МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

1 декември 2021

1 декември 2021 

Куманово – СВР Куманово денеска спроведе засилена акциска контрола на автобуси, возила кои вршат јавен превоз на патници на подрачјето на патиштата во североисточниот регион и за три часа утврди четири неправилности кај 18 контролирани возила, соопштија денеска од СВР Куманово.

– Засилената акциска контрола е спроведена во периодот 08:00 до 11:00 часот на подрачјето на СВР Куманово за санкционирање на возила со кои се врши јавен превоз на патници и при тоа биле контролирани 18 возила, а биле утврдени четири неправилности кои соодветно се санкционирани. Од нив две за неисправни светлосно-сигнални уреди и две за недостатоци на опрема, информираа од СВР Куманово.

Скопје – Поради водоводен приклучок на улица „Дижонска”, утре од 9:00 часот без вода ќе останат корисниците на дел од улиците „Дижонска“ и „Коста Абрашевиќ“, како и Ј.З.У.„Мајка Tереза“ (по старо гинекологија Чаир).

Како што информираат од РЦУК Скопје, водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на водоводниот приклучок.

Делчево – Од денеска во наредните три дена, талентирани ученици од делчевските училишта заедно со штитеници од Дневниот центар ќе ги учат тајните на сликарството во рамки на Ликовната работилница што се реализира како дел од настанот Денови на хуманост.

– Ликовната работилница е  дел од одбележувањето на 3 Декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, а во организација на Општина Делчево и локалните институции, истакнаа организаторите.

Куманово – Подрачното одделение на Државниот архив Куманово, денеска ги повика граѓаните од општините од североисточниот регион да подарат архивски материјал.

Жителите на Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Кратово, Ранковце и Крива Паланка можат да се обратат во просториите на подрачното одделение или да се јават на телефон и електронска адреса и да достават архивски материјал.

Кичево – По рекордните 170 сантиметри измерени кај мостот во Македонски Брод вчера претпладне, нивото на реката Треска утринава е намалено на кота од 130 сантиметри.

– Слабите врнежи од снег присутни во регионот во текот на вчерашниот ден, не придонесоа нивото на Треска и понатаму да расте или да остане на рекордните 170 сантиметри, бидејќи од ноќеска нивото на најголемата притока на Вардар е во опаѓање и во текот на денешното претпладне е спуштено на кота 130, колку што беа измерени и пред два дена, рече Миле Стојкоски од РЦУК Македонски Брод.

Скопје – Педесет садници, дрвја од видот каталпа, денеска беа засадени во Рајскиот парк во општина Аеродром за раззеленување на Скопје и како придонес за чист воздух и зачувување на животната средина.

Дрвцата се донација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската Унија (ЕУ), Австрија и локалните партнерски банки: Шпаркасе банка, НЛБ банка, ПроКредит банка и Комерцијална банка, како дел од Програмата за финансирање на зелената економија на Западен Балкан (Western Balkans Green Economy Financing Facility – GEFF), која ги поддржува домаќинствата за инвестиции во подобрувања на енергетската ефикасност.

Гевгелија – Неопходно е отворање на младински центар во Гевгелија каде на младите на локално ниво би им се понудиле едукација и културно-забавни содржини, е генералниот заклучок од јавната расправа што се одржа во овој град.

Неопходноста од отворањето на младинскиот центар беше истакната врз основа на примената на Законот за младинско учество и младински политики од страна на општина Гевгелија.

Струга – Минусните температури, кои во Струга ноќеска достигнаа до минус три степени целзиусови, предизвикаа голомразица на улиците. Граѓаните револтирани дека градските служби не интервенирале со сол и песок, а од Општина Струга велат дека се превземани сите соодветни мерки и е интервенирано на градските улици.

– Општина Струга, преку фирмите, кои го имаат тендерот за одржување на улиците во зимски услови ги превзема сите потребни мерки со фрлање сол и песок и надминување на проблемот со голомразицата синоќа, посочи општинската прес-служба.

Струмица – На четвртата сесија во рамки на Буџетскиот форум на Општина Струмица граѓаните синоќа ги избраа трите најприоритетни проекти за реализација во новата буџетска година.

Од тринаесет приоритетни проектни иницијативи, најмногу гласови доби проектот за намалување на цените за приклучок на гас или субвенционирање на цената за гас за физички и правни лица.

Кичево – Во населбата Календарица на потегот меѓу двата моста во Кичево, изграден е спортско-забавен комплекс за чија финализација се погрижи Бирото за регионален развој кое за оваа потреба одвои 4,5 милиони денари .Новата спортска инфраструктура почна да се гради во втората половина од септември и за неполни два месеци е целосно завршена.

-На местото крај реката Сушица во населбата Календарица, каде што пред неполни две децении беа изградени повеќе спортски терени, кои во меѓувреме се целосно уништени, со средства од Бирото за регионален развој во износ од 4,5 милиони денари изградивме спортски комплекс, кој поседува терен за мали спортови и детски забавен парк за рекреација на најмладите жители од населбата. Со изградбата на овој спортски комплекс, градот Кичево ќе има повеќе можности за забава на младите и за спортување на граѓаните од сите генерации. Изведувач на работите на овој комплекс е компанијата „Мирсат Комерц“ од село Челопеци, изјави директорот на Бирото за регионален развој Рамиз Реџепи.

Струга – Со настанот „Слушнете ги нашите приказни“, Центарот за подобрување на квалитетот на животот на лицата со интелектуална попреченост „Порака нова“ и здруженијата на слепи и на глуви и наглуви лица од Струга ќе го одбележат 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Целта на настанот, како што соопшти секретарот на „Порака нова“, Анита Гагоска е да се слушнат и видат личните и општествените борби на лицата со попреченост и нивните успешни животни приказни.

Скопје – Со засадување на листопадни високорастечки садници, Општина Илинден почна со реализација на еколошката акција за озеленување на повеќе локации во урбаниот дел на Општината, во рамки на проектот „Зелена општина Илинден”.

Акцијата е спроведена во соработка со ЈКП „Илинден” и ЈКП „Водовод“, како и општествено одговорни компании од бизнис секторот, а целта е да се придонесе за подобрувањето на квалитетот на воздухот, унапредувањето на животната средина, како и подобрување на условите за живеење и квалитетот на живот во локалната заедница.

Back to top button
Close
Close