МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

24 јануари 2022

24 јануари 2022

Штип – Сметката за електрична енергија за уличното осветлување во Општина Штип за декември е пониска во споредба со претходните. Пониската сметка се должи на замената на уличното осветлување со штедливи светилки. Вишна Шорова-Ангелова, вработена во кабинетот на градоначалникот на Општина Штип, вели дека во декември на уличното осветлување биле вклучени и новогодишните реквизити.

– Во Општина Штип во ноември имаме траење на денот и вклучување на светилките од уличното осветлување десет часа, додека во декември имаме десет часа и половина, што значи е малку подолг периодот кога светат уличните светилки, меѓутоа во декември ги вклучивме и новогодишните светилки. Врз основа на тоа граѓаните можеби очекуваат да се разликува енормно сметката за електрична енергија. Но, со оглед на тоа што во месец ноември и декември во Штип се инсталираше улично осветлување со голема штедливост, сметката за електрична енергија за уличното осветлување е помала во декември споредбено со ноември, вели Шорова-Ангелова.

Тетово – Првпат во рамките на Општина Јегуновце беа поделени пакети со храна за семејства од социјално ранливи категории граѓани. Со оваа акција општината и официјално се приклучува кон националната мрежа „Банка за храна – Македонија“ локалната партнер-организација „Младинска алијанса“.

– Поделивме пакети со храна на семејства од Јегуновце кои се под социјален ризик. Помошта што денес ја поделивме првенствено е симболична и претставува поттик за бизнис секторот од општина Јегуновце за приклучување кон акцијата што ќе се спроведува континуирано. Преку вакви хумани и општествено одговорни акции заедно со „Храна за сите – Банка за храна Македонија“ континуирано ќе помагаме на наши сограѓани на кои им е потребна помош. Во овие тешки времиња наша цел како локална самоуправа е да помогнеме на поголем број на граѓани од општина Јегуновце и да дадеме придонес кон намалување на сиромаштијата, истакна градоначалникот Димитар Костадиноски.

Кичево – Иако висината на снежната покривка во Кичево не е голема, сепак на повеќето осојничави улици каде што не допираат сончевите зраци, снегот замрзна и стана опасност за сите пешаци кои се движат по тротоарите. Комуналното претпријатие презеде акција за посипување со ризла и сол на најголемиот дел тротоари во градот, со цел да им го олесни движењето на пешаците и да ја зголеми нивната безбедност.

-Снегот од крајот на претходната недела не направи поголеми проблеми во одвивањето на сообраќајот во градот и околните населени места, но поради ниските температури и благото топење на снегот ги претвори тротоарите во вистински лизгалишта, изјави директорот  на комуналното претпријатие Зенел Јонузи.

Струмица – Во ООУ „Видое Подгорец“ во Струмица, денеска, беше отворена сензорна соба која ќе ја користат 25 ученици со попреченост од ова училиште. Активноста е дел од Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија, а оваа сензорна соба се реализира со поддршка на Германско друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

За градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, отворањето на сензорната соба значи дека општината продолжува да го држи приматот во земјава во грижата за децата со попреченост и нивното воспитување и образование, бидејќи во 2016 година таква сензорна соба беше отворена и во ООУ „Сандо Масев“.

Скопје – Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Маврово-Дебар е укината во 12:30 часот, соопшти АМСМ.

Претходно од АМСМ информираа дека снег со слаб интензитет врне на патните превои Буково и Ѓавато и во Битола, а со силен интензитет во Маврово. На автопатот Кичево – Охрид во изградба, пак, попладне од 15:00 до 16:30 часот ќе се изврши минирање.

Тирана – Проблемите присутни изминатите денови, што ги предизвикаа снегот и поларните температури, во областа Голо Брдо, на албанско – македонска граница, кај Дебар, се надминати.

Сето тоа, како што велат дел од жителите, со максимална ангажираност на локалните власти на општините каде припаѓаат, како администраторите на административните единици.

Кавадарци – Општина Кавадарци денеска информираше за донациите од компанијата „Кожувчанка” и фондацијата „Никола Јанчев” во 2021, како и планираните донации за 2022 година.
Меѓу другото, беа споменати и донацијата на материјални добра на инсталација за медицински гасови за капацитет од 36 болнички кревети за модуларната болница тип Ц во износ од 846.060,00 денари со ДДВ, други донации за здравството, лицата со попреченост, образованието, спортот, како и други сегменти од животот.

Скопје – На автопатот Кичево – Охрид денеска во периодот од 15:00 до 16:30 часот ќе се изврши минирање, а снег со слаб интензитет врне на патните превои Буково и Ѓавато и во Битола, со силен интензитет во Маврово, информира АМСМ.

Од АМСМ нагласуваат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на екипите на ЈП Македонијапат. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Тетово – Со финансиска поддршка на германската амбасада, Општина Боговиње набави трактор со приколка.

-Градоначалникот на Боговиње Бесник Емшиу денес го прими германскиот амбасадор Ото Граф, на кого во име на општината му се заблагодари за финансиската поддршка што германската амбасада ја дава на нашата општина. Оваа помош изнесува 500 илјади денари и беа искористени за набавка на трактор со приколка кој ЈКП „Шари“ ќе го користи за давање најквалитетна услуга на жителите на општина Боговиње, информираат од Општината.

Крушево – Со посета на вечното почивалиште на Тоше, со промоции, крводарителска акција, со доделување хуманитарни ваучери и со сценско-музички настан насловен „Ангел си ти“ утре во Крушево на Гумење и во неговата Спомен-куќа ќе биде одбележан 41. роденден на нашата и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески. Тоше загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Велика Градишка во Хрватска.

Одбележувањата утре почнуваат со крводарителската акција во спомен куќата „Тодор Проески“ на Гумење во Крушево, каде се и најавените настани. Акцијата ќе трае од 10 до 16 часот. Од 10:30 часот е промоција на книгата на Бојан Тодоровски и музичкиот настап на Никола Зацески со групата „Мелем“. Веднаш потоа, од 11 часот ќе биде промовирана збирката песни „1 200 молитви за Тоше“, со музички перформанс на Горан Папаз. Напладне ќе бидат доделени хуманитарни ваучери, а од 12:30 часот е посетата на вечното почивалиште на Тоше на Гумење.

 

Back to top button
Close
Close