МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

18 октомври 2021

18 октомври 2021

Делчево – Во рамки на одбележувањето на месец октомври-месецот на книгата, Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево ја промовираше книгата „Црквите и манастирите во делчевско“. Книгата, како што информираше директорката на библиотеката Билјана Петровска, е недовршено дело на покојниот роднокраен автор Драган Арсов кое поџзавршување на техничките работи ќе биде публикувано.
-Публикацијата содржи податоци за забележаните христијански цркви и манастири во Пијанец од раното христијанство до денес. За постојните цркви и манастири, според податоците, се бележи од кога датираат, кои се ктиторите, кој ги живописувал и во кое време, кога се рушени и обновувани, истакна Петровска.
Скопје –  Резултатот од првиот круг од изборите покажува дека е време за модерно Скопје и дека е време да живееме во град со кој сите ќе се гордееме. На овие избори важно беше да се обединиме и да успееме да донесеме промени за поубаво Скопје, изјави на денешната прес-конференција независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, и ги повика
сите скопјани да ја поддржат и во вториот круг.

– Водството во овој прв круг од се она што е пресметано од ДИК, е 5.334 гласа за независната кандидатура за мене како градоначалник на Град Скопје и со ова водство, со оваа значителна предност влегувам во вториот круг. Убедена сум дека во Скопје следат навистина убави промени градот да биде модерна метропола каква што скопјани заслужуваат, рече Арсовска.

Скопје – Кандидатот за градоначалник на СДСМ и Коалицијата Горан Герасимовски, им се заблагодарува на сите граѓани од општина Центар кои му ја дадоа поддршката и довербата во првиот круг на Локалните избори 2021 година.

-Им благодарам на сите коишто несебично се вложија во овие избори, да ме поддржат мене и мојот тим. Но, битката не е завршена. Убеден сум дека со исто темпо и мотивација за работа во вториот круг ќе извојуваме уште една голема победа, рече тој.

Скопје – Градоначалник на општина  Македонски Брод ќе се бира за две недели на вториот круг на локалните избори. Гласачите ќе избираат помеѓу кандидатот на ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата Жарко Ристески, кој во првиот  изборен круг освои 1418 гласа или 33,79% отсто и независниот кандидат Аце Новески, кој во првиот круг освои 1198  гласа или 31,59% отсто од гласовите.

Кандидатот на ВМРО – ДПМНЕ , Жарко Ристески очекува неизвесна трка и со добра излезност на граѓаните, очекува  резултат во негова полза.

Кочани – Кандидатите за градоначалник на Кочани, Николо Илијев од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ и Љупчо Папазов од „Обнова на Македонија“ ја очекуваат поддршката од граѓаните во вториот круг на локалните избори, откако не добија доволен број гласови за победа во првиот.

– Им благодарам на сите што ги препознаа политиките и заложбите за градење на модерно и урбано Кочани и за подобрување на квалитетот на животот на сите во него. Разликата во гласовите што ја остваривме во актуелниот општествено-политички амбиент ми дава за право да бидам задоволен и да повикам да ја потврдиме и по две седмици, истакна Илијев.

Струмица – Во четири од шест општини во Струмичко и Радовишко ќе има втор круг за избор на градоначалник. Во Струмица и Босилово во првиот круг победија кандидатите на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, Костадин Костадинов и Ристо Манчев.

Во Радовиш трката за градоначалник ја продолжуваат Коле Чаракчиев од СДСМ и Ацо Ристов од ВМРО ДПМНЕ, во Конче Благој Илиев од владеачката партија и Златко Ристов од коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ, во Ново Село Ѓорге Божинов од ВМРО – ДПМНЕ и Звонко Ангелов од СДСМ и во Василево во трката за градоначалник остануваат актуелниот Марјан Јанев и Славе Андонов од ВМРО – ДПМНЕ.

Дебар – На вчерашните локални избори за членови на општинските совети во Дебар, најмногу советнички места обезбедила ДУИ, додека во Центар Жупа, Турската демократска партија.

-Во новиот совет на општина Дебар, кој брои 15 членови, шест обезбеди ДУИ, пет Алијансата за Албанците-Алтернатива, додека по две советнички места имаат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. На вчерашните избори од вкупно запишаните 19.211 лица со право на глас истото го остварија 8.046, изјави за МИА, Саит Абазоски, од ОИК за Дебар.

Скопје – Четири скопски општини, според досега објавените податоци од ДИК, добија градоначалници во првиот круг од локалните избори.

Во Бутел во првиот круг за градоначалник е избран Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ со 52,79 отсто од гласовите пред Велимир Смилевски од СДСМ со 40,01 отсто, во Гази Баба е избран Бобан Стефановски од ВМРО-ДПМНЕ со 60,07 отсто од гласовите пред Борис Георгиевски од СДСМ со 29,45 отсто. Во Кисела Вода во првиот круг за градоначалник е избран Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ со 52,53 отсто од гласовите пред Филип Темелковски од СДСМ со 27,46 отсто, а во Сарај старо-нов градоначалник е Блерим Беџети од ДУИ со 73,10 отсто освоени гласови пред Керим Мамути од АА и Алтернатива со 17,65 отсто.

Кичево – Кандидат за градоначалник на Општина Кичево на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Александар Јованоски во првиот изборен круг освои најголем број гласови 8 801 и се стекна со мала предност пред вториот круг што ќе се одржи на 31 октомври. Задоволни се и од освоените седум места во идниот Совет на општина Кичево, потврди претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ од Кичево, Лазе Јакимоски.

-Според резултатите што ги остваривме на вчерашните локални избори можеме да бидеме наполно задоволни, бидејќи нашиот кандидат за градоначалник, Александар Јованоски со 8 801 глас или 38,42% освои најголем  број гласови во првиот круг. Исто така, нашата советничка листа на овие избори освои седум места, што е за едно повеќе од претходните избори и кои ќе бидат дел од идниот Совет на општина Кичево, истакна Јакимоски.

Гевгелија – Според неофицијализираните, целосно обработени гласови од страна на ДИК, општина Гевгелија новиот градоначалник ќе до добие во вториот круг од локалните избори, на 31 октомври.

За функцијата градоначалник на општина Гевгелија во вториот изборен круг ќе се тркаат Андон Сарамандов од ВМРО-ДПМНЕ кој во првиот круг освои 47,11 отсто гласови од излезените 63,12 отсто запишани граѓани и Сашо Поцков од СДСМ со овоени 34,69 отсто гласови во првиот круг.

Крива Паланка – Дванаесет средношколци и студенти од Крива Паланка, од кои шестмина талентирани ученици и шестмина спортисти добија стипендии од Општината.

Стипендиите се доделени согласно конкурс за доделување стипендии за талентирани ученици и студенти за учебната 2021/2023 година, како и конкурсот и правилникот за доделување на стипендии на спортисти во екипни и индивидуални спортови за оваа учебна година.

 

Back to top button
Close
Close