Дописници МКДОпштински вести

Конференција во Крушево: Без гласот на младите, нема подобрување на состојбите во земјите од Југоисточна Европа

Интеграциските европски процеси на земјите од Југоисточна Европа многу бавно се одвиваат, а младите од регионот бараат да се слушне нивниот глас, да учествуваат во процесите на одлучување во земјите. Миграцискиот процес ги зафаќа сите, особено во економска криза. Ова, меѓудругото, го порачуваат младите од 20.Меѓународна младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“ што се одржува во Крушево.

Крушево, 1 октомври 2022 (МИА) – Интеграциските европски процеси на земјите од Југоисточна Европа многу бавно се одвиваат, а младите од регионот бараат да се слушне нивниот глас, да учествуваат во процесите на одлучување во земјите. Миграцискиот процес ги зафаќа сите, особено во економска криза. Ова, меѓудругото, го порачуваат младите од 20.Меѓународна младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“ што се одржува во Крушево.

Методија Стојчески, претседател на Младинскиот сојуз од Крушево кој ја организира конференцијата, потсетува на основната идеја уште од 2003 година, кога започна да се одржува оваа конференција – доближување на модерните европски вредности на кои се базира идејата за европско обединување, поблиску до младите луѓе од Југоисточна Европа. Но процесите многу се запнати.

– Првата конференција ја одржавме веднаш по самитот на ЕУ во Солун кога Унијата испрати јасен сигнал за европска иднина на земјите од Југоисточна Европа. Наша идеја беше да изградиме генерација млади луѓе – Европејци според размислување, а не според пасошот. За жал, 20 години подоцна, препораките од самитот во Солун сѐ уште не се целосно исполнети. Некои земји (Словенија, Хрватска, Бугарија, Романија) во меѓувреме станаа членки, а ние останатите сѐ уште стоиме пред вратите на Унијата. На оваа конференција не разговараме за Унијата како политичка или економска заедница, туку сакаме да разговараме за основните европски вредности. Во моментов се соочуваме, и не само ние, туку и сите земји во Регионот, со голем одлив на млади луѓе.Така е и во Бугарија, во Хрватска. Тоа значи дека многу работи во нашите општества треба да ги измениме, да им пратиме јасен сигнал на доносителите на одлуки дека многу работи треба да се сменат: корупцијата, владеење на правото, рече Стојчески.

Додаде дека политичарите ги примаат пораките, но речиси ништо не се реализира, а за да се стопираат миграциите или да добијат обратен правец потребни се конкретни чекори.

-На пример, миграциите од Полска или Литванија запреле кога просечната плата достигнала 70 насто од онаа во Германија, а трошоците им биле пониски. Тогаш би можеле да го запреме тој процес или да предизвикаме обратен. Оние што стекнале вештини, заработиле во странство, да се вратат дома да инвестираат.  Основно е да имаме владеење на правото, ефикасно судство и ефикасна борба против корупцијата. Но секогаш кога ќе ги испратиме тие пораки, било каде во регионот, има ветување дека ќе биде, но многу малку има рализација на дело, вели Стојчески.

Ана Бабили од Грција и Урбан Јакша од Словенија ја споменуваат миграцијата, но и потребата од квалитетни работни места за младите.

-Миграцијата на младите не е проблем само во вашата земја, туку и во сите земји во Југоисточна Европа. Младите луѓе очекуваат нивните работни места да кореспондираат со она што учеле во својата земја. Сакаат да живеат во својата земја, ама им требаат добри, квалитетни работни места. Ова е проблем и во мојата земја. Откако почна економската криза, повеќе од 60 000 луѓе ја напуштија Грција. Проблем се квалитетните работни места што не може да ги добијат, рече Ана Бабили од Грција.

Според Урбан Јакша од Словенија, мобилноста овозможила многу млади луѓе да се иселат од државата, но шемата на миграцијата, рече, останува иста постојано.

-За 10 години, повеќе од 50 000 млади луѓе ја напуштија Словенија, најмногу во економската криза, но сметам дека миграциските шеми полека се средуваат, рече Јакша.

Амина Ибишевиќ од Босна и Херцеговина и Нина Јовановска од Северна Македонија ја нагласија потребата за вклучување на младите во одлучувањето. Без да се слушне нивниот глас, состојбите не може да се променат на подобро.

-Многу ни треба да се слушне нашиот глас, посебно на младите кои даваат придонес во заедницата. Тоа е првиот чекор. Да бидат дел од одлучувачкиот процес за битните прашања, изјави Ибишевиќ.

Македонката Нина Јовановска истакна дека, пред сѐ, е потребно квалитетно образование што ќе одговара на пазарот на трудот.

-Потребна е инфраструктура за младите, и не мислам само училишта, патишта, туку имплемнтација на Законот за млади, да бидат вклучени во одлучувањата, да има младински центри и стратегија за млади, рече  Јовановска.

Јован Теговски, поранешен амбасадор, кој  на конференцијата учествуваше како еминентен гостин и предавач, рече дека сите години се направени грешки од двете страни: и од Европската Унија, која повеќе ветуваше, а не исполнуваше, и од наша страна – поради неспроведени реформи. Тоа предизвика недоверба кај младите и кон едните и кон другите.

– Мислам се заемни.  И на ЕУ и наши. Направени се многу одамна. И од страна на ЕУ, која речиси 30 години ни ветува проширување, прием, отворање преговори, но речиси ништо не е реализирано во практиката, освен скрининг-процесот кој започна пред еден месец. Што се однсува до нас, исто така, не се направија доволно сериозни, длабоки и навремени реформи во низа сектори, пред сѐ во правосудството, владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата, реформата на јавната администрација. Сето тоа влијаеше и на младите луѓе да ја губат довербата и во домашните институции, но да ја губат довербата и во институциите на ЕУ. Никој не испорачуваше она што требаше да го испорача, она што го ветуваше. Разочаровањето е и кај повозрасните генерации, рече  Теговски.

Меѓународната младинска конференција во Крушево ќе заврши утре со донесување заклучоци. ем/хс/

Таг
Back to top button
Close
Close