Дописници МКДОпштествоОпштински вести

Кумановската болница доби нов компјутерски томограф

Кумановската болница доби современ компјутерски томограф набавен од ЕУ и Министерството за здравство, информираа денеска надлежните од јавната здравствена установа.

Куманово, 5 ноември 2021 (МИА) – Кумановската болница доби современ компјутерски томограф набавен од ЕУ и Министерството за здравство, информираа денеска надлежните од јавната здравствена установа.

Апаратот е сместен во новиот ургентен-хируршки центар во посебна соодветно опремена просторија. Пациентите од Куманово и од североисточниот регин ќе можат да го користат, откако ќе поминат потребните административни процедури.

– Апаратот е набавен преку ЕУ, а Министерството за здравство беше тоа кое согласно обемот на работа во болниците каде има потреба од ваков апарат одреди кои болници ќе добијат ваков современ, софистициран компјутерски томограф. Ние сме меѓу тие болници, бидејќи компјутерскиот томограф со кој работиме е стар, со помалку перформанси. Ваков апарат нема ниту една јавна здравствена установа, ние сме меѓу првите во државата, бидејќи имавме обезбедено простор при градбата на ургентно-хируршкиот центар, со специјална изолација, заштита на ѕидовите, набавивме како болница специјален систем за ладење, заштитно стакло, изјави директорката на болницата, д-р Снежана Захариева.

Таа појасни дека стариот апарат прави 16 пресеци, новиот – 128 што овозможува поголема прецизност при правењето на снимки, за триесетина секунди се добива проекција на телото и зрачењето е неспоредливо помало со постариот тип на апаратура. Захариева рече дека овој апарат ќе ја олесни работата на вработените, бидејќи се наоѓа во новиот центар каде доаѓаат итни случаи од сообраќајки, повреди, ќе го користат и хоспитализираните пациенти кои нема веќе да се рашетуваат по одделенијата, туку со лифт ќе бидат донесени на местото.

Менаџментот на болницата се надева дека до Нова година ќе бидат завршени административните процедури, од добивање дозвола од Дирекцијата за радијациона сигурност, кои треба да направат процена за безбедноста.

– Очекуваме за година-две да имаме нов специјализант и ќе имаме повеќе луѓе кои ќе работат рендген дијагностика. Она што преостанува е едукација на персоналот,вели Захариева.

Привршува и процесот на гасификација на болницата, информираше директорката и наскоро се очекува приклучок на мрежата, по склучувањето на договорот со ЈП „Куманово-Гас“ по што ќе следи  пробно пуштање на гас и тестирање на мрежата. ам.цр

Таг
Back to top button
Close
Close