МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

1 декември 2021

1 декември 2021

Скопје – Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот, при што на територијата на град Скопје се изречени вкупно 141 мерка.

Како што информира МВР, меѓу изречените санкции 21 се за возење со брзина поголема од дозволената, 17 за возење без возачка дозвола, две за минување на возила на црвено светло, една за возење под дејство на алкохол, осум за технички неисправни и нерегистрирани возила, четири за неносење на сигурносен појас, осум за користење на мобилен телефон, три за прекршоци што ги чинат возачите на моторцикли, како и 48 мерки за непрописно паркирање.

Скопје – Во текот на вчерашниот ден во рамки на спроведената зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, санкционирани се 224 возачи.

Од нив, соопштија денеска од МВР, 10 возилa се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а пет возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 77 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 147 надвор од населено место.

Скопје – Сообраќајот на државните патишта утринава се одвива по влажни коловози, со остатоци на кашест снег на коловозот на некои повисоки места. Поради ниските утрински температури можна е појава и на голомразица.

Авто мото сојузот на Македонија потсетува дека се уште на сила е забраната за тешки товарни возила на патот Тетово-Попова Шапка, додека за останатите возила задолжителна е употреба на зимска опрема.

Скопје – Најстудено утринава е во Битола каде се измерени -10 степени. Утринските температури во целата држава се под нулата освен во Дојран каде според Управата за хидрометеоролошки работи е измерен еден степен над нулата. Во Берово утринската температура е -8 степени, во Маврово и Попова Шапка -7, во Крива Паланка и Крушево -6, во Петровац кај Скопје, Демир Капија и Струмица -5, на Зајчев Рид Скопје, Прилеп, Штип, Виница и Куманово -4, во Тетово, Охрид и Гевгелија -3 и во Претор -2 степена. Најмногу снег има на Маврово – 22 сантиметри, потоа во Крушево 20 сантиметри, на Попова Шапка 17 и во Битола 15 сантиметри.

Според најавата на синоптичарите, денеска времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Максималната температура ќе се движи од 5 до 11 степени.

Скопје – Без електрична енергија утре ќе бидат корисниците во делови од општините Карпош, Кисела Вода и Сарај. Како што соопшти РЦУК по известување од ЕВН Македонија АД, без електрична енергија од 09:45 до 14 часот ќе бидат објектот на Асиба, Архивот и околните објекти, а од 09:35 до 13:30 часот дел од објектите во Градскиот парк во општина Карпош.

Од 08:30 до 11:30 часот без електрична енергија ќе бидат корисниците на дел од улицата „Франц Харкорт Манинг“, дел од улицата „14-ти Декември“, ОУ „Круме Кепески“, дел од улицата „Георги Димитров“ (кај Тенекс), а од 09:30 до 11:30 часот корисниците од улиците „Герника“ 6, „Герника“ 8 и „Герника“ 10 во општина Кисела Вода. Без струја од 10 до 14 часот ќе бидат корисниците на дел од село Ласкарци во Општина Сарај.

Скопје – Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и претставници на општинската администрација синоќа одржаа маалска средба со дел од граѓаните од улицата „Мирослав Крлежа“ во Дебар Маало.

Герасимовски, како што соопшти Општина Центар, ги ислуша сите сугестии на жителите и одговори на сите поставени прашања, кои во најголем дел се однесуваа на паркинг местата и реконструкцијата на улицата. За подобар увид во работата и предвиденото идејно решение, Герасимовски ги покани граѓаните на увид на нацрт-проектот за реконструкција на улицата „Миросав Крлежа“ во неговиот кабинет, в четврток во 18.30 часот.

Скопје – Во Рајски парк во општина Аеродром денеска ќе бидат засадени дрвја како придонес за чист воздух и зачувување на животната средина во рамки на Програмата за зелена економија за Западен Балкан (GEFF)  на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Програмата за зелена економија за Западен Балкан, основана од ЕБОР,  е кофинансирана  од Европска Унија, австриското Федерално Министерство за финансии и билатералните донатори на Инвестициската рамка за Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework – WBIF). Ова е дел од Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан која е имплементирана  во партнерство со Секретаријатот на енергетската заедница.

Скопје – Земјотреси со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала со епицентри на 65 километри југозападно од Скопје, се регистрирани утринава во епицентралното подрачје Кичево.

– Првиот во 08 часот и 14 минути со локална Рихтерова магнитуда ML2.6 и вториот во 08 часот и 21 минута со локална Рихтерова магнитуда ML2.9, а потекнуваат од епицентралното подрачје Кичево. Земјотресите беа почувствувани од населението во југозападните делови со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, информираат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, е одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Куманово – Непречено се спроведува вакцинацијата во вакциналниот пункт на Здравствениот дом во Куманово, соопштија денеска надлежните. Последниве денови поголем интерес за вакцинирање има кај помладата популација за прва доза, а за трета доза најмногу заинтересирана е повозрасната популација.

– Досега, од почетокот на имунизацијата, аплицирани се над 96.000 вакцини против Ковид-19, од нив 47.000 дадени како прва доза, а над 45.000 како втора доза. Трета доза примиле околу 3.600 граѓани, изјави координаторот на вакциналниот пункт во Здравствениот дом во Куманово, Валдрим Мифтари.

Куманово – Две лица измамиле седумдесет и двегодишен кумановец за 1.000 евра, соопшти денеска СВР Куманово. Отштетниот го пријавил случајот вчера во 15:00 часот.

– Според пријавеното едно од лицата му понудило дека доколку му даде пари ќе му донесе злато за поевтина цена, по што откако пријавителот му ги дал парите лицето заминало и не се вратило на договореното место, соопшти СВР Куманово.

Куманово – Македонскиот кошаркарски прволигаш Куманово соопшти дека причината за напуштање на регионалната БИБЛ лига е „тенденциозно судење“, а не наводно неподмирени финансиски обврски кон натпреварувањето.

– Демантираме дека КК Куманово во изминатиот период откако настапува во БИБЛ лигата има каква било обврска по основ на неизмирени долгови спрема оваа натпреварување, неисплатени обврски по основ на хотелско сместување или транспорт или пак неизмирени долгови по основ на судиска или делегатска такса. Лигата ја напуштивме пред сè поради тенденциозното судење и некоректно однесување на одредени поединци, соопшти управата на Куманово.

Тетово – Деветмина вљубеници во квизови од цела држава основаа Македонска квиз асоцијација (МКА), а во недела организираат и прв мастерс натпревар. Од асоцијацијата се надеваат дека со ваквото организирање ќе се зголеми квиз културата, како и дека ќе имаат повеќе активности и побројно членство.

-Идејата произлезе од желбата за организирање и учество на квизови на знаење кои за жал ги има се помалку. Сега сме во фаза на органирање на првиот Мастерс квиз на 5-ти декември што е прилика да се регрутираат повеќе вљубеници во квизови и да се зголеми членството на асоцијацијата која е во фаза на создавање, изјави претседателот на асоцијацијата Оливер Таневски.

Back to top button
Close
Close