0_Web_АктуелноДописници МКДОпштински вести

Кумановци по пандемијата сè повеќе патуваат

По две години пауза повторно се враќа интересот на кумановци за патувања, покажуваат податоците на туристичките агенции. Според проценките на туристичките работници од Куманово, се очекува ова лето да се постигне нивото на аранжмани и патувања од пред пандемијата од 2019 година. Укинувањето на мерките во земјите од соседството, во земјите каде што традиционално летуваат кумановци, стабилната епидемиолошка состојба придонесе да се зголеми бројот на уплати за патувања.

Куманово, 28 мај 2022 (МИА) – По две години пауза повторно се враќа интересот на кумановци за патувања, покажуваат податоците на туристичките агенции. Според проценките на туристичките работници од Куманово, се очекува ова лето да се постигне нивото на аранжмани и патувања од пред пандемијата од 2019 година. Укинувањето на мерките во земјите од соседството, во земјите каде што традиционално летуваат кумановци, стабилната епидемиолошка состојба придонесе да се зголеми бројот на уплати за патувања.

– По оваа долга пауза по ковид-пандемијата, можеме слободно да кажеме дека туризмот се враќа во нашата земја и светот. Постои голема заинтересираност на кумановци да патуваат. Најпосакувани дестинации и понатаму остануваат Грција, Турција оваа година има особено голем интерес, Хургада во Египет и нова дестинација од оваа година е и Тунис. Сите земји во опкружувањето ги укинаа мерките и нашата земја, изјави Анита Трајковска-Петковска, сопственик на туристичка агенција.

Граѓаните се опуштија со оглед на добрата епидемиолошка состојба и сега речиси без страв патуваат надвор од државата.

– Се функционира нормално и се забележува дека на луѓето последниве две години им недостигаше патување, летување. Сега се патува сосема  исто како што се патувало пред пандемија. Интересот е навистина зголемен, но сето она што се случуваше последните две години сега ни се рефлектира како проблем бидејќи дефинитивно беа кризни годиниве, изјави Драган Трајковски, сопственик на агенција.

Туризмот беше најмногу погоден од пандемијата. Во тој период агенциите се соочија со загуба на работници кои се префрлија во други сектори и беше доведена во прашање егзистенцијата на вработените во секторот. Извесен период агенциите беа под клуч.

-Лани патуваа оние што имаат храброст, оние што сакаат да патуваат. За жал, се работеше од некоја сезона од три до четири месеци. Зимава сè уште имаше мерки, така што само доаѓавме во агенцијата отворавме и затворавме како резултат на пандемијата и мерките. Оваа година се надеваме дека ќе ги вратиме туристите и ќе се вратиме на нивото барем пред пандемијата, вели Трајковска-Петковска.

Од агенциите посочуваат дека се очекува зголемување на цените на аранжманите, но не толку драстично со оглед на високите цени на енергенси, храна на светско ниво.

И според последните податоци на Државниот завод за статистика, објавени во мај годинава, расте бројот и на домашни и странски туристи во државата.

– Бројот на туристите во март 2022 година изнесува 39 786, од кои 43.1 проценти се домашни туристи, а 56.9, се странски туристи. Бројот на ноќевањата во март 2022 година изнесува 87 074, од кои 44.1 процент се од домашните туристи, а 55.9 од странските туристи, објави статистика.

Во периодот јануари – март 2022 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 45.9 проценти, кај домашните туристи има зголемување за 21 отсто, а кај странските зголемувањето е за 79.5 проценти. Зголемен е и бројот на ноќевања за 41.6 отсто во периодот јануари – март годинава, генерално повеќе кај странските туристи. ам/хс/ 

Back to top button
Close
Close