МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

17 септември 2021

17 септември 2021

Струга – Сè уште е активен пожарот на планината Јабланица, во близина на струшкото село Вишни.

Жителите се загрижени дека пламените јазици ќе ги зафатат куќите, но од Територијалната противпожарна единица смируваат дека не постои опасност огнот да стигне до селото.

– Екипи на ТППЕ Струга и Шумското стопанство 24 часа се на терен и ја следат состојбата. Не треба да се прави паника меѓу населението, огнот е далеку и нема ризик за селото, изјави командирот на струшката пожарна Фети Мазари.

Берово – Со настанот „Спортска авантура 2021“ во Берово и годинава продолжува одбележувањето на Европската недела на спорт во Берово. Организатор на настанот и годинава е Здружението на граѓани „Малешевска корија“ кои потенцираа дека една од главните цели на настанот е да ги поттикнат луѓето да бидат активни, не само во текот на Европската недела на спортот, туку преку целата година.

-Целта на настанот кој е се одржи наредната сабота на 25 септември 2021 година, меѓу другото е поттикнување на физичка и ментална кондиција и борба против прекумерната тежина, преку учество во редовна физичка активност. Исто така со организацијата на настанот имаме за цел поттикнување на социјална вклученост и интеграција преку спортот, особено за маргинализираните групи, елиминирање на разликите по национални и верски врашања и создавање на родова еднаквост, се со помош на промовирање и се поголемо практикување на спортот, истакнаа организаторите.

Виница – Во виничкото село Блатец почнаа градежните работи за докомплетирање на главниот цевковод, со што ќе се обезбеди приклучување на сите домаќинства на јавната водоводна мрежа.

Инвестицијата е во вредност од над 1,5 милион денари, што Општина Виница ги обезбеди како поддршка од Бирото за регионален развој на Министерството за локална самоуправа.

-Цевководот е со должина од над 830 метри, при што ќе се користат полиетиленски цевки со пречник од 60 до 160 милиметри, во зависност од потребата. Дополнително, ќе се изградат неопходните шахти и ќе се постави придружна опрема за нормално функционирање на системот за водоснабдување. Со неговото комплетирање ќе се овозможи проширување на секундарната мрежа, односно и домаќинствата кои досега немаа можност да се приклучат, во иднина да добиваат вода за пиење од јавниот водовод, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Куманово – Повторно, денеска протестираа жителите од села од поранешна општина Орашац и сопственици на викендички кои бараат изградба на соодветен алтерантивен пат, мост и сигнализација додека трае санацијата на Искрин Мост. Тие велат дека ниту една институција не им се обратила по протестот во понеделникот.

– Никој нè ни се обрати и ништо не се презема, нам нè ни останува ништо освен да протестираме повторно, вели Дејан Петровиќ, сопственик на викендичка.

Учесник во протестот Томислав Ивановски, жител на село Градиште вели дека на една од угорнините не може ниту пеш да се помине, а не пак со возило.

 

Back to top button
Close
Close