0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.Портал0_МИА Истражува.ПорталИнтервјуМакедонија.СлајдерПолитика

Мариа Шмид за МИА: Импресионирана сум како Северна Македонија придонесува за регионалната стабилност и безбедност

- Ги гледаме ефектите од војната против Украина во соседството и пошироко, а таа ги влоши економските перспективи за општествата низ регионот. Владите се соочуваат со сериозни предизвици за да ги ублажат социо-економските последици од конфликтот. Теренските операции на ОБСЕ внимателно ја следат ситуацијата и ја прилагодуваат својата работа по потреба за да продолжат да обезбедуваат поддршка врз основа на реалните потреби со кои се соочуваат владите и заедниците секој ден, вели Мариа Шмид за МИА.

Скопје, 19 јуни 2022 (МИА) – Регионалната соработка е во срцето на нашиот пристап кон безбедноста во ОБСЕ и импресиониранa сум од тоа како Северна Македонија придонесува за регионалната стабилност и безбедност. Вашата земја постигна толку многу и дава добар пример за регионот и пошироко и мислам дека има многу други држави кои може да учат од Северна Македонија, вели во интервју за МИА генералната секретарка на ОБСЕ Хелга Мариа Шмид.

Во интервјуто за МИА, таа се осврнува на војната во Украина, истакнувајќи дека таа продолжува да има ужасна човечка цена, предизвикувајќи незамисливо страдање за милиони луѓе и мора да престане.

– Ги гледаме ефектите од војната против Украина во соседството и пошироко, а таа ги влоши економските перспективи за општествата низ регионот. Владите се соочуваат со сериозни предизвици за да ги ублажат социо-економските последици од конфликтот. Теренските операции на ОБСЕ внимателно ја следат ситуацијата и ја прилагодуваат својата работа по потреба за да продолжат да обезбедуваат поддршка врз основа на реалните потреби со кои се соочуваат владите и заедниците секој ден, вели Мариа Шмид за МИА.

Госпоѓа Шмид, вие учествувавте на Преспа форумот за дијалог, што се совпаѓа со четвртата годишнина од потпишувањето на Договорот од Преспа. Дали мислите дека овој Договор беше успешен, дали може да се користи како модел за решавање други отворени прашања во регионот?

– Дозволете ми да започнам со тоа дека сум многу среќна што се враќам во оваа прекрасна земја и со нетрпение очекувам да зборувам на Преспа форумот за дијалог. Последен пат бев во Скопје во октомври 2021 година, кога се сретнав со високи владини претставници и нашиот посветен персонал во Мисијата на ОБСЕ во Скопје и нашата Теренска канцеларија во Тетово.

Како генерална секретарка на најголемата светска организација за регионална безбедност, знам дека регионалната соработка е од витално значење за одржлив мир и безбедност. Всушност, регионалната соработка е во срцето на нашиот пристап кон безбедноста во ОБСЕ. Навистина сум импресиониранa од тоа како Северна Македонија придонесува за регионалната стабилност и безбедност. Вашата земја постигна толку многу и дава добар пример за регионот и пошироко.

Договорот од Преспа има значителен удел во тој голем успех. Тој обезбедува простор за напредок и им овозможува на Северна Македонија и Грција да одговорат на заедничките прашања. Без него, решавањето на предизвиците како транснационалните закани, организираниот криминал, пограничната соработка и трговијата со луѓе би било многу потешко. Направеното во овие области имаше вистинско влијание во целиот регион.

Европа денес се соочува со војна на нејзината територија, што резултира со забрзување на евроинтегративниот процес на земјите кои не се членки и поставување на членството во ЕУ како безбедносно прашање. Дали ова може да го забрза членството на Северна Македонија во ЕУ, со оглед на блокадата на Бугарија, која останува на својата тврда позиција и која засега не укажува дека ќе го укине ветото во јуни.

– Иако конечната одлука е на земјите-членки на ЕУ, јас поминав добар дел од мојата кариера во Европската Унија, така што многу добро знам колку критериуми треба да исполнат земјите-кандидатки на нивниот пат кон пристапување во ЕУ. Европската комисија беше многу јасна дека Северна Македонија ги исполнува условите за пристапни преговори.

Северна Македонија е дел од тројката која претседава со ОБСЕ од 2023 година. Нашето претседателство доаѓа во најпредизвикувачкиот момент со кој се соочува организацијата во поновата историја, а тоа е војната во Украина. Земјата треба да ги претстави приоритетите на претседателството. Какви препораки ќе ни дадете?

– Ја имав привилегијата да работам со министерот за надворешни работи Османи и со амбасадорот на Северна Македонија во ОБСЕ Џундев откако пристигнав во Виена во јануари 2021 година, а сега и уште поблиску кога Северна Македонија се подготвува за своето претседавање со ОБСЕ во 2023 година. Амбасадорот Џундев и јас сме речиси во секојдневен контакт. Тој е одличен дипломат и ние сме среќни што ја предводи делегацијата на Северна Македонија во ОБСЕ во Виена.

