Дописници МКДОпштество

Кавадарци одбележува 109 години од Тиквешкото востание

Кавадарци денеска одбележува 109 години од Тиквешкото востание, кое започнало на 19, а завршило на 25 јуни 1913 година.

Кавадарци, 19 јуни 2022 (МИА) – Кавадарци денеска одбележува 109 години од Тиквешкото востание, кое започнало на 19, а завршило на 25 јуни 1913 година.

– Ова востание претставува првиот организиран, масовен вооружен протест на населението од Тиквешијата, против тогашната српска власт, којашто ја окупирала Вардарска Македонија по повлекувањето на турските сили, после Првата балканска војна во 1912 година, потсетија денеска од Музеј галерија Кавадарци.

Но, нагласија, ова е исто така и прво востание во Македонија, кренато десет години по Илинденското востание.

– Воспоставувањето на српската управа во Тиквешијата довела до замирање на секаква стопанска, општествена и културна дејност во овој краj. Училиштата биле затворени, а свештениците и учителите биле немилосрдно тероризирани и спречувани да ја вршат нивната професија. Биле извршени неколку убиства врз голоракото население во овој крај, а тепањето и малтретирањето врз населението станало секојдневие, рекоа од Музејот.

Како резултат на изразениот револт на населението од овој крај,  во селото Бегниште се одржала реонска конференција на која присуствувале 60 претставници на речиси сите села од Тиквешијата, на која било донесена одлука за кревање на востание. Покрај Кавадарци, Неготино и Ваташа, биле ослободени скоро сите села во Тиквешијата, педесетина, а во нив  била воспоставена народна власт. Слободните седум денови биле прославени со народна веселба и со собирање помош за востаниците. На 20 јуни било одржано свечено собрание на кое била избрана и градска управа составена од 12 видни кавадарчани.

За кратко време биле разбиени востаничките сили кои веќе на 25 јуни биле принудени да се повлечат од заземените градови, кон селата под планината Кожуф. По задушувањето на востанието, месното население во Тиквешијата било подложено на страшен терор и репресалии. Окупаторската војска, за да го заплаши населението, на колје врзала 150 тиквешани во центарот на Кавадарци и биле оставени да висат 30 часа на сонце. Потоа заедно со уште 50 други кавадарчани, биле одведени во месноста Полјаната и биле стрелани. Според нецелосните податоци, биле убиени повеќе од  545 луѓе во Тиквешко. Возрасни, но и деца. Или, како што нагласија од Музејот, тоа убивање било најголемото злосторство во поновата историја на народот од овој крај.

– Илјада куќи и дуќани биле запалени, 2.700 луѓе затворени, а повеќе од 10.000 биле принудени да ги напуштат своите домови и да емигрираат во Бугарија, посочија од Музеј галерија Кавадарци. свд/вј/

Таг
Back to top button
Close
Close