0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталБизнисБизнис.ПорталВидеоВидео изјаваЕкономијаИнтервју

Ицева за МИА: Вложувањето во дигитализацијата е клучно за напредокот на државата

Главен приоритет на Северна Македонија треба да биде дигитализацијата, како и во образованието така и во генералните вештини. Овие чекори ќе и помогнат на државата да креира услови за поголемо користење на напредните технологии, вели Кати Ицева, инженерски лидер на Azure Stream Analytics во американскиот софтверски гигант „Мајкрософт“ во интервју за МИА.

Скопје, 21 мај 2022 (МИА) – Главен приоритет на Северна Македонија треба да биде дигитализацијата, како и во образованието така и во генералните вештини. Овие чекори ќе и помогнат на државата да креира услови за поголемо користење на напредните технологии, вели Кати Ицева, инженерски лидер на Azure Stream Analytics во американскиот софтверски гигант „Мајкрософт“ во интервју за МИА.

Во текот на оваа недела се одржа дводневниот Самит Македонија 2025, регионален собир што служи како платформа за споделување знаење, поврзување на организации и инспирација за промена во Југоисточна Европа. Дел од самитот беше и Ицева која говореше на панел-дискусија за поддршка на жените во STEM (наука, технологија, инженерство и математика).

Вие сте дел од Управниот одбор на Самитот Македонија 2025. Вашето работно искуство е навистина импресивно. Може ли да ни кажете нешто повеќе за себе и како дојдовте до тоа да работите во Мајкрософт?

Јас пораснав во Македонија и тука го добив моето образование и мислам дека тоа беше еден од факторите што ми помогнаа понатаму во кариерата. Уште како мала, многу сакав математика и се натпреварував по математика и физика и тоа ме наведе потоа да студирам компјутерска техника на Факултетот за електротехникаи информациски технологии (ФЕИТ). Вториот дел беше дека за време на моите студии бев вклучена во организација IAESTE и сум многу среќна што е сè уште активна за размена на студенти на технички развој. Имав можност да бидам практикант во Германија, Јапонија и Исланд и така се здобив и со меѓународно искуство. Со тоа искуство отидов на постдипломски студии во Соединетите Американски Држави и за време на моите студии добив пракса во Мајкрософт. Таа пракса беше многу интересна за мене, а потоа ми беше понудено да се вработам во Мајкрософт. Во последните 19 години ја градам мојата кариера таму. Во Мајкрософт работев во различни делови на различни технологии, меѓутоа секогаш многу блиску до кор технологија и сега сум инженерски лидер на Azure Stream Analytics, којшто е дел од Microsoft Cloud.

Говоревте на Самитот на панел-дискусија којашто се фокусира на жените во STEM. Како би ја опишале состојбата на жените во оваа професија и како да се охрабрат за поголема вклученост?

Како што слушнавте, за жал, застапеноста на жените во STEM е недоволна и тоа е вистина тука во државата, во САД, дури и во Мајкрософт. Мислам дека сите ние треба да пробаме и да ја подобриме таа состојба. Многу истражувања се направени, што треба да направиме за да се подобри таа состојба. Едно е да се работи на самодовербата на девојчињата уште од помала возраст, а тоа значи да им се даде можност да повеќе се вклучат во STEM во тие рани години, затоа што ако видат успех, ќе бидат мотивирани и ќе имаат повеќе самодоверба дека тоа можат да го направат. Вториот дел е околу стереотипите за жени во STEM и генерално за професиите STEM, што луѓето прават кога ги работат тие професии. Мислам дека е важно да дадеме повеќе позитивни примери на жени во STEM. Од една страна тие ќе можат да видат некој како нив може да успее, исто така можат да видат што овие професии вклучуваат. Овие професии денеска вклучуваат многу повеќе од само наука и математика, на пример дури и компании за моден дизајн се сметаат себе си за технолошки компании, поради тоа што користат технологија за да одат напред и да бидат конкуренти во денешната економија.

Како инженер по компјутерски науки и лидер со 19 годишно искуство која е вашата оценка за состојбата и перспективите на македонскиот пазар за компјутерски науки?

Во минатите неколку години, имав можност да присуствувам на Самитот и да слушнам многу успешни приказни во државата, и тоа го најдов навистина охрабрувачки. Не само што беа успешни приказни, туку слушав за технологии коишто се нови и најнапредни. Исто така, глобалната поврзаност, со Cloud-технологиите, им нуди можности на компаниите да допрат до корисниците насекаде и постои можност да се користат технологии и алатки кои се креираат на други места во светот и во тој дел мислам дека постои клима за уште поголема перспектива. За да продолжи и да се зголеми перспективата, важно е да се зголеми фокусот во образование и во дигитализација на целиот систем. Ова се однесува и на компаниите и на јавните сектори, но и сите аспекти во животот.

Што сметате дека може да влијае на подобрување на просперитетот во државата?

За да го одговорам ова прашање ќе се навратам на една од моите омилени изреки од Сатја Надела, главен извршен директор на Мајкрософт, која гласи „Развојот на една држава зависи од образованието, иновацијата и користењето на напредни технологии“. Ова е формула што низ годините се покажала да биде вистина. Кога гледаме во денешно време, тоа е дигитализација и затоа се навраќам на претходното прашање, тоа што може да се направи е да се инвестира уште повеќе во образование, и тоа во генералните вештини со што ќе се креираат услови за поголемо користење на напредните технологии. Резултатите не можеме да ги видиме веднаш, но може да и помогне на нашата држава да се стави на напреден и правилен пат.

Кристина Ивановска

Видео и монтажа: Аслан Вишко

 

 

Таг
Back to top button
Close
Close