Дописници МКДОпштински вести

Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во село Рајчица ја одбележува втората манастирска слава

Манастирот „Свети Георгиј Победоносец" во дебарското село Рајчица, ја одбележува втората манастирската слава, Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов – Крстовден.

Дебар, 26 септември 2022 (МИА) – Манастирот „Свети Георгиј Победоносец” во дебарското село Рајчица, ја одбележува втората манастирската слава, Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов – Крстовден.

Празнувањето на оваа манастирска слава е врзана со денот кога пред две децении почнало возобновувањето на конаците на дотогаш запуштениот манастир.

-Симболиката на тој ден е уште поголема бидејќи, според преданието, токму на Крстовден биле поставени и темелите на стариот манастир, рече за МИА сестра Ефимија.

Според неа, одбележувањето почнува вечерва во 18 часот со свечена празнична вечерна богослужба, а на која на крај проследен од стиховите на празничниот тропар и раскошно украсен со цвеќе, ќе биде изнесен на вход крстот со честичка од Чесното Дрво и потоа повторно внесен во олтарот.

-Утре во 7:30 часот ќе започне Утрената богослужба. На крајот од утрената од светиот Престол, од олтарот, ќе биде изнесен сребрениот филигрански крст, во кој се вметнува крстот од времето на игуменот Арсениј со честица на Чесниот и Животворен Крст, а кој преку годината се чува во големиот кивот на Бигорскиот манастир, додаде сестра Ефимија.

По чинот на Воздвижението на крстот, на верниците ќе им се даде можност и да се поклонат пред Живоносното и спасително Дрво на нашиот Господ Исус Христос.

Во 8:45 часот ќе има пречек  на надлежниот митрополит дебарско- кичевски неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, а во 9 часот ќе започне Светата Архиерејска златоустова  литургија.

-Дојдете сите заедно победнички да го издигнеме Чесниот Крст на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, нашето оружје и нашата надеж за спасение, и откако ќе го прославиме, радосно да се причестиме со светите Христови тајни, порачува сестра Ефимија.

Манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ е женски манастир и се наоѓа на околу два километра од Дебар.

– Првиот храм кој се наоѓал на истото место каде што е денешниот е направен во XVI век, кој пак, е изграден во XIX век, 1835 година како метох на Бигорскиот манастир. Тоа е времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник, вели сестра Ефимија.

Црквата била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година, од зографот Михаил и монахот Данил од Бигорскиот манастир, додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче.

Пред почетокот на Втората светска војна монашкиот живот овде запира. Од 1999 година благодарејќи на иницијативата на г. Партениј, тогаш игумен на Бигорскиот манастир, манастирот беше возобновен, а и реорганизиран во женски манастир кој и денес е под духовно раководство на епископот Партениј.

Од 2003 година раичката Обител се удостои да добие дел од светите, благоухани и исцелителни мошти на Великомаченикот Георгиј, кои се тука благодарение на отец Партениј. Уште истата година во Солун е изработено сребрено ковчеже во вид на рака во кое моштите се изложуваат за поклонение. За раката е специјално изработена и дополнителна украсна кутија во вид на црква. вт/рп/

Таг
Back to top button
Close
Close