Дописници МКДОпштествоОпштински вести

Жители на Сирково на протест, бараат приклучок кон новиот пат Градско-Прилеп

Жители на Сирково денеска протестираат  на влез во селото, барајќи од Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта,  приклучок кон новиот пат Градско-Прилеп.

Росоман, 7 декември 2021 (МИА) –  Жители на Сирково денеска протестираат  на влез во селото, барајќи од Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта,  приклучок кон новиот пат