Министерот Османи во јули ќе ги претстави приоритетите на Северна Македонија пред земјите од ОБСЕ и со големо нетрпение го очекувам тој момент. Претпоставувам дека тој ќе сака да одговори на предизвиците надвор од традиционалните воени и политички елементи на безбедноста, вклучувајќи ги и економските и еколошките аспекти, како и човековите права и владеењето на правото.

Мислам дека има многу други држави кои може да учат од Северна Македонија. Стратегијата „Едно општество за сите“, на пример, е солидна рамка за да помогне во подобрувањето на социјалната кохезија. Таа е модел кој исто така може да им помогне на другите да се справат со идните предизвици.

Како генерална секретарка на ОБСЕ, внимателно ги следите случувањата во Украина. Можете ли да коментирате што се случува таму? Колку бегалци досега ја напуштиле земјата и во кои земји најмногу одат, има ли случаи на враќање во Украина?

– Војната против Украина продолжува да има ужасна човечка цена, предизвикувајќи незамисливо страдање за милиони луѓе. Остануваме присутни и посветени на поддршката на народот на Украина во овие исклучително предизвикувачки околности и ќе продолжиме да го правиме тоа.

На пример, кога луѓето во голем број ги напуштаат своите домови, ризиците од трговија со луѓе вртоглаво се зголемуваат. Ниту една земја не може сама да се справи со ова. Работиме во Украина и нејзините соседни земји за да се справиме со овој предизвик. Со поддршка на нашата теренска операција, координаторот на проектот во Украина, во април, илјадници внатрешно раселени лица во осум региони на Украина беа информирани за тоа како да се избегнат ризиците од трговија со луѓе.

Специјалниот претставник и координатор на ОБСЕ за борба против трговијата со луѓе тесно соработува со соседните земји и објави препораки не само за тоа како државите можат да ги намалат ризиците и да ги поддржат жртвите, туку и конкретни упатства за тоа како да се намали трговијата со луѓе што е олеснето со технологија.

И има уште многу што правиме – од организирање вебинари за новинари за безбедносните ризици од хемикалии, до ангажирање експерти кои ги анализираат штетите од околината и предлагаат решенија за рехабилитација на животната средина. Исто така, гледаме како војната може да влијае на различни делови од населението, особено врз жените и девојчињата. Тесно соработуваме со нашите партнери, давајќи им практични упатства за давателите на услуги на преживеаните на родово засновано насилство.

Ќе продолжиме да го користиме нашето искуство и експертиза за поддршка на Украина денес и во иднина.

Во регионот имаше стравувања дека конфликтот ќе се прелее и во други европски земји, вклучително и на Балканот. Какво е вашето мислење, дали постои таква опасност?

– Војната против Украина мора да престане. Таа продолжува да има ужасна човечка цена, предизвикувајќи незамисливо страдање за милиони луѓе.

Ги гледаме ефектите од војната против Украина во соседството и пошироко, а таа ги влоши економските перспективи за општествата низ регионот. Владите се соочуваат со сериозни предизвици за да ги ублажат социо-економските последици од конфликтот. Теренските операции на ОБСЕ внимателно ја следат ситуацијата и ја прилагодуваат својата работа по потреба за да продолжат да обезбедуваат поддршка врз основа на реалните потреби со кои се соочуваат владите и заедниците секој ден.

ОБСЕ гледа на безбедноста низ сеопфатен пристап, за да помогне да се зголеми способноста на државите и општествата за социо-економски и безбедносни предизвици. На пример, теренските операции на ОБСЕ во регионот соработуваат со локалните власти за да се спротивстават на недозволената трговија со мало и лесно оружје. Ние, исто така, поддржуваме помирување и контакт луѓе со луѓе. Со присуство низ Југоисточна Европа, ОБСЕ е особено добро поставена да работи на проекти како овие и да продолжи да биде активна во спречувањето и решавањето конфликти.

ОБСЕ ги следеше последните избори одржани во земјава, локалните избори во октомври минатата година. Дали дадовте препораки, што е досега спроведено, што треба да се направи и какви се вашите оценки за реформските процеси во државата?

– Локалните избори во октомври минатата година ги набљудуваше Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) – независна институција на ОБСЕ која има 30-годишно искуство со избори. Тие во март годинава го објавија конечниот извештај за локалните избори во кој се вклучени нивните наоди и препораки.

Дозволете ми да додадам дека напредокот постигнат од Северна Македонија во донесувањето на клучните реформски закони во последните години е значаен. Спроведувањето на овие реформи ќе го поддржи социо-економскиот раст, ќе ги зајакне институциите и ќе го подобри животот на вашите граѓани, како и нивната доверба во владата. ОБСЕ, а особено нашата Мисија во Скопје, е таму за да ја поддржи земјата.

Неда Димова Прокиќ

Таг
Back to top button
Close
Close