Дописници МКДОпштински вести

Локалните власти велат дека е нарушена безбедносната состојба во Прилеп, од СВР Битола категорично демантираат

Според прилепските локални власти нарушена е безбедносната состојба во градот, а од СВР Битола демантираат и велат дека станува збор за лажни вести за да се создаде паника меѓу граѓаните.

Прилеп, 30 јуни 2022 (МИА) – Според прилепските локални власти нарушена е безбедносната состојба во градот, а од СВР Битола демантираат и велат дека станува збор за лажни вести за да се создаде паника меѓу граѓаните.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески на денешната прес-конференција рече дека безбедноста е нарушена особено со последните инциденти пред градскиот пазар, со тепачки и продажба на наркотични средства, а најмногу од сѐ, со палењето на автомобилот пред домот на директорот на комуналното претпријатие. Се бара детално известување до каде е со расветлување на случаите и оставка на началникот на полицијата.

– Барам од началникот на полицијата или од претставник да каже детално до каде е со расветлувањето на случаите, дали се откриени и фатени сторилетелите. Толку е зачестено ова беззаконие кое секој втор-трет ден ескалира. Бараме, не само јас како градоначалник, туку и советот поднесе барање за итна промена на командирот во Прилеп. Воедно, тоа значи и подобрување на безбедносните мерки во градот, изјави Јовчески.

Директорот на ЈП „Комуналец“ Рубин Абрашоски кому му е опожарен автомобилот пред неговиот дом вели дека претходно немал лични закани, но можеби преку социјалните мрежи. Иако има сомнежи, во интерес на истрагата не сака да говори за случајот.

– Ќе поднесам пријава само за да обезбедам заштита за мене и за моето семејство. Сакам да им порачам на сторителите на овој гнасен политичко-криминален чин дека не им се плашам, јас ќе продолжам да работам како и досега, чесно и одговорно, рече Абрашоски.

Од СВР Битола ги демантираат наводите од прес-конференцијата на прилепскиот градоначалник. Категорично велат дека се дезинформации, а прилепскиот градоначалник без никаква основа ја карактеризира безбедносната состојба како лоша. Оттаму додаваат дека целосно се расветлени последните случаи во градот и сето друго е тенденциозно пласирање лажни вести за да се создаде паника меѓу граѓаните.

– Секторот за внатрешни работи Битола – ОВР Прилеп категорично и целосно ги демантира дезинформациите во изјавата дадена од страна на градоначалникот на Општина Прилеп на денешната прес-конференција, во која комплетно и без никаква основа ја карактеризира како лоша безбедносната состојба во градот. Како прво, хронолошки гледано во текот на последната недела, полициските службеници при ОВР Прилеп ги презедоа сите потребни мерки и активности за откривање и разрешување на пријавените кривично-правни настани, при што се експресно и во целост разрешени. Објавени се фактите, а сѐ друго се инсинуации и тенденциозно пласирање на лажни вести, кои имаат за цел не само да ја дезинформираат јавноста и да предизвикаат паника кај граѓаните на Општина Прилеп, туку и да наштетат на работењето на полицијата како гарант на редот, безбедноста и владеењето на законите. СВР Битола-ОВР Прилеп  продолжува со интензивни мерки и активности за санкционирање на прекршителите на законите и со засилено темпо ќе работи на заштита на законитоста, како квалитетен сервис во интерес на сите наши граѓани, стои, меѓудругото во демантот од Секторот за внатрешни работи од Битола. ем/мс/

 

 

Back to top button
Close
Close