кривична пријава за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по чл.215 и кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по чл.396 од Кривичниот законик., велат од МВР.

Скопје – Согласно податоците од Институтот за јавно здравје во последните 24 часа направени се 1.593 тестови, а регистрирани се 590 случаи на КОВИД-19, од кои 142 се реинфекции. Оздравени се 583 пациенти, а пријавени се две починати лица. Активни се 3.564 случаи на коронавирусот, информира Министерството за здравство.

Од новозаболените случаи 261 се од Скопје, Битола – 34, Кавадарци – 31, Охрид – 27, Тетово – 23, Куманово и Велес – по 21, Прилеп – 19, Делчево – 17, Штип – 16, Гевгелија – 12, Струмица и Струга – по 11, Кочани – 10, Гостивар и Неготино – по 9, Радовиш и Виница – по 7, Берово – 6, Крива Паланка и Кратово – по 5, Кичево и Валандово – по 4, Ресен, Свети Николе и Демир Капија – по 3, Крушево, Демир Хисар, Македонски Брод и Македонска Каменица – по 2, Дебар, Пробиштип и Пехчево – по 1.

Скопје – Со летен креативен камп вчера во Богданци почна четвртиот Фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Летниот креативен камп е најава за годинашниот патувачки карактер на „Литера“, како и за идејата за децентрализација на фестивалските настани, низ повеќе градови и населени места во земјава.

Летниот камп се одржува во просториите на Графичката работилница во Богданци и на него учествуваат деца од 7 до 14 години. Тие преку интерактивни предавања ќе се запознаат со основоположниците на македонската современа уметност, со различни ликовни техники, а работат и на креирање сликовница од идеја, преку текст, илустрација до печатење и конечна реализација. Кампот ќе заврши со групна изложба на сите сработени дела.

Битола – Делегација на градот Бат Јам од Израел, преводена од заменик градоначалникот Ури Бускила, оствари работна посета на Општина Битола и средба со градоначалникот Тони Коњановски.

На средбата, заменик градоначалникот Бускила истакна дека досега во три наврати ја посетил Битола и е воодушевен од пријателскиот дух на градот, како и од приемот на битолчани.

Охрид – Квартетот „Simply quartet“ вечер ќе настапи во црквата „Света Софија“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Членовите на ансамблот, виолинистите Данфенг Шен и Антониа Ранкенсбергер, Ксианг Лју на виола и виолончелистот Иван Валентин Холуп Роалд, како што соопшти националната установа „Охридско лето“, доаѓаат од Кина, Норвешка и Австрија.

Чешиново-Облешево – Кочанските оризопроизводители излегоа на протести,  во селото Облешево го блокираат патот Штип-Кочани. Сметаат дека откупната цена и на белиот ориз и на оризовата арпа се прениски и годинава не им ги покриваат трошоците.

Здравко Арсов од Иницијативниот одбор за спас на оризопроизводството вели дека производствената цена е повисока од откупната. Барањето е пред да почне жетвата да се одреди откупна цена, а бараат и средба со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Чешиново-Облешево – Потпретседателката на ВМРО ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска со претставници од раководството на партијата, како и градоначалници од источниот регион им дадоа поддршка на кочанските оризопроизводители, кои бараат повисока откупна цена на оризовата арпа и на белиот ориз и средба со претставници на Владата.

Димитриеска Кочоска на новинарско прашање за уставните измени, одговори дека доколку власта е убедена оти има двотретинско мнозинство може да свика седница за уставни измени, но, ако нема тогаш Ковачевски да поднесе оставка и да свика предвремени парламентарни избори.

Тетово – Kандидатот за советник на советничката листа на СДСМ и коалицијата Стојанчо Трипуновски во изјава за медиумите ги потенцираше заложбите за инфраструктурни проекти како дел од претходната локална власт. Тој најави дека во идниот совет ќе се залагаа за нови проекти.

-Преуредувањето на кејот на нашата Пена, каде истата доби свој препознатлив изглед и убавина со комплетното осветлување и кој тетовчани можат да го користат во слободното време за спорт и рекреација, е само еден од многуте проекти, кои ги реализиравме како дел од претходната локална власт. Пробивањето на булеварот „Благоја Тоска“, реконструкција на улицата „Страшо Пинџур“, решавањето на горливиот децениски проблем со реконструкцијата на улицата „Гоце Делчев“, до пробивањето на булеварот „Видое Смилески Бато“ и реконструкција на главната улица во с. Сараќино, се само дел од инфраструктурните проекти, кои со помош на Владата, предводена од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија беа реализирани за унапредување на локалната инфраструктура за граѓаните на Општина Тетово, посочи Трипуновски

Тој потсети и на целосното реконструирање на патот Тетово – Попова Шапка, за што рече дека веќе ја покажуваат својата инфраструктурна придобивка, како за општината, така и за целата средина, правејќи ја подостапна за местата кои се поврзуваат.

Тетово – Тетовската полиција информира дека утринава од од 06.00 до 10.00 часот, на подрачјето на СВР Тетово спроведена е акциска контрола со која биле опфатени вкупно 38 возила кои вршат јавен превоз на патници, најмногу автобуси, комбиња и такси комбиња. При контролата биле откриени и адекватно санкционирани се пет прекршоци на гостиварското подрачје за технички и други недостатоци.

-Две возила биле со неисправни сопирачки, исто толку немале извршено технички преглед, а едно имало истечена регистрација. На прекршителите изготвени им се соодветни поднесоци, а три возила веднаш се исклучени од сообраќај. При контролата, исто така, санкционирани биле и три  други видови сообраќајни прекршоци, од кои 1 возило без потребните документи за вршење на јавен превоз. Целта е навреме да се откријат и отстранат од сообраќај технички неисправните возила и да се обезбеди непречено и безбедно превезување на патниците, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Куманово – Кумановската полиција во два одделни случаи уапси двајца кумановци кај кои била пронајдена марихуана, соопшти денеска СВР Куманово.

-Денеска во 01:00 часот на улицата „Никола Тесла“ во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Б.М. (26) од Куманово, затоа што кај него била пронајдена марихуана. Ноќва во 02:45 часот на улицата „Михајло Пупин“ во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода С.А. (24) од Куманово затоа што кај него била пронајдена марихуана, соопшти полицијата.

Кавадарци – Црвен крст Кавадарци денеска најави реализирање на крводарителска акција за утре, поради зголемени потреби од крв во државата.

-Поради зголемени потреби од крв од сите крвни групи, на државно ниво, утре во времето од 8:00 до 15:30 часот во домот на културата ,,Иван Мазов – Климе” во Кавадарци, ќе се одржи крводарителска акција за сите граѓани од двете општини Кавадарци и Росоман. Се покануваат сите крводарители кои се чувствуваат здраво и можат да даруваат крв, да учествуваат во оваа доброволна и хумана акција, повикаа од кавадаречкиот Црвен крст.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close