Дописници МКДКултураКултура.ПорталКултура.Слајдер

Концерт во спомен на маестро Александар Џамбазов на „Охридско лето“

Концерт во спомен на маестро Александар Џамбазов на „Охридско лето“

Охрид, 19 август 2022 (МИА) – Во чест на македонскиот диригент и композитор Александар Џамбазов, ревискиот оркестар на Љупчо Мирковски вечер на сцената Долни Сарај ќе одржи концерт „Музиката на Александар Џамбазов“, во рамки на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Солисти на вечерта ќе бидат пијанистот Бобан Мирковски, сопранот Наде Талевска и тенорот Ѓорѓи Цуцковски, под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Пред публиката ќе изведат познати композиции од маестро Џамбазов.

Македонскиот композитор и диригент Александар Џамбазов почина на 25 јануари годинава, а зад себе остави богат творечки опус. Тој е автор на сценска и филмска музика, детски песни, дела од класичната музика, хорски песни, но и на голем број популарни мелодии. Иницијатор е, и долгогодишен диригент на фестивалот на детски песни „Златно славејче“. За својата обемна творечка дејност во областа на музиката, маестро Џамбазов е добитник на бројни стручни награди.

Со концертот посветен на маестро Џамбазов, „Охридско лето“ ќе ја заокружи музичката програма на годинешното 62-ро фестивалско издание. Фестивалот свечено ќе биде затворен утре со театарската претстава „Вујко Вања“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Егон Савин, а во изведба на Југословенски драмски театар-Белград, Србија. сс/лв/

Back to top button
Close
Close