МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

25 ноември 2021

Скопје, 25 ноември 2021 (МИА) – Корисниците на дел од улиците „Максим Горки“, „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и „Лермонтова“ утре од 08:30 часот нема да имаат вода.

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје причина за прекин во водоснабдувањето е дефект на приклучна цевка ф-80 милиметри на улицата „Максим Горки“ 31.

Струга, 25 ноември 2021 (МИА) – Интересот за изнајмување книги во струшката Библиотека е значително зголемен од почетокот на пандемијата, заклучи директорката на центарот за култура „Браќа Миладиновци“, Николина Велкоска – Глигороска, под чија надлежност е и Библиотеката.

Пред почетокот на пандемијата членувале околу 700 читатели, а сега бројката е повеќе од двојно зголемена, односно евидентирани се 1.054 возрасни и 792 во детското одделение. Во Библиотеката во Вевчани, која е подрачна на струшката членуваат 92 лица. Најмладиот читател, според неа, има само шест години, додека највозрасниот е пензионер, но интересот за читање е зголемен кај сите генерации.

Охрид, 25 ноември 2021 (МИА) – Нивото на водата во Охридското Езеро падна на дозволениот минимум, на котата 693,10 метри надморска височина или 16 сантиметри под просекот за овој период од годината.

Температурата на водата е 12,5 степени Целзиусови, што е за 0,3 степени под просекот за ноември.

Гевгелија, 25 ноември 2021 (МИА) – Околу основното училиште „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија почнаа градежни активности за поставување нова армирана бетонска ограда долж целото училиште и неговиот двор.

Директорката Кети Аврамчева рече дека покрај оградата, ќе биде заменета и старата врата на главниот влез  со нова лизгачка врата и дека нови врати ќе добијат и останатите два влеза во училишниот двор.

Гевгелија, 25 ноември 2021 (МИА) – Гевгелискиот градоначалник Андон Сарамандов со своите соработници денеска направи увид во фактичката состојба на руинираниот објект на старата спортска сала во центарот на градот.

По согледувањето на состојбата, веднаш беше договорено надлежните служби да почнат постапка за изготвување проектна документација за ревитализација на објектот кој располага со сала и придружни простории кои се користеа за спортски активности и обуки.

Кичево, 25 ноември 2021 (МИА) –  Општина Пласница презеде активности за решавање на проблемот со поплавите што се случуваа изминатите години при висок водостој на реката Треска. За да се спречат овие појави, општината изгради бетонски потпорен ѕид со должина од 135 метри, во делот каде што водите на Треска најмногу се излеваа и правеа штети.

– За да не се повторуваат проблемите од претходните години, кога по високиот водостој на река Треска беа поплавувани поголем број на селски куќи и земјоделски површини во понискиот дел од село Пласница, изграден е потпорен бетонски ѕид со должина од 135 метри и височина од 120 сантиметри. Ѕидот е изграден во делот каде реката Треска меандрира   и каде имаше најчеста опасност од нови поплави. Се надеваме дека овој потпорен ѕид во понатамошниот период ќе биде од голема помош за мирен сон на жителите  од  оваа населба, во понискиот дел на селото, истакна градоначалникот  Алиа Јаоски, кој наведе дека средствата за оваа намена се обезбедени од повеќе извори.

Скопје, 25 ноември 2021 (МИА) – Општина Илинден денеска соопшти дека во соработка со ЕВН,  континуирано работи на подобрување на електроенергетската мрежа и напојување.

-Со осовременувањето на електроенергетската мрежа и инфраструктура за дистрибуција се добива квалитетен и стабилен напон на електричната енергија на територијата на целата општина, што е од исклучително значење за развојот на општината и квалитетот на живеење на граѓаните, се наведува во соопштението на општинските власти.

Радовиш, 25 ноември 2021 (МИА) – На просторот меѓу општинската зграда и Полициската станица во Радовиш денеска почна уредувањето на нов паркинг простор за 50 возила.

Според градоначалникот Ацо Ристов, на локацијата ќе биде уреден нов функционален паркинг простор.

Кичево, 25 ноември 2021 (МИА) – Фудбалското игралиште во населба Раштански пат во Кичево, кое пред три месеци го најави директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, е целосно завршено и деновиве ќе им биде ставено на располагање на граѓаните од оваа населба со околу 2000 жители.

–  За неполни два месеци во населба Раштански пат заврши изградбата на нов фудбалски терен со асфалтна подлога. Средствата за изградба на овој терен ги обезбеди Бирото за регионален развој на РС Македонија, а за негова финализација потрошени се четири милиони денари. При овој зафат изграден е терен за мал  фудбал, што е целосно заграден со висока  жичана ограда, а деновиве се очекува да бидат поставени рефлектори за ноќни натпревари. Ќе бидат поставени и околу 200 пластични столчиња на трибината што е изградена во склоп на теренот, нагласи Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој, посочувајќи дека овој терен ќе го подобри квалитетот  на животот на граѓаните од оваа населба.

Куманово, 25 ноември 2021 (МИА) – Почна асфалтирањето на улиците „146“ и „149“ во кумановската населба Карпош, информираа денеска надлежните од Секторот за комунални дејности. Од општинскиот буџет за асфалтирање на улицата „146“ одвоени се 1.275.337 денари, а за улицата „149“ одвоени се 1.480.570 денари без вклучен данок на додадена вредност.
Според договорот со фирмата изведувач, се очекува асфалтирањето да заврши за помалку од еден месец.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close