
Штип, 29 јуни 2022 (МИА) – Врз основа на испратени претставки до Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) за непријатен чад што се јавува од горењето на нестандардна депонија Трештена скала во Штип, на 27 јуни е извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Државен Инспектор за животна средина од Одделението за инспекциски надзор во животната средина-Североисточен и Источен регион, Канцеларија Штип, соопштија денеска од ДИЖС.
На самата депонија инспекторите забележале многу расфрлан отпад надвор од просторот за депонирање или депониското чело и без контрола за неговата точна локација во депониското чело.
– Со Решение како втор акт во инспекциска постапка правниот субјект е задолжен: во рок од седум дена ЈП „Исар” Штип да го спречи димењето на отпадот во нестандардната депонија Трештена скала и во иднина да врши континуирана контрола за да не се појавува повторно димење, се вели во соопштението од ДИЖС.
На ЈП ,,Исар” Штип дадено е рок од 30 дена и да го дислоцира отпадот кон главното депониско чело бидејќи депониското чело не почнува од пределот каде што е поставена зелената капија, туку повнатре после бетонските ѕидови од некогашна гаража каде се машините за потребите на нестандардната депонија. вдј/цр