МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

6 декември 2021

6 декември 2021

Штип – Цената за паркирање во Штип се намалува од наредниот месец, најави вршителот на должност директорот на штипското Јавно претпријатие „Стипион“, Игор Ефтимов. Појаснува дека од 1 јануари поевтини ќе бидат месечните и годишни билети.

-Од 1 јануари месечните и годишните талони за вработени, дистрибуитери и општиот талон ќе бидат намалени. Тоа значи дека сите оние вработени, кои плаќале 4.000 денари за годишен и 400 денари за месечен паркинг, по намалувањето ќе плаќаат по 2.000 денари на годишно или 200 денари месечно, вели Ефтимов.

Охрид – Нивото на водата во Охридското Езеро бележи константно покачување благодарение на врнежливото време што изминатите денови го зафати регионот. Последните мерења покажуваат дека нивото на водата денеска е на котата 693,23 метри надморска височина или девет сантиметри под просекот за овој период од годината.

Температурата на водата е десет степени Целзиусови, што е за 0,8 степени над просекот за декември.

Кичево – Во изминатите 11 месеци Територијалната противпожарна единица од Кичево имаше вкупно 183 интервенции, а само во месец ноември единицата имаше  12  интервенции.Оваа календарска година е една од годините со најмал број на интервенции.-потврди командирот Горан Соколески.

 -Територијалната противпожарна единица од Кичево во изминатите 11 месеци имаше вкупно 183 интервенции, од кои само во месец ноември бележиме 12 интервенции, седум на пожари и пет технички интервенции. Од овие седум пожари еден е на објект, две интервенции се на запалени оџаци, исто толку на електрични броила, една интервенција на депонија и еден лажен повик на жител од село Лисичани. Нашата единица за 5 дена во декември имаше 4 интервенции на пожари и тоа 3 на објекти, куќа, барака, електрична табла и едно стрниште, истакна Соколески.

Делчево – Во Делчево денеска е отворен мини саем на книги од издавачката куќа „Сакам книги”. Саемот е во организација на Јавната локална библиотека ,,Илинден” од каде ги поканија читателите да одберат дел од изданијата на оваа издавачка куќа.

-Како што веќе најавивме претставниците на „Сакам книги” веќе се во Јавната локална библиотека „Илинден”. Ги покануваме уште еднаш сите наши сограѓани, сите наши членови, да го посетат овој саем, изборот навистина е голем и е со новогодишни цени, рече директорката Биљана Петровска.

Валандово – Советниците на Општина Валандово донесоа одлука од оваа учебна година да се воведе еднократна парична помош на семејствата кои запишале прваче во учебната 2021/2022 година.

–Мерката ја воведуваме првпат со цел да ја потврдиме нашата заедничка заложба за солидарна и рамноправна заедница. Според новата субвенција, на секое семејство кое запишало прваче, од оваа учебна година општината ќе му додели еднократна парична помош во износ од 4.000 денари, истакна градоначалникот Перо Костадинов.

Скопје – Поради водоводен приклучок ф-200мм на ул.„Качанички пат“ бб (Бензинска Пумпа Мак Петрол), денеска од 12:00 часот прекинато водоснабдување ќе имаат дел корисниците на ул.„Качанички Пат“.

Како што информираат од ЈП Водовод и канализација – Скопје, прекинот со водоснабдувањето ќе биде до завршување на работните активности.

Гевгелија – Паралелно со меѓународната автопатна делница, што досега беше единствена врска на градот со границата, конечно почна афалтирањето на новата сервисна улица што ќе биде нова алтернативна врска на Гевгелија со натпатникот во месноста Милци и со автопатот Е-75 во близина на граничниот премин „Богородица“.

Улицата со должина од 930 метри ќе се протега по трасата на стариот автопат, што беше затворен за сообраќај и од кај мостот на реката Вардар ќе се поврзе со натпатникот кај Милци и со автопатната делница кон македонско-грчката граница.

Охрид – Во централното градско подрачје и на пофреквентните улици и крстосници на Охрид почна украсувањето со новогодишни реквизити.

Украсувањето на градот го спроведуват екипи на „Охридски комуналец“, претежно со украси и реквизити од изминатите години, но ќе има и набавка на нови за што се издвоени средства во износ од околу 20 илјади евра.

 

 

Back to top button
Close
Close