Дописници МКДПолитика

Изборот на новата македонска влада во медиумите во Албанија

Медиумите во Албанија опширно информираат за изборот на новата влада на Северна Македонија и ја пренесуваат биографијата на новиот премиер Димитар Ковачевски.

Тирана, 17 јануари 2022 (МИА) – Медиумите во Албанија опширно информираат за изборот на новата влада на Северна Македонија и ја пренесуваат биографијата на новиот премиер Димитар Ковачевски.

„Северна Македонија со нова влада: Дебата за нејзиниот легитимитет“, е насловот на една од неколкуте информации кои ги пренесува Топ чанел.

-Парламентот на Северна Македонија, по дводневна жешка дебата меѓу пратениците од власта и опозицијата, со 62 гласа „за“ и 46 против ја избра новата влада која ќе ја предводи Димитар Ковачевски. Денеска тој веќе ја презеде функцијата од неговиот претходник Зоран Заев, наведува телевизијата.

Ја пренесува и оценката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека новата влада нема легитимитет, реакцијата на СДСМ дека дебатата на опозицијата е политички фолклор и сомневањата на лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села за легитимитетот на владата.

„Финансиерот кој стана премиер! Кој е Димитар Ковачевски, моќниот бизнисмен што ќе ја води Северна Македонија“, под овој наслов агенцијата Балкан веб пренесува опширна биографија на новиот премиер, кој, како што додава, од неодамна е и лидер на СДСМ.

-Ковачевски се заложи за ублажување на економската и енергетската криза од која изворот, според него, е пандемијата со коронавирусот. Приоритет на новата влада ќе остане интеграцискиот процес и решавањето на недоразбирањата со Бугарија, која го блокираше процесот за Скопје, наведува агенцијата.

Под наслов „Северна Македонија со нов владин кабинет“, Ора њуз, покрај другото, наведува дека еден од приоритетите на кабинетот на Ковачевски е европската интеграција на земјата и во тие рамки решавањето на недоразбирањата со Бугарија.

-Во меѓувреме, бугарскиот премиер Кирил Петков се очекува да отпатува за Скопје во вторник, но во изјава за бугарските медиуми го демантираше постоењето на македонско национално малцинство во Бугарија. Соседната земја, пак, бара бугарското малцинство да биде внесено во македонскиот Устав, додава агенцијата.

Слична информација пренесува државната новинска агенција АТА, која издвојува дел од изјавата на Ковачевски.

-Неспорен е легитимитетот на Владата. Потврдувам дека избори ќе има, но во 2024 година. Дотогаш посветено ќе работиме за благосостојбата на економијата и квалитетот на животот на граѓаните, порача новиот премиер Димитар Ковачевски, пренесува АТА.

Тој верува, додава агенцијата, оти опозицијата ќе биде конструктивна и ќе соработува во интерес на носење најдобри одлуки за државата и нејзините граѓани.

За изборот на новата македонска влада простор отстапија и други албански медиуми, кои го наведуваат целиот владин состав и објавуваат фотографија. вт/хс/

Таг
Back to top button
Close
Close