МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

18 јануари 2022

18 јануари 2022 

Штип – Првичните резултати од Инстутот за јавно здравје во Белград говорат дека водата за пиење од Хидросистемот „Злетовица“ е квалитетна и добра за користење и дистрибуција низ водоводниот систем во Штип.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави дека резултатите ги чекаат преку Институтот за јавно здравје од Скопје, кој ги има испратено примероците од вода до Белград, Република Србија. Тој очекува веќе во март штипската Филтер станица да се приклучи на цевковод на ХС „Злетовица“, со што практично би почнало користењето на водата од зафатот на овој систем.

Кочани – Во канал за наводнување во близина на магистралниот пат А3 кај Виница е пронајдено безживотно тело на средовечна жена.

Констатирано е дека се работи за 56-годишната Јасмина Л. од кочанската населба Оризари, која пред неколку дена во Полициската станица во Кочани била пријавена за исчезната.

Гевгелија – Општина Валандово од оваа година најави примена на нова мерка за подршка на граѓаните во вид на еднократна парична помош за семејствата од општината кои имаат лица со попреченост.

Од општината денеска потврдија дека висината на еднократната парична помош за семејствата со лица со попреченост ќе изнесува 20.000 денари и дека наскоро ќе почне да се применува.

Куманово – Непречено продолжува имунизацијата во вакциналниот пункт во Куманово во просториите на Здравствен дом, информираа денеска надлежните од пунктот. Дневно се даваат околу 200 дози вакцини. Пунктот работи една смена од 7:30 до 15.30 часот. Во моментов се аплицира вакцината Фајзер.

– Забележуваме зголемен интерес за примање трета доза особено кај повозрасната популација и примање на првата доза главно кај помладата популација, но тој е понизок во споредба со аплицираните трети дози. Дневно во пунктот се аплицираат до 200 вакцини. Најмладо лице кое има примено прва вакцина и втора има 12 години, најмладо кое има примено трета доза има 18 години како што е дозволено во државата, изјави д-р Монализа Мемети од Здравствен дом Куманово.

Скопје – Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска се сретна со сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, која е раководител на катедрата за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошкиот факултет на УКИМ, деканот Ќиро Ивановски и продеканот на настава при Факултетот, Сања Панчевска.

Повод на средбата, како што соопшти општината Центар, е проширување на соработката за нега на оралното здравје, која годинава првпат ќе ги опфати и децата од прво до деветто одделение од социјално ранливите категории во сите основни училишта во Општина Центар. Преку оваа соработка децата ќе може да одат на прегледи, но и да користат услуги како поправки на заби или изработка на протези во рамки на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Периодот на користење на овие услови се однесува од февруари до јуни и од октомври до јануари, со вкупен износ од 50 000 денари.

Крива Паланка – Во Крива Паланка во тек се последните подготовки за прославата на големиот христијански празник Богојавление-Водици.

Чествувањето на празникот го организираат Општина Крива Паланка и Кумановско-Осоговската епархија, Кривопаланечо архиерејско намесништво, а ќе започне во осум часот, со света Богојавленска литургија во соборниот храм Св.Великомаченик Димитриј.

Кавадарци –  Кавадарчани ќе се фрлаат по светиот крст, во водите на реката Луда Мара, утре на верскиот  празник Богојавление-Водици.

Општина Кавадарци заедно со црквите  „Свети Димитрија’’ и „Света Петка“ ја продолжува традицијата за потопување на чесниот крст за прославата на Водици, информираа од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Кавадарци – Започнаа градежните активности за реконструкција и санација на делови во основното општинско училиште „Страшо Пинџур“ во Кавадарци, соопштија денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

– Ова значи дека во иднина ќе се подобрат условите за работа, како и одвивање на квалитетна настава за учениците, додаваат од кабинетот на градоначалникот.

Тетово – Во тетовската црква „Пресвета Богородица“ се одбележа празникот Водокрст, ден пред Богојавление Водици. По светата литургија, во црковниот базен во дворот од црквата се изврши Водосвет и спуштање на Светиот крст.

По крстот скокнаа тројца верници, Нинослав Дамјановски, Дејан Савевски и Горан Анѓеловски. Најуспешен и најсреќен беше најмладиот од нив, 24 – годишниот Нинослав Дамјановски.

Back to top button
Close
Close