0_Web_Актуелно0_МИА Истражува.ПорталВидеоИнтервјуКултураКултура.СлајдерОпштество

Зорица Соломан Костовска за МИА: Идејата е „Богородичен покров“ да прерасне во интернационален музички духовен фестивал

Со интернационалната премиера на Чешкиот игран филм „Комениус”, посветен на великиот педагог, писател и филозоф Јан Амос Коменски, вечер завршува шестото издание на Меѓународниот фестивал „Богородичен покров“.

Скопје, 26 декември 2021 (МИА) – Со интернационалната премиера на Чешкиот игран филм „Комениус”, посветен на великиот педагог, писател и филозоф Јан Амос Коменски, вечер завршува шестото издание на Меѓународниот фестивал „Богородичен покров“. Фестивалот почна на 11 декември и годинава за првпат се одвиваше во хибридна форма.

Зорица Соломан Костовска, основач и директор на фестивалот во интервју за МИА посочува дека станува збор за непрофитен проект, основан поради големата потреба за поддршка и негување на културните и духовните вредности и хуманоста во општеството и човештвото.

Инаку, фестивалот оваа година добива поширока меѓународна димензија, со поддршка на Вишеградскиот фонд, на чело со извршниот директор Петр Мареш, врвен дипломат и поранешен заменик премиер на Чешка. Вишеградскиот фонд е основан од Вишеградската група држави – Чешка, Словачка, Унгарија и Полска, а негова мисија е да ги унапреди идеите за одржлива регионална соработка во Централна Европа.

Од самите почетоци, па и годинава, фестивалот е поддржан од Амбасадите на Русија, Чешка, Словачка, Унгарија и Романија во земјава.

Годинава на репертоарот беа прикажаа околу 20 филмови и телевизиски програми од Северна Македонија, Русија, Србија, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија и Франција. Како што истакна директорката на фестивалот, голем интерес имаше за рускиот документарец „ЗЕМНИОТ ЖИВОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“, чешкиот игран филм „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ – СЛОВЕНСКИ АПОСТОЛИ”, романскиот документарец „ВОРОНЕТ – ПРОЗОРЕЦ КОН РАЈОТ“, но и македонскиот документарен филм „ЗАШТИТНИК – СВЕТИ НЕКТАРИЈ БИТОЛСКИ“.

Според Зорица Соломан Костовска, овој фестивал е едно добро дело за сите оние кои се на духовниот пат на радосно возвишувањe, на наоѓање на мирот во себе и со другите, и секако пат кој води кон спасението.

– Се приближуваме кон 12.000 гледачи. Имаме и иницијативи кои се многу значајни, како што е прогласувањето на Пресвета Богородица за заштитничка на Македонија, бидејќи Таа прва, пред светиот апостол Павле стапна на македонското тло и ја освети оваа земја, вели за МИА директорката на Фестивалот.

Идеја е од следната година овој фестивал да прерасне и во интернационален музички духовен фестивал, во фестивал на духoвната уметност и во мултимедијален проект.

Г-ѓа Соломан Костова, во тек е шестото издание на Меѓународниот фестивал за културно, духовно, историско наследство и духовни вредности „Богородичен покров“. Фестивалот е онлајн а се
одржува до 26-ти месецов. Што предвидува фестивалот, односно што можат гледачите да погледнат и која е неговата цел и мисија?

Мисијата на „Богородичен покров“ е да ги шири духовните, хумани и културни вредности! Ова е единствен интернационален филмски фестивал од ваков жанр во нашата држава, но и редок во регионот, кој годинава е онлајн и се одржува од 11 до 26 декември оваа година, со реприза на програмата од 1 до 16 јануари, 2022 година.

Во програмата на фестивалот се прикажуваат документарни и играни филмови посветени на културното и духовното наследство и хуманоста, како и историски и биографски филмови. На програмата се околу 20 филмови и ТВ програми од Македонија, Русија, Србија, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија и Франција. Сите се преведени на македонски јазик, поголем број и на англиски, а дел од програмата е и на српски јазик. Филмските проекции се бесплатни.

Исто така, имаме онлајн интервјуа, со „Vistafilm“ продукција едукативно интервју за Јан Амос Коменски, како и Мастер клас во чест на малку познатиот култ на Свети Наум Охридски во Унгарија, со светскиот експерт на оваа тема проф. др Марта Наѓ од Унгарија.

