20 мај 2022

Кочани – Во туристичкиот инфоцентар на Пониква на Осоговските Планини денеска беше одбележан Денот на мрежата на подрачја вклучени во европската мрежа Натура 2000.

На настанот присуствуваа претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, од Локалната самоуправа на Кочани, од Македонското еколошко друштво, како и претставници од Швајцарската агенција за развој и соработка, Фармахем од Скопје и други гости.

Кавадарци – Во чест на празникот на пожарникарите а во склоп на проектот за меѓуопштинска соработка помеѓу  Кавадарци и  Неготино – „Е Мос Лунар“, денеска се  реализираше парада на противпожарни возила низ кавадаречките улици, а беше презентирана и донација на опрема, од УНДП и Биро за регионален развој, проект вреден близу три милиони денари.

Официјалниот  претставник на УНДП,  Армен Григорјан информираше дека се разговарало за понатамошна соработка за подобар живот на жителите во двете општини. Тој соопшти дека двете општини се едни од вкупно 17, кои што добија поддршка од УНДП. Тој изрази надеж дека опремата ќе се користи за тренинг.

Гевгелија – На територијата на Општина Валандово почна административната постапка за репроцена на недвижниот имот, чија цел е утврдување на реалната основа за оданочување и праведност во заедницата, велат од надлежната општинска служба.

Репроцената ја спроведува стручна комисија составена од членови на општинската администрација кои ќе ги посетат недвижните имоти во градот и сите населени места во општина Валандово за да ја утврдат фактичката состојба на имотите, да ги евидентираат настанатите промени кои се случиле од последната репроцена и праведно да ја формираат даночната основа.

Пехчево – Се зголемува бројот на пчелари во земјава, но и на регистрирани одгледувалишта. Во 2012 година биле околу 2 000, а денес се 7 000 со 300 000 пчелни семејства, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски по повод Светскиот ден на пчелите што беше одбележан во Едукативниот центар за зачувување на природата во пехчевското село Негрево.

Николовски порача дека секој во рамки на своите ингеренции и надлежности треба да влијае за уште повисоко развивање на свеста за значењето на пчелите.

Скопје – Во тек се градежни активности во АД „Цементарница Усје”, каде се врши пренамена на простор за отворање на нов противпожарен дом во Кисела Вода. Денеска, кога се одбележува Денот на пожарникарите, градоначалниците на Кисела Вода и на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и Данела Арсовска извршија увид во напредокот на проектот кој ќе овозможи побрза реакција при несаканите настани, пред се’, за жителите од Кисела Вода и околината, информираат од Општина Кисела Вода.

– Најдобар начин да се искаже почит и благодарност кон работата на македонските пожарникари е да им се овозможат подобри услови за работа и сметам дека отворањето на новиот противпожарен дом токму тоа и ќе го овозможи. Општина Кисела Вода со директорот на АД „Цементарница Усје”, Борис Хрисафов постигна договор за пренамена на простор од овој објект, и како што може да се забележи, проектот е во напредна фаза. Неговото отворање ќе значи поголема безбедност за граѓаните, бидејќи пожарникарите ќе можат побрзо да реагираат при несаканите настани, потенцираше Ѓорѓиевски.

Скопје – Нормализиран е сообраќајот на патниот правец Скопје – ГП Блаце, каде поради одрон се одвиваше наизменично пропуштање на возила.

Како што информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), сообраќајот на овој патен правец е нормализиран од вчера, од 19 часот.

 

Back to top button
Close
Close