МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

3 декември 2021

3 декември 2021

Делчево – Далибор Станковски е лице со попреченост од Делчево, кој како дел од иницијативата на Здружението „Бравура Кооператива“, денеска го започна својот работен ангажман, како уличен продавач на списанието „Лице в лице“, месечник што го промовира моделот на социјално претприемништво.

Тој е познато лице во количка од делчевската чаршија и за него е ова прво вработување и прва шанса за остварување сопствен приход.

Охрид – Професорот Љупчо Коцарев, доктор на науки, академик и актуелен претседател на Македонската академија на науки и уметности е годинашниот добитник на највисокото општинско признание што го доделува Општина Охрид – наградата „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“.

Тоа денеска го соопшти градоначалникот Кирил Пецаков, кој појасни дека до Комисијата за одбележување празници и манифестации пристигнале шест предлози, од каде со едногласна согласност до него бил доставен предлогот токму академик Коцарев да биде годинашниоит лауреат.

Струмица – Локалниот совет за превенција со кординирана акција на државните и општинските органи и институции ќе ги отстранува нелегалните продавачи од улицата и околу пазарите во Струмица, кои го узурпираат јавниот простор.

Овој заклучок е донесен на денешната работна конференција на ова тело, со кое претседаваше градоначалникот Костадин Костадинов, кој истакна дека узурпацијата на јавните површини со продажба на текстил и храна, посебно во централното градско подрачје, е голем проблем во општината.

Штип – Пет штипски институции и центри кои згрижуваат и едицираат лица со посебни потреби денеска добија вредносни ваучери од градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Центарот за аутизам, кој е еден од оние кои добија средства од Општината, најави дека тие ќе бидат искористени за дидактички средства и играчки за децата кои го посетуваат.

Гевгелија – По повод Светскиот ден на лицата со попреченост, денеска во Гевгелија под мотото „Чекориме заедно“ се одржа дефиле на кое учествуваа лицата со попреченост од центарот „Мајка Тереза“ и Дневниот центар од Гевгелија.

Дефилирајќи по централните гевгелиски улици, лицата со попреченот на граѓаните им оставија пораки со пригодни содржини посветени на Светскиот ден, а заедничка културна програма беше изведена во салата на Народниот театар во Гевгелија на која присуствуваше и градоначалникот Андон Сарамандов.

Кочани – Општина Кочани ќе спроведе обуки за економско јакнење на жените за да им го олесни пристапот и зголемувањето на конкурентноста на пазарот на труд преку подобрување на нивните вештини за вработување и самовработување.

Обуките се дел од национален проект во кој се вклучени десет општини, а се однесува на развој на вештини и знаења за дигитален маркетинг, онлајн продажба и употреба на дигитални технологии, развој на бизнис-идеја и бизнис-план, претприемништво и менаџерски вештини, како и за основни вештини за вработување.

Делчево – Во Делчево во тек се финалните подготовки за отворање на Клубот за социјална инклузија „Интегра“, со цел поставување на темелите за првото социјално претприемништво во Делчево.

Одговорното лице во Дневниот центар Александар Николов додаде дека Клубот ќе започне со работа по Новогодишните празници.

Скопје – Во рамки на одбележувањето на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Општина Илинден потпиша Меморандум за соработка со хуманитарното здружение на граѓани и лица со хендикеп „Илинден”, како и со здружението на граѓани за едукација, инклузија и ран третман на лица со посебни потреби „Боиме сино” од Општина Илинден.

Меморандумот за соработка го потпишаа градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски со претседателите на двете здруженија,  „Илинден” и  „Боиме сино” ,  Христина Јосимовска и Ана Марија Циглењак Симоновска.

Скопје – По повод одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 Декември, денеска, градоначалникот Стевчо Јакимовски во својот кабинет се сретна со тројца претставници од оваа социјална категорија на граѓани, кои воедно се жители на Карпош. На средбата присуствувaa и претставничките од Одделението за детска, социјална и здравствена заштита при Општина Карпош, кои традиционално го организираат овој настан.

Како што соопштија од Општина Карпош, на средбата станало збор за секојдневните проблеми со кои се соочуваат лицата со попреченост, како и за евентуалните решенија кои може да ги понуди локалната самоуправа за нив. Во таа насока, градоначалникот Стевчо Јакимовски напомена дека, 155 лица од Карпош кои влегуваат во оваа социјална група, ќе добијат еднократна парична помош од 3.000 денари, средства кои од својот Буџет за таа намена ги обезбедила Општината.

Росоман – Центар за промоција „Тера вино” беше отворен денеска во Росоман, во рамки на прекуграничниот проект со Грција финансиран од Европската Унија, а во кој учествуваат Фондацијата ,,Тиквешки вински пат” и росоманската локална самоуправа.

Виолета Јанкова, извршен директор на Фондацијата, потсети дека од 2006 година, ова е четврти ваков капитален проект. Таа изрази надеж дека за овој центар за промоција на туризмот ќе се слуша далеку, бидејќи тој ќе биде двигател на развојот.

Скопје – Прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населба Лисиче поради дефект Ф-100мм од странка/фирма на ул.„Блажо Орландиќ“ во населбата, соопшти ЈП „Водовод и канализација“.

Водоснабдувањето е прекинато од 11:10 часот и ќе трае до санирање на дефектот.

Back to top button
Close
Close