Сите досега емитувани филмови можат да се погледнат на нашите ФБ страни „www.faceboo.com/festivalbogorodicenpokrov“, на македонски јазик и на „www.facebook.com/holyvirginmaryomophorion“ на англиски јазик. Официјалната веб-страница на фестивалот е „topworldtv.network“.

Кој го поддржува Фестивалот и кои се Вашите партнери?

Годинава, фестивалот добива поширока меѓународна димензија со поддршка на Вишеградскиот фонд, на чело со извршниот директор, Петр Мареш, врвен дипломат и поранешен заменик премиер на Владата на Чешката Република. Инаку, Вишеград Фондот е основан од Вишеградската група држави – Чешка Република, Словачка, Унгарија и Полска, и посебно им благодариме. Мисијата на фондот е да ги унапреди идеите за одржлива регионална соработка во Централна Европа.

Исто така, фестивалот е поддржан од самите почетоци и годинава од Амбасадите на Русија, Чешкаta Република, Словачка, Унгарија, Романија. Голема благодарност до сите нив и до сите духовни покровители чии логоа се на нашите веб и фejјсбук страни.

Партнери на Фестивалот се Фондацијата и филмскиот фестивал „Аrs Sacra“ од Унгарија, The three brothers и Vistafilm – Чешки продуцентски куќи, Novinski – продуцентска куќа од Словачка, Фестивалот Филмско Бдење Душе од Србија и Теледом – Здружение на Унгарците во Македонија. Фестивалот досега е поддржан од 12 амбасади.

Овој фестивал е непрофитен проект, основан поради големата потреба за поддршка и негување на културните и духовните вредности и хуманоста во општеството и човештвото.

Кои се челните луѓе на овој фестивал?

Фестивалот е основан во 2016 година од брачната двојка Зорица Соломан Костовска и Коле Јовановски. Фестивалот е со благослов на почесниот претседател на фестивалот, проф. д-р. Јован Таковски, протојереј-ставрофор, награден со златен медал „Свети Климент Охридски“ на државно ниво за неговата професионална работа.

Програмскиот совет на фестивалот е составен од д-р Антонио Митриќески, режисер и професор на Факултетот за драмски уметности, добитник на бројни меѓународни награди, д-р Ѓоко Ѓоргевски, декан на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје и поранешен амбасадор на Македонија во Ватикан, Владимир Ангелов, филмолог и директор на Кинотеката на Република Македонија, д-р Игор
Шокаровски, филмски и ТВ режисер и декан на Факултетот за дизајн и мултимедија на Американскиот универзитет на Европа – ФОН и Зорица Соломан Костовска, основач и директор на Фестивалот, поранешен 10-годишен член на Меѓународната академија за телевизиски уметности и науки во Њујорк – Еmmy Awards, ТВ и филмски продуцент, дипломиран дипломат и теолог. Основач на фестивалот е и мојот покоен сопруг Коле Јовановски, ТВ и филмски монтажер и режисер, добитник на бројни интернационални награди.

Член на Советот беше и покојниот г-дин Драги Таневски, легендата од Вардар филм и МТВ, меѓународно признат директор на фотографија со бројни интенационални награди. Продуцент и организатор на фестивалот е Top World, независна ТВ продукција.

Колку и кои филмови се прикажани на годинешното издание?

Околу 20 филмови и ТВ програми се на репертоарот, меѓу кои голем интерес беше покажан за рускиот документарец ЗЕМНИОТ ЖИВОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА, чешкиот игран филм „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ – СЛОВЕНСКИ АПОСТОЛИ”, романскиот документарец „ВОРОНЕТ – ПРОЗОРЕЦ КОН РАЈОТ“ , македонскиот документрен филм „ЗАШТИТНИК – СВЕТИ НЕКТАРИЈ БИТОЛСКИ“.

Филмот за манастирот Пресвета Богородица – Пречиста за прв пат на англиски јазик руши рекорди… Повеќе за програмата на фестивалот како и ретроспектива од поранешни антологиски филмови на членовите на Програмскиот совет може да се погледнат во програмата Добродојдовте на македонски јазик.

 

Почесен претседател проф.др. Јован Таковски

Што им понудивте на гледачите за овој викенд, со оглед на тоа што денеска е последниот ден од фестивалот?

