
Кочани, 30 јуни 2022 (МИА) – Територијалната противпожарна единица од Кочани доби 16 комплети со мобилни радиостаници што ги донираше Амбасадата на Народна Република Кина.
Вредноста на донацијата е околу 300 илјади денари, а се работи за современи уреди за меѓусебна комуникација на пожарникарите, особено при интервенции на отворен простор и на тешко достапни локации.
– Добивме професионални рачни радиостаници со соодветни карактеристики што ни одговараат при работата, односно работат во VHF подрачјето, со сила од 5 W DMR, кои освен уредот имаат и соодветна антена, брз полнач, адаптер, штипка за појас, слушалка со микрофон и тастер. Тоа ќе овозможи поголема мобилност и координираност на пожарникарите, особено во отежнати временски и други услови. Истовремено, уредите ќе обезбедат и подобра лична заштита и навремено меѓусебно информирање за потенцијални опасности при интервенции кај пожари, истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.
Заради поголема ефикасност и покривање на теренот на општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, за кој е надлежна ТППЕ – Кочани, неопходно е досегот на радиостаниците да се зголеми со поставување соодветен предавател на повисока кота. Во наредниот период ќе биде побарана поддршка од Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, МВР и други институции кои веќе користат слични уреди, со што ќе се постигне подобра меѓусебна координираност и превентивна заштита. та/ки/