
– Завршена е реконструкцијата на ООУ „Карпош“ во село Умин Дол, Куманово, со која е опфатена реконструкција на покрив, подови и тоалети, нови прозорци и врати, нова енергетско-ефикасна фасада и нов систем за греење. Проектот е реализиран со финансиска поддршка на МОН и Општина Куманово, објави кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
Проектот опфати комплетна реконструкција на покривот, нова електрична инсталација, нов систем со парно затоплување, нова фасада, замена на прозорци и столарија, подови, санитарни јазли и делумно нов ентериер.
Реконструкцијата почна во јануари годинава. Ова е едно училиште каде поради целосна реконструкција наставата се изведуваше онлајн. Претходно, претставниците од училиштето, Министерство за образование и наука и Сектор за образование при Општина Куманово ги потпишаа договорите за почнување на реконструкцијата, која се реализира преку проектот „Реконструкција на училишни објекти на основни и средни училишта“ и со поддршка на општина Куманово.
Во училиштето настава на македонски наставен јазик следат 131 ученик од прво до деветто одделение. Училиштето има и едно подрачно училиште во соседното село Љубодраг, каде што овој месец почна реконструкцијата. ам/бт/