Годинава фестивалот се прикажува на четири официјални јазици и еве имаат можност овој викенд гледачите ширум светот да го проследат филмот на продуцентот и режисерот Милан Киќевац, „Ровачки Острог”, кој веќе бил на пет фестивали во Србија, Русија и Украина, и има добиено три награди, а кај нас за првпат ќе се емитува на македонски и англиски јазик.

Сигурно овој викенд ќе предизвика голем интерес и филмот „Манастир Тумане – Сведоштва” на филмскиот режисер Бранка Бешевиќ – Гајиќ, во кој се сведочи за исцеленијата во ова светилиште, и исто така е достапен и на српско-македонска верзија и српско-англиска.

Во недела е затворањето на фестивалот со интернационална премиера на чешкиот игран филм „Комениус”, посвeтен на Јан Амос Коменски, великиот педагог, писател и филозоф, кој почнува вечерва во 21.30 часот.

Пред него имаме интервју со претставниците на Вистафилм продукција, чешка продукција која го продуцираше овој филм, брачната и продуцентска двојка Ива Хлавсова и Лубомир Хлавса, инаку и режисер на филмот.

Со нас ќе е и Павел Коп, директорот на фотогафија на филмот, кој ја доби годинава престижната награда за најдобар директор на фотографија во Лос Ангелес. Тие ќе одговорат на поголем број прашања на студентите на Европскиот универзитет од Скопје и на учениците од основното училиште „Јан Амос Коменски“.

Еден едукативен час со ова интервју и филм ќе биде дел од наставната програма во основото училиште „Јан Амос Коменски“ од Скопје, достапен на англиски и на македонски јазик и е достапно вечерва од 21.00 часот.

Инаку, Европскиот универзитет од Скопје востанови традиционална награда за највредниот волонтер на фестивалот – бесплатна четиригодишна стипендија, во чест на покојниот основач на овој Универзитет, Бојо Андрески.

Што предвидувате за во иднина, ќе претрпи ли фестивалот одредени промени?

Сакаме од годинава овој фестивал да прерасне и во интернационален музички духовен фестивал, во фестивал на духoвната уметност и во мултимедијален проект. Секако не може се одеднаш, меѓутоа чекор по чекор.

Во таа насока планираме да отвориме и онлајн програма во живо, барем за викендите, каде што се повеќе ќе се здружуваме, сплотуваме, околу духовните вредности.

Доколку некој има желба да даде поддршка, истoвремено и да сe самопромовира, може да ни се обрати на нашиот меил: bogorodicenpokrov@gmail.com

Инаку, ова е првпат Фестивалот да се одржува онлајн во хибридна форма, значи почнавме од нула на овој план и радосни сме што трудот вложи со плод.

Се приближуваме кон 12.000 гледачи. Имаме и иницијативи кои се многу значајни, како што е
прогласувањето на Пресвета Богородица за заштитничка на Македонија, бидејќи Таа прва,
пред светиот апостол Павле стапна на македонското тло и ја освети оваа земја. На светско ниво е иницијативата за прогласување на Апел за медиумски ден на мирот од страна на ОН или друга меѓународна организација, кога нема да се прикажуваат филмови или ТВ програми со насилство, убиства или гревовни содржини.

Само така, кога ќе ја почуствуваме природната ни состојба на мир во себе, тогаш ќе се врати и мирот меѓу сите нас. Па да почнеме макар со еден таков ден… За тоа би говореле во некоја друга пригода, бидејќи е потребно да се посвети повеќе внимание на овие значајни иницијативи.

Годинава првпат излеговте и со еден Меѓународен повик со наслов „Како се научив што е љубов”? Што е суштината и намерата на овој повик?

Секој е повикан, од било кој дел на светот, да испрати своја вистинска приказна од животот на 2 до максимум 3 страници, која се однесува на настани поврзани со духовната љубов која сме ја осознале, можеби преку Бога или светителите, можеби во нашето детство од родителите или нашите баби и дедовци, од пријателите, од поклоничките патувања…

Значи, вистински настан или настани во приказна, која ќе биде поучна за идните генерации за препознавање на вистинската духовна љубов! Најдобрите приказни ќе ги објавиме во заедничка книга на повеќе јазици, која ќе има промоција во Охрид, се надеваме со сите автори на приказните, кои ќе ја добијат на подарок оваа книга на соборна љубов.

Mоже да се испраќаат приказните на меиловите: bogorodicenpokrov@gmail.com на македонски јазик и на virginmaryomophorion@gmail.com на српски, англиски и руски јазик.

