МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

3 декември 2021

3 декември 2021

Скопје – Казнети се 148 возачи во текот на вчерашниот ден во рамки на спроведената зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање возила кои се движат со брзина поголема од дозволената.

Од нив, седум возилa се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.

Скопје – На територијата на Град Скопје во текот на вчерашниот ден во рамки на засилените акциски контроли во областа на сообраќајот изречени се вкупно 132 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 17.

МВР денеска информира дека 10 санкции се за возење без возачка дозвола, а 23 прекршоци што ги чинат пешаците.

Скопје – Автомото сојузот на Македонија информира дека е укината забраната за тешки товарни возила на патниот правец Р1209 Тетово – Попова Шапка.

Според АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по наместа влажни коловози.

Скопје – Поради дефект на шибер од Ф-150 мм на ул.10 раскрсница со ул.12 во Бардовци кај игралиштето, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од Бардовци, соопштија од ЈП „Водовод и канализација“.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до санирање на дефектот.

Скопје – Улицата „Мирослав Крлежа“ во Дебар Маало ќе претрпи измени во проектната документација по барање на жителите, соопштија општинските власти, откако вчера во салата на Советот жителите остварија средба со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Како што соопштија од Општината, жителите на средбата го погледнале и го дискутирале идејниот проект.

Скопје – Полициски службеници од Отсекот за економски криминал при СВР Штип вчера по преземени мерки и активности ги лишиле од слобода Е.Ј.(39) и С.Ј.(45), двајцата од Штип, осомничени за сторено кривично дело „лихварство“.

Тие се сомничат дека давале пари на заем со писмени и усни договори и притоа за себе договарале несразмерно високи камати.

Охрид – Со презентација пред органите на локалната самоуправа од страна на активистите на здружението „ВОПС поддршка“, Охрид се вклучува во одбележувањето на Светскиот ден на лицата со попреченост – 3 Декември.

Членовите на „ВОПС поддршка“ пред градоначалникот, советниците и другите општински тела ќе ги презентираат резултатите од проектот проект „Мапирање на проблемите и потребите на лицата со посебни потреби во Охрид“, со што ќе ги истакне приоритетите на кои општината треба да работи за да го унапреди животот на децата и лицата со посебни потреби во градот.

Битола – Во Битола денеска и утре ќе се одржи настанот „Slow Wine салон 2021“, што има за цел да ги презентира и промовира производителите на вино, кои ќе ги презентираат нивните вински приказни и ќе понудат дегустација на вина.

Ова е трето издание на „Slow Wine салон“, на кое учество ќе земат над 30 производители, пет дестилерии и десет производители на деликатесни производи, што ќе бидат понудени за дегустација.

Куманово – Занаетчиската комора на Република Северна Македонија достави барање до Владата да се субвенционира разликата од 3.000 денари доколку се зголеми минималната плата од 15.000 на 18.000 денари, информираше денеска претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлији.

Тој кажа дека еснафот не може да исплати повисока минимална плата поради неповолната економска состојба предизвикана од пандемијата и ниските приходи кои ги остваруваат занаетчиите.

Тетово –  Дефинитивната одлука дали партијата на Африм Гаши, Алтернатива, ќе биде дел од Владата ќе биде донесена денеска на седница на највисокото партиско тело – Централен совет. Партиската средба ќе почне вечер во 19 часот во седиштето на партијата во Тетово.

За одржување на седницата на Централниот совет вчера потврди партискиот портпарол Орхан Муртезани, кој рече дека денеска ќе биде донесена конечна одлука и дека повеќе информации ќе има на прес-конфренција по завршувањето на седницата.

Неготино – Неготино има јаглен, ама лозари не сакаат да бидат рудари, коментираат од регионалното Здружение на граѓани ,,Ековита”, во време на енергетска криза и кога станува актуелно и наоѓалиштето на јаглен во неготинско.

Дури и во време на енергетска криза како сега, екологистите од Здружението  од Неготино, сметаат дека предност треба да му се даде на природниот гас кој е еколошки, пред јагленот кој ја загадува околината. И да се бараат алтернативни незагадувачки извори на енергија.

Back to top button
Close
Close