0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталОпштество

МИА и 15 европски агенции од идната година се вклучуваат во проектот „Европска редакција“

Од почетокот на идната година треба да почне со работа проектот „Европска редакција“ со 16 новински агенции од ЕУ и од Западниот Балкан, кофинансиран од Европската комисија, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Брисел, 29 ноември 2021 (МИА) – Од почетокот на идната година треба да почне со работа проектот „Европска редакција“ со 16 новински агенции од ЕУ и од Западниот Балкан, кофинансиран од Европската комисија, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Европската комисија ја официјализира оваа вест денеска.

– Комисијата најавува дека ќе го поддржи развојот на „Европска редакција“ што ќе здружи 16 новински агенции, соопштија од Европската комисија, која за ова ќе издвои 1,76 милион евра за да се „збогати дебатата на европските теми“.

Вера Јурова, еврокомесарката за транспарентност, која е носител на проектот заедно со нејзиниот колега Тиери Бретон, задолжен за внатрешниот пазар на ЕУ, оцени дека овој проект ќе ги направи медиумите посилни.

– Европскиот јазичен диверзитет значи дека медиумските компании долго ги следеа сопствените патишта на развој во нивниот национален контекст, со сопствените модели. Затоа потенцијалот на овој диверзитет на модели долго остана неискористен, време европскиот диверзитет, наш најголем адут, да се исплати, изјави вечерва Јурова на Европскиот медиумски форум.

Со оваа идеја се создава од 2022 „Европската редакција“ што ќе им овозможи на 16-те агенции кои учествуваат да ги споделат своите информации и знаења и да произведуваат содржини во 15 јазици.

Европската комисија сѐ уште е во преговори за локација на канцелариите во Брисел, изјави денеска портпарол на Европската комисија.

Во проектот ќе учествуваат МИА, како и француската агенција АФП, германската ДПА, италијанската АНСА, романската Агерпрес, австриската АПА, албанската АТА, белгиската Белга, бугарската БТА, шпанската Европа Пре, босанската ФЕНА, хрватската ХИНА, словенечката СТА, српската Танјуг и словачката ТАСР.

– Го организираме европскиот информативен простор и го зголемуваме пристапот на граѓаните кон квалитетна информација. Првата паневропска редакција ќе им овозможи на новинарите заедно да известуваат за ЕУ и да промовираат дух на соработка дома, изјави Бретон.

 

Директорот на МИА, Драган Антоновски, ја поздрави европската иницијатива кон која се приклучува државната агенција.

– За МИА ова е уште еден меѓународен проект, кој се надеваме дека ќе биде успешен за сите. МИА е активен учесник во овој проект од самиот почеток во идејата на градење бриселска редакција во ЕУ. Ние немаме никаква задршка дека тоа може да биде корисно и  во функција на побрз пристап до информации за случувањата во ЕУ, за подобра организација во пристапот до информации и секако во оваа ера на лажни вести, нивна проверка, како и двонасочна продукција од и кон Брисел, изјави Антоновски.

Генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез, за МИА истакна дека е од огромна важност да биде запазена новинарската и уредувачката независност на сите агенции вклучени во овој нов проект.

– Комисијата мора да гарантира апсолутна уредувачка независност во оваа европска редакција, таа мора да биде слободна да ги истражува сите европски теми од јавен интерес без страв од последици, рече Гутиерез за МИА.

Генералниот секретар на Федерацијата се осврна и на кризата низ која поминува медиумскиот сектор како и на работничките права.

– Соочени со кризата, многу медиумски компании во Европа одлучија драстично да го намалат покривањето на европските прашања, што е жално, со оглед на тоа колкаво е влијанието на европските политики врз секојдневниот живот. Овој проект треба да ги поттикне медиумите да ја ревидираат нивната политика и ја повикуваме Комисијата да даде предност на проекти што ќе обезбедат достојни услови за работа за новинарите и ќе промовираат етичко и одговорно новинарство, изјави Гутиерез.

За Европската федерација на новинари, каде што членуваат и македонските новинарски здруженија, е важно да се поддржат медиумските компании, но поважно е да се поддржат новинарите и новинарството што работи во корист на јавниот интерес. тм/нд/

Таг
Back to top button
Close
Close