МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

29 ноември 2021

29 ноември 2021

Берово – Во Берово утре ќе биде разгледана иницијативата за преименување на улица во чест на прерано загинатиот словенечки пожарникар Жан Кофол, кој беше еден од најистакнатите во гаснењето на пожарите во Малешевијата. Иницијативата е на беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, кој најави дека иницијативата ќе се разгледува на утрешната седница на Советот на општината.

– Иницијативата ја поднесов за постхумно одликување, по името на овој хуман херој, кој загина во сообраќајна несреќа, а кој даде свој придонес во гаснењето на пожарите кои беснееја во Малешевијата. Со иницијативата предвидено е преименување на улица „20” во населбата Ширината во улица „Жан Кофол”. Понатаму, постапката за промена, ќе се врши согласно Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, изјави Пекевски.

Штип – Тринаесетте советници од ВМРО –  ДПМНЕ во Советот на Општина Штип ќе ги потпишат свечените изјави со уставното име на државата.

Координаторот на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ во Советот на Општина Штип, Душко Иванов вели дека тоа ќе го сторат во интерес на граѓаните, со цел на општината и на Советот да не им се донесе мерка „забрана на прописи“, а и од причина што во решението од Државниот инспекторат за локална самоуправа е укажано и има дадено рок за постапување во рок од 15 дена.

Струмица – Узурпирање н а Домот на културата во село Добрејци, несредени паркови и приклучувањето на канализациската мрежа во село Дабиле, узурпирањето на тротоарите од уличните продавачи во шеста урбана заедница во градот-се приоротетните проблеми кои ги детектираше Здружението „Организација на жени од Струмица“ во рамки на проектот “Презентација на клучните приоритети на жените од три заедници во Општина Струмица”.

Здружението бара од Општината овие проблеми да се решат и да најдат место во Програмата за работа во 2022 година и во буџетот на Општина Струмица.

Крушево – Обилните дождови последното деноноќие ја заматија водата во крушевскиот водовод. Од јавното-комунално претпријатие „Комуна“ предупредуваат и апелираат да не се пие, а доколку се користи за пиење, да се преврива.

Инаку, Крушево нема проблеми со водоснабдувањето, но, со сегашното заматување на водата, задолжително е граѓаните да ги почитуваат препораките од надлежните.

Ресен – Водата од изворите во селото Крушје, од која се снабдува со вода градот денеска е забранета за користење, соопшти Јавното комунално претпријатие „Пролетер“ од Ресен.

Ваквата одлука, како што е наведено, е поради интервенција на водоводната мрежа.

Струга – Поради обилните врнежи од дожд што го зафатија струшкиот регион, водата во општина Струга е загадена и не може да се користи за пиење, соопшти јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

Од претпријатието апелираат до граѓаните да не ја користат водата од градскиот водовод до нејзиното прочистување, за што дополнително ќе известат.

Кичево – Интензивните врнежи од дожд изминатите денови го подигна нивото на реката Треска од нулта кота на кота од 130 сантиметри, што придонесе да бидат поплавени голем број ниви и ливади во близина на речното корито.

– Интензивните врнежи од дожд присутни во регионот, до врв го наполнија коритото на река Треска која на неколку места се излеа од своето корито и поплави голем број земјоделски површини, ниви и ливади. Најголемиот дел поплавени површини се наоѓаат помеѓу селата Вранештица и Лисичани.Во овој дел од полето поплавени се над 150 хектари, вели Кемаил Сами од Месната заедница на село Лисичани.

Скопје – Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, се обрати на основањето на Б40 мрежата на градови од Балканот (B40 Balkan cities network) во рамки на самитот кој денеска и утре се одржува во Истанбул, Турција.

На самитот учествуваат 24 градоначалници од 11 држави, кои денеска разговараа за неколку клучни прашања што ги засегаат градовите од Балканот – како дигитална трансформација, урбана демократија и економска соработка. Станува збор за основање на Б40 Мрежата на градови од Балканот која ќе го отвори патот за соработка меѓу градовите и размена на позитивни искуства за решавање на урбаните проблеми.

Струга – Бројот на туристи во Струшкиот регион и покрај пандемијата, годинава е зголемен за околу 45 отсто во однос на претходната, информира директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски.

Во изјава за МИА забележа дека бројот на туристички ноќевања е зголемен и на ниво на држава за повеќе од 50 отсто во однос на лани. Очекува охридско-струшкиот регион да допринесе уште повеќе во развојот на туризмот и надминување на 2,5 милиони ноќевања, со што ќе се доближиме до бројките од 2017 и 2018 година.

Радовиш – Општина Радовиш го асфалтираше пристапниот пат кон новиот проширен дел на градските гробиштата, а со зафатот е обезбеден и паркинг простор надвор од гробиштата.

Според градоначалникот Ацо Ристов, овој долгогодишен проблем, иако не е до крај решен, сепак со зафатот граѓаните добиваат можност на културен и достоинствен начин да се простуваат од блиските.

Куманово – Четириесет и петгодишен ловџија од Липково бил повреден при лов, соопшти денеска СВР Куманово. Тој вчера ловел со друг ловџија од Матејче кој го повредил со пушка.

– Вчера во 14:35 часот во СВР Куманово било пријавено дека во местото викано „Голем камен“, во атар на село Матејче, Општина Липково, додека биле на лов, А.В. (37) од село Матејче со ловечка пушка го повредил Л.С. (45) од Липково, информираше полицијата.

Кичево – Интензивните врнежи од дожд им создадоа големи проблеми на повеќе жители на Кичево. Така во текот на ноќта се излеаја повеќе реки при што се поплавени стотина домови, голем број на подрумски и помошни простории, но најважно е што нема човечки жртви.

– Дождот кој со мали прекини во кичевско врне три дена, создаде повеќе проблеми на неговите жители. Во текот на ноќта се излеа Зајашка река и ја поплави населбата на улица“ Прилепска“, каде под вода останаа стотина домови.

Охрид – Нивото на водата во Охридското Езеро се покачи за три сантиметри, благодарение на интензивните врнежи од дожд што го зафатија регионот изминатите неколку дена. Само во текот на изминатото деноноќие во Охридскиот регион наврнаа 47 литри дожд на метар квадратен, така што моментално нивото на езерото се наоѓа на котата од 693,13 метри надморска височина или три сантиметри над дозволениот минимум.

Температурата на водата е 11 Целзиусови степени, што е за 1,8 степен под просекот за ноември.

Back to top button
Close
Close