Дописници МКДОпштински вести

Започна постапката за отворање лекторат по македонски јазик во Корча

Во рамки на програмските активности на македонската амбасада во Тирана, кои се однесуваат на културната и јавна дипломатија, во Корча беше реализирана работна средба меѓу деканите на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола и Филолошкиот факултет при Универзитетот „Фан с. Ноли“ од Корча.

Тирана, 26 ноември 2021 (МИА) – Во рамки на програмските активности на македонската амбасада во Тирана, кои се однесуваат на културната и јавна дипломатија, во Корча беше реализирана работна средба меѓу деканите на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола и Филолошкиот факултет при Универзитетот „Фан с. Ноли“ од Корча.

Како што информираа од амбасадата, целта на состанокот беше воспоставување непосредна соработка меѓу двата факултета, и е насочена кон отворање на Лекторат за македонски јазик, како и области од научната и образовната проблематика.

На средбата од македонска страна учествуваа деканот, проф. д-р Добри Петровски и проф. д-р Виолета Јанушева, а од албанска страна деканот, проф. д-р Јонела Спахо придружувана од продеканот за меѓународна соработка проф. д-р Ерион Ага.

– Учесниците ја поздравија иницијативата на амбасадорот Данчо Марковски за отворање на лекторат за македонски јазик, за што деканот Јонела информирала дека постои целосна согласност. Во таа насока била изразена подготвеност за целосна поддршка во смисла на обезбедување простор и кадровска поддршка, стои во објавата на амбасадата.

Оттаму посочуваат дека изучувањето на македонскиот јазик на Универзитетот ќе има големо значење не само во делот на македонското национално малцинство, а Лекторатот ќе претставува сериозна алатка во промовирањето на јавната и културната дипломатија на Северна Македонија во албанските средини, додаваат од амбасадата.

Според истиот извор, како претставник на македонското национално малцинство во Албанија, на средбата присуствувал и Васил Стерјовски, лидер на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција и поранешен пратеник во албанскиот парламент. вт/бт/

Back to top button
Close
Close