Дописници МКДКултураКултура.ПорталОпштински вести

Меѓународна изложба на копаничарски дела отворена во Кавадарци

Меѓународна изложба на копаничарски дела беше отворена синоќа во Музеј - галерија Кавадарци.

Кавадарци, 27 ноември 2021 (МИА) – Меѓународна изложба на копаничарски дела беше отворена синоќа во Музеј – галерија Кавадарци.

Томе Крстевски, виш кустос во Музејот, куратор на изложбата, рече дека најстарите споменички вредности, изработени во резба на територијата на Македонија, се наоѓаат  во Охрид, каде што живеел и творел големиот македонски и сесловенски книжевник и просветител Климент Охридски.

-И не случајно до ден денес е зачувана неговата скулптура во Црквата Свети Климент, изработена во висок релјеф, а која временски му припаѓа на крајот на XIII век и почетокот на XIV век. Неизбежно е да се спомене за резбарството во Тиквешијата во текот на XVI век, со значајните и врвни дела во манастирската Црква Свети Ѓорѓи Полошки, со најзначајните резбарски дела Голем крст со Распетие Христово, полиелеј, двокрилната врата од црквата, две двокрилни врати од припратата на северниот и западниот дел од игуменскиот стол и две надверја, појасни Крстевски.

Тој додаде дека копаничарството во својот развој продолжува со македонските тајфи и центри кои се дел од специфичната и автохтона македонска резбарска школа.

-Невозможно во оваа прилика е да не се спомене Петре Филиповиќ – Гарката во контекст на македонските тајфи кои биле дел од копаничарството кон крајот на XVIII век и почеток на XIX век.     Гарката преку своите дела ја покажува својата виртуозност покажувајќи ја љубовта и посветеноста, огромното уметничко знаење и висок уметнички дострел во копаничарските вештини, рече Крстевски.

Информираше дека копаничарите кои се дел од изложбата со свои дела, со својата дарба, љубов и посветеност, меѓу другото, имаат цел за заживување, негување и развивање на  традиционалната уметност.

Негови соработници се кустосите Билјана Галабова, Трајче Цветков и Елизабета Ристова.

Покровители на изложбата се кавадаречкиот градоначалник и Совет на општината Кавадарци.

Пред присутните се обрати и директорката и главен уредник на изложбата, кустос советникот Весна Ѓорѓиева. свд/лв/

Back to top button
Close
Close