МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

26 јануари 2022

26 јануари 2022 

Скопје – Премиерот Димитар Ковачевски денеска заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми извршија увид на изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, со вкупна должина од 24,5 километри и вкупна вредност од 62,5 милиони евра, откако со бугарскиот колега Кирил Петков, при неодамнешните средби во Скопје и Софија се обврзаа да ги интензивираат работите за поскора реализација.

– Со колегата Петков многу време посветивме во разговор за важноста од Коридорот 8 и особено на патната инфраструктура, која во голема мера зависи од институциите и изведувачите. Се договоривме заедничката работна група во чија надлежност е патната инфраструктура, високо на својата агенда да го врати Коридорот 8 меѓу врвните приоритети на Европската Унија. На тој начин очекуваме поголема поддршка за целосна реализација и на патната и на железничката инфраструктура, изјави Ковачевски, оценувајќи дека очекува поголема поддршка за целосна реализација и на патната и на железничката инфраструктура.

Тетово – За 25-те дена од јануари тетовската полиција бележи девет сообраќајки во кои непосредно учествувале пешаци, при што шестмина имале тешки телесни повреди, а седум телесни повреди. Статистиката во одделението за аналитика при СВР Тетово за 2021 година бележи тројца пешаци кои го загубиле животот, девет со тешки телесни повреди додека 53 лица со телесни повреди.

– Секторот за внатрешни работи Тетово повторно апелира до возачите редовно да ја намалуваат брзината пред училишта, јавни установи и пешачки премини и задолжително да им даваат предност, односно првенство на пешаците.  На пешаците им се советува да бидат максимално внимателни кога се движат, посебно по улици и патишта на кои нема обликувани тротоари, да не ги преминуваат улиците каде ќе стигнат и целосно да ја почитуваат светлосната и друга сигнализација, вели портпаролот Марјан Јосифоски.

Велес – Општинскит Црвен крст Велес распиша конкурс за обука на неговател/ка за помош и нега на стари лица и лица со попреченост. Услов е да имаат наполнето 18 години и да се мотивирани да работат со овие лица.

Лицата ќе се пријавуваат на меил или телефински, а на интервју ќе бидат избрани 15 лица кои бесплатната обука ќе ја посетуваат од 31 јануари до 4 февруари.

Штип – Деканот на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ –Скопје, Ратко Дуев  и градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев потпишаа меморандум за продолжување на конзервацијата на веќе истраженото, но и понатамошни археолошки истражувања на локалитетот „Била Зора“ кај Свети Николе. Деканот, Дуев истакна дека овој локалитет е еден од најзначајните во Европа.

-За среќа го имаме кај нас, древните Пајонци се ексклузивно врзани за нашата територија. Така што кога Хомер пишува за Пајонците не постоеле ниту Хелени, ниту Македонија, а за нас е многу значајно бидејќи на Балканот имате само неколку престолнини и едната меѓу нив е „Била Зора“. Со ова сакаме да го ревитализираме истражувањето, да продолжиме со конзервација на наодите, вели Дуев.

Струмица – Годинашниов Интернационален струмички карневал ќе се одржува од 2 до 9 март, но во редуцирано издание и со строго почитување на здравствените протоколи за јавни настани во услови на пандемија од Ковид-19.

Ова го соопшти денеска градоначалникот Костадин Костадинов, кој истакна дека вековната карневалска традиција на Градот под Царевите Кули не може да има подолги паузи.

Куманово – Поради дефект на водоводна цевка од двете страни на булеварот „Октомвриска револуција“ без вода се жителите од оваа густо населено подрачје во Куманово, информираа денеска надлежните од ЈП „Водовод“.

Првиот дефект е лоциран на тротоарот кај крстосницата од почетокот на булеварот на Ф100 цевка, а според процените на стручните лица, вториот дефект е од спротивната страна на Ф 300.

Делчево – Ехо на дојка од 2 февруари ќе може да се направи секоја среда во Здравствениот дом во Делчево. Со здравствената услуга, како што информираа од Општината, делчевските пациентки ќе можат преку своите матични доктори да закажат преглед преку „Мој термин“ кај д-р Андријана Илиевска-Велковски.

-Воведувањето на оваа нова здравствена услуга е резултат на прифатената иницијатива за  воведување превентивни прегледи на дојка доставена до Здравствениот дом во Делчево од страна на Комисијата за еднакви можности при Општина Делчево. Со поддршка на пратеничката д-р Соња Михаиловска, директорката на Здравствениот дом, д-р Марија Глигоровска, како и на д-р Андријана Илиевска-Велковски, прегледот ехо на дојка влезе во системот на услуги во Здравствениот дом, истакнаа од Општината.

Велес – Минусните температури ја зголемија потрошувачката на вода во Велес, која во изминатите два-три дена била во просек од 160 литри во секунда. Сето ова поради тоа што одредени граѓани ги пуштиле чешмите ноќе да течат поради минусните температури и стравот да не им замрзнат, посочуваат од ЈКП„Дервен“.

Портпаролот на ЈКП „Дервен“ Тодорка Пенкова Андреева за МИА истакна дека со ова потрошувачката на вода во изминатите три дена била приближно со просекот од летните месеци која е со просек  од 163 до 180 литри во секунда. Инаку, просекот во јануари лани бил 147 литри во секунда.

Кавадарци – Има интерес кај тиквешките земјоделци за инсталирање систем „капка по капка“ со државна помош, велат од подрачните единици на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството во Кавадарци и Неготино.

Засега, триесетина земјоделци од Кавадарци, Росоман, Неготино и Демир Капија, искажале заинтересираност за ваков вид земјоделско субвенционирање.

Дебар – Дебарските полициски службеници привеле албански државјанин баран со меѓународна потерница.

– Во одделението за внатрешни работи- Дебар, по насоки на јавен обвинител, приведен и задржан е Б.М.(46) од Република Албанија. Тој се барал по распишана меѓународна потерница од страна на Интерпол, изјави Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

 

Back to top button
Close
Close