Дописници МКДОпштествоОпштински вести

Изложба на уметнички витражни слики во Европската куќа Крива Паланка

Во Европската куќа Крива Паланка денеска беше отворена изложба на уметнички витражни слики изработка од учениците од општинското основно училиште „Илинден“ кои беа вклучени во проектот „Редовно на часови".

Крива Паланка, 26 јануари 2022 (МИА) – Во Европската куќа Крива Паланка денеска беше отворена изложба на уметнички витражни слики изработка од учениците од општинското основно училиште „Илинден“ кои беа вклучени во проектот „Редовно на часови”.
Изложбата е завршна активност на проектот којшто се имплементираше во изминатите две години, а опфати ученици Роми од прво, второ и трето одделение.
-Овие наши ученици посетуваа дополнителни активности соодветни со наставната програма за описменување и следење на нивниот напредок во реализацијата на наставните содржини.  Преку изработка на уметнички витражни слики учеа за буквите, броевите, математичките операции и знаења од природните и општествените науки, изјави Добри Јовевски, координатор на проектните активности во ООУ Илинден.
На изложбата присуствуваа наставници кои работеа со учениците, учениците вклучени во проектот и нивните родители.
-Проектот „Редовно на часови“ претставува акција за вклучување на Ромите во основното образование. Проблемот е фокусиран во делот на нивниот слаб пристап кон образовните институции, задржување и премин во погорните одделенија на учениците Роми, особено во првиот циклус на школување, од прво до трето одделение. Нашата цел беше насочена кон мотивирање на децата, преку вклучување во различни едукативни активности за совладување на социјализацијата и на делови од воспитно-образовниот процес. Акцент на проектот е описменување и охрабрување на децата Роми за понатамошно продолжување на нивното школување, додаде Јовевски.
Директорката на ООУ Илинден, Марица Николовска, рече дека фокусот на работа бил насочен кон овозможување еднаков пристап, поттикнување на мотивацијата кај учениците за посетување и следење на настава, како и успешно завршување на учебната година.
Проектот „Редовно на часови“ е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија во партнерство со Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ и Здружението Центар за образовна поддршка Дендо вас во соработка со Министерството за образование и наука. ид/вг/

Таг
Back to top button
Close
Close