Се молат сите да наведат свое име и презиме, град и држава, возраст, професија, кратка биографија, шифра за јавна објава на приказната, контакт на Вибер или Ватсап, линк на Фејсбук, вебсајтоѕ или Јутјуб каналот.

Повикот е отворен до 1 март следната година. Линковите за овој повик се на македонски јазик, англиски, српски и руски јазик.

Кој е Вашиот личен мотив за основањето на еден ваков фестивал?

Моето мото во животот е „Брзам да правам добри дела”. Како теолог можам да кажам дека ние секој ден треба да имаме чисти сметки пред Бога и со сите луѓе, во секој поглед, и дека времето што ни е дадено треба максимално да го исползуваме за добри дела, секој ден, секој миг, и кон секого, во се што работиме и секојдневно делуваме, каде и да сме.

Прочитав некаде еден мудар цитат во кој се вели „Не треба да се жалиме дека животот е блуткав и несолен, треба самите да бидеме сол на светот”. Треба бргу да проштеваме и да бараме прошка веднаш. Така ќе имаме мир со себе си и со сите, која е врховна духовна доблест заедно со љубовта. Овој Фестивал е едно добро дело за сите на духовниот пат на радосно возвишувањe, на наоѓање на мирот во себе и со другите, и секако пат кој води кон спасението.

Има ли некоја установа или институција од Северна Македонија која го поддржува овој фестивал?

Овој Фестивал е чудо! Веќе неколку години по ред се случува некоја интервенција од Небото во послeдeн миг и така Фестивалот продолжува. Веќе ги има толку чуда што може да се напише мала брошурка за нив. Дел од Фестивалот се одржува преку долгогодишната соработка со партнери на Тop World – ТВ продукција, меѓу кои се Т.А. Савана од Скопје, кинескиот ресторан Ѕвезден океан, Депилеве и Геминис – органска козметика, Никол дент – стоматолошка ординација, Жанета естетик студио, па ете, од едно правиме две.

Секако, тука е Кинотеката на Република Македонија на чело со Владимир Ангелов. Во суштина, со ретки исклучоци, ниту една државна установа или институција не застана сериозно зад овој проект и покрај тоа што од самиот почеток е поддржан од голем број на амбасади во нашата држава и златни меморандуми со поддршка и референци со потписи на амбасадорите им беа проследувани за овој Фестивал.

Се уште овој Фестивал е Фестивал на жртва на голем број волонтери. Поддршката на Вишеградскиот фонд и на Советот на амбасадори на Вишеградската грута е само за ова издание на Фестивалот и тука завршува, барем засега. И покрај тоа што со одлука на Советот на Град Скопје, Пресвета Богородица е прогласена за заштитничка на Град Скопје, никогаш не добивме поддршка Градот да застане зад овој фестивал. Многу луѓе оставаа свои болни деца за да помогнат на фестивалот, работеа после полноќ кога ќе ги завршеа своите обврски и затоа можам да кажам дека ова е фестивал на
жртва и љубов на овој народ.

Каде е според Вас излезот од оваа ситуација?

Се надевам дека оваа држава ќе ги препознае вистинските вредности не само на овој Фестивал, туку и на многу други луѓе кои имаат прекрасни духовни проекти. Не постои посебна Фондација за духовни проекти. Духовните проекти мораат да се издвојат како такви, бидејќи никогаш не доаѓаат на ред било во рамките на министерствата, институциите или компаниите. Ако навистина сакаме да ги промовираме корените на нашето историско и духовно наследство мора тоа да го правиме системски, во континуитет, не само со
годишни, туку и со десетгодишни идејни планови однапред. Да не биде тоа само адхок, преку политички комисии.

Никогаш нема да напредуваме доколку останеме само на тоа ниво и некој треба сериозно да размисли на оваа тема, ако и мисли на Македонија добро. Верувам дека такви има! Македонија за да просперира треба зад неа да застане македонскиот народ и сите кои живеат во неа! Сите делиме иста мака и иста судбина. А на тој народ му е потребно вистинско, искрено лидерство! Му треба програма и платформа на која континуирано заеднички ќе се работи, и која ќе ја поддржат сите кои ја чувствуваат оваа држава за своја татковина.

Народот ќе биде секогаш со таквите лидери. Таквите лидери се препознаваат и се чувствуваат и не можат и да се сокријат и да сакаат, исто како што не може да се скрие светлина на врв планина.

Бисера Трајковска

Таг
Back to top button
Close
Close