БизнисБизнис.ПорталБизнис.СлајдерДописници МКДОпштински вести

Конференција: Ако сакаме да ги привлечеме љубителите на вино, мора да ги почитуваме стандардите за квалитет

За да купуваат домашните и странските туристи вино директно од „куќен праг“, производителите и туристичко-угостителските работници мора строго да ги почитуваат стандардите за квалитет, беше речено на денешната конференција во Кавадарци.

Кавадарци, 28 јануари 2022 (МИА) – За да купуваат домашните и странските туристи вино директно од „куќен праг“, производителите и туристичко-угостителските работници мора строго да ги почитуваат стандардите за квалитет, беше речено на денешната конференција во Кавадарци.

Како што истакнаа учесниците, ознаките за квалитет се многу важни.

-За да дојдат туристи и да купуваат македонско вино од домашниот праг на производителот, мора сите винари и туристичко-угостителски работници строго да ги почитуваат стандардите за квалитет. Само на тој начин ќе успеат да привлечат гости, но не такви што дошле инцидентно, случајно, туку да се развие  вистинска туристичка дестинација во светски рамки, истакна директорката на Фондацијата „Тиквешки вински пат”, Виолета Јанкова.

Таа апелираше винарите да не се чувствуваат загрозени од домашната конкуренција, туку напротив, да соработуваат со цел македонскиот вински бренд што е можно повеќе да се промовира.

– Услови имаме, прекрасна природа. Виното ни е преквалитетно, го бендисуваат странски гости од секаде. Потребно е само сите да се придржуваат кон потребните стандарди, децидна беше Јанкова.

Конференцијата е дел од проектот „Земја на виното” за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Грција. Носител на проектот од македонска страна, вреден над 500.000 евра, е Фондацијата „Тиквешки вински пат”, а реализацијата е во соработка со Општина Росоман. Во рамки на соработката, неодамна беше презентиран и Центарот за промоција на туризмот во Росоман.

Претставници од грчката страна се вклучија преку интернет врска и изразија задоволство од соработката.

На конференцијата зборуваа Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Република Северна Македонија,  Елена Младеновска Јеленковиќ, директор на М6 и „Вината на Македонија” и професорот Климент Наумов од Факултетот за туризам и угостителство Охрид. Како претставник на општина Росоман се обрати Ѓорѓи Крстевски, а зборуваше и Ивица Милевски, професор на ПМФ Скопје. На настанот присуствуваа претставници на големи, средни и мали семејни винарии, како и на туристичко-угостителски субјекти.

Беа најавени и други активности за развој на винскиот туризам. свд/мч/

 

Back to top button
Close
Close