МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

26 ноември 2021

Гевгелија, 26 ноември 2021 (МИА) – Развојот на туризмот во општина Гевгелија ќе добие приоритетно значење, особено во сегашниве услови кога поради пандемијата ги трпи најголемите штети и има потреба од наоѓање на негови алтернативни форми, констатираа на денешната средба градоначалникот Андон Сарамандов и Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција на туризмот.

-Агенцијата ќе ги подржи сите активности на Општина Гевгелија кои ќе овозможуваат поголема искористеност на туристичките погодности во ова поднебје и за таа цел во најскоро време ќе организираме средба со овдешните туристички компании и организации за да се запознаеме со проблемите што ги имаат, да најдеме можности за нивно надминување и да ја обезбедиме потребната подршка, рече Јаневски.

Дебар, 26 ноември 2021 (МИА) – Во текот на вчерашниот ден успешно беше извршена замена на дел од вентилите на водоводот Росоки-Дебар, со што е означен почетокот на проектот во три фази, со кој конечно ќе биде надминат долгогодишниот проблем со недостиг на вода за пиење во Дебар и населените места.

-Како еден од најприоритетните проблеми за нас, преку физибилити студијата ги идентификувавме проблемите и понудивме решение во три фази. Прва и најважна фаза е сегментот од изворот на Росоки до главниот градски резервоар, тендериран и во сите фази, работите ќе ги изведува фирмата „ЦМЦ“ од Скопје. За таа цел, општина Дебар од својот буџет одвои околу 200 илјади евра, сопствени средства кои целосно ќе ја покријат првата фаза, изјави градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.

Скопје, 26 ноември 2021 (МИА) – Државниот завод за ревизија ги објави конечните ревизорски извештаи од предвремени локални избори за градоначалник на Штип и Пласница во 2020 година.

Ревизорските извештаи се однесуваат на Интегра – Македонска конзервативна партија, Трајно македонско радикално обединување (ТМРО), коалицијата „Иднината во наши раце“ и Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ).

Скопје, 26 ноември 2021 (МИА) – Кичево од 3 до 9 декември ќе биде домаќин на Првиот професионален театарски фестивал „Ускана фест“,  на кој ќе учествуваат театри од Тетово, Скопје и Куманово.

На фестивалот ќе бидат изведени седум претстави од исто толку театри, помеѓу кои добро познатите Театар Комедија од Скопје,Тетовскиот Театар,Турскиот Театар и други.

Тетово, 26 ноември 2021 (МИА) – Прва поголема снежна покривка на скијачкиот центар Попова Шапка има од ноќеска, но сепак не е доволна се уште за почеток на скијачката сезона, информираат од друштвото Попова Шапка. Во летниот и есенскиот период,  уверуваат дека се работело на унапредување на состојбите за скијање.

-Имаме прва посериозна снежна покривка, но се уште е рано да се прогнозира кога ќе почне скијачката сезона. Во изминатиот период отстранет е дефектот кој минатата година беше на жичарницата Церипашина и таа ќе може да се користи оваа сезона. Така, на располагање ќе бидат сите ски лифтови и жичарници се сервисирани и ремонтирани. Скијачките патеки се обновени и поставена сигнализација како и нивно обележување. За скијачите се изградени и два бачила за одмор каде ќе има кафе, чај и сендвичи. Тие се на патеките Поток 1 и Поток 2 и на патеката Ге, информира Живко Алексовски, раководител на Друштвото за угостителство и туризам Попова Шапка.

Делчево, 26 ноември 2021 (МИА) – Општина Делчево преку отворена јавна анкета во соработка со граѓаните ќе ги иницира приоритетите и проектите за решавање во наредната 2022 година. По тој повод од општината информираа граѓаните дека до 1 декември 2021 ќе можат директно да учествуваат во креирањето на Буџетот за следната година.

-На веб-страницата на Општина Делчево (delcevo.gov.mk) ќе биде отворена јавната анкета на која ќе можат да бидат иницирани приоритетите и проектите за решавање во наредната 2022, со што директно граѓаните можат да учествуваат во креирање на Буџетот, истакнаа од Општина Делчево.

Кичево 26 ноември 2021 (МИА) – По три месеци надвор од договорениот рок, заврши испораката на огревно дрво за кичевските пензионери. За ненавремената испорака  на одревно дрво најважни беа три причини, од немање на дотурачи на дрва во шумата, недоволен број камиони за достава на огревно дрво и немање доволни количества, дабово дрво, пресечено за испорака, истакнаа од Здружението на пензионери од Кичево.

-Проблемите кои се појавија годинава со испорака на огревно дрво за нашите членови досега сме ги немале во толкав обем,бидејќи наместо до средината на август целосната испорака заврши кон крајот на ноември, месец и половина од почетокот на грејната сезона. За цело време се појавуваат повеќе проблеми кои предизвикаа испораката да биде успорена или прекината, велат од кичевското Здружение, од каде ги наведуваат главните причини за оваа ненавремена испорака.

Охрид, 26 ноември 2021 (МИА) – Во организација на Регионалниот центар за поддршка на социјални претпријатија во склоп на Фондацијата за поддршка на претпријатија ЕСА Охрид и проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“ во Охрид се одржа првиот Саем на социјалните претпријатија од Југозападниот регион.

На саемот беа презентирани претприемачките идеи и потенцијалите на дваесетина социјални претпријатија регионот и невладини организации што се занимаваат со некоја економска активност.

Струга, 26 ноември 2021 (МИА) – Реорганизирање на наставните смени во основните училишта во струшките села и настава во етнички мешани смени во основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга било договорено на средбата на градоначалникот Рамиз Мерко со директорите на училиштата.

Целта на реорганизирањето на смените, како што имформира денеска градоначалникот, е заштеда на електрична енергија, а со тоа и заштеда на училишниот буџет. Досега, појасни, во училиштата во руралните средини, учениците од прво до петто одделение оделе само прва смена и по завршувањето на часовите имало поголема пауза до почетокот на втората смена, односно повисоките одделенија, кои имаат поголем фонд часови и завршуваат подоцна. Со измените, според Мерко, учениците од шесто до деветто оделение настава ќе поседуваат само прва смена, часовите ќе им завршуваат нешто пред 13 часот, за од 13 часот да продолжат пониските одделенија, чија настава ќе заврши околу 16 часот.

Back to top button
Close
Close