18 мај 2022 

Берово – Заврши уредувањето на дворот во беровската гимназија „Ацо Русковски“. Целта на активноста која опфаќа партерно уредување во дворното место, како што се вели во информацијата од гимназијата е подобар пристап на учениците до самото училиште.

– Со реконструкција на партерното уредување во нашето училиште, ќе се овозможи пријатно место за престој и рекреација на учениците, ќе се подобрат условите за учење, а училишниот двор добива нов, современ лик, истакнаа од ОСУ „Ацо Русковски“.

Куманово – Заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу денеска ги посети кумановските средни училишта „Наце Буѓони“, „Перо Наков“ и „Киро Бурназ“ во рамките на втората фаза од кампањата за промоција на средното стручно образование „Учи паметно, работи стручно“, чија цел е запознавање на идните средношколци со перспективите и можностите кои ги нуди овој тип на образование.

– Отворениот ден што го организираат средните стручни училишта е продолжение на проектот за промоција на дуалните паралелки кои во последно време веќе земаат замав, рече Алиу, по денешната посета на средното техничко училиште „Наце Буѓони“.

Делчево – Во рамките на кампањата „Заедно до поубаво Делчево“ и согласно со Програмата за односи со јавноста и промоција, Општина Делчево и оваа година ќе избира најубаво уреден двор.

На Јавниот конкурс кој денеска e објавен, како што информираше портпаролот Даниела Такева можат да се пријават сите граѓани кои ценат дека нивното дворно уредување заслужува внимание, но и сите граѓани кои се воодушевуваат на дворот на пријател или сосед, кој исто така можат да го пријават за учество во изборот за најубаво уреден двор во Делчево.

Тетово – Почина Станоја Глишиќ, првиот градоначалник на тетовската рурална општина Брвеница. Тој беше градоначалник на Брвеница по формирањето во периодот од 1996 до 2000 година.

За починувањето известија од неговата партиска организација на СДСМ во Брвеница.

Back to top button
Close
Close