Дописници МКДОпштествоОпштински вести

Кочовски: Маските на василичарите прикажуваат што не требало да се прави изминатата година

Вевчанскиот карневал е театар на отворено. Маските ги прикажуваат работите што не требало да се прават во текот на целата година и на нив не треба да се гледа суетно, порача градоначалникот Спасе Кочовски пред почетокот на карневалското дефиле.

Вевчани, 13 јануари 2022 (МИА) – Вевчанскиот карневал е театар на отворено. Маските ги прикажуваат работите што не требало да се прават во текот на целата година и на нив не треба да се гледа суетно, порача градоначалникот Спасе Кочовски пред почетокот на карневалското дефиле.

Иако, како што рече, не знае какви маски ќе продефилираат низ вевчанските улици, сепак, нагласи дека василичарите не сакаат никого да навредат, ниту да повредат никакви национални или верски чуства, туку само ја прикажуваат годината што измина на сатиричен и хумористичен начин.

– Ова е театар на отворено и секогаш треба да се гледаат работите кои укажуваат дека нешто не треба така да се прави. Ако видите многу грубост, пораката е не бидете груби, ако видите вулгарност, пораката е не бидете вулгарни. Сите оние негативни работи што ќе ги видите тука можеби изгледаат екстремно прикажани, но не се во навредлива форма ,туку прикажуваат онаков каков што можеби не сакате да се видите во текот на годината и сте биле онаков како што ќе се видите преку маските на василичарите, нагласи Кочовски.

Карневалското дефиле почнува после 14 часот, а василичарите со својата смисла на хумор и преку сатира се подготвени. Поворката почнува од почетокот на селото, со дефиле во центарот, а потоа продолжува низ вевчанските улици.

– Какви маски ќе има незнам ниту јас, тоа ќе го видиме на дефилето. Во тоа е и убавината на Вевчанскиот карневал. Ќе има многу хумор и сатира. Ќе ја отслика годината што измина со сите позитивности и негативности во нејзе, Имаме гости од цела Македонија, но и регионот и пошироко. Кој сака да се забавува и ужива ќе биде присутен во Вевчани и ќе си помине сигурно убаво и незаборавно, додаде Кочовски.

Според традицијата двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, глупавите Августи и останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања во земјава и светот ќе продефилираат низ вевчанските улици.

Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено, а секое карневалско издание за вевчанци е доживување и инспирација за изработка на маска за следната година. Во утринските часови традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори да наполнат вода, со која се прави вевчанскиот кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година. Според традицијата, манифестацијата завршува на 14-ти, попладне со карневалско оро и палење на маските во центарот на Вевчани. сс/цр

Таг
Back to top button
Close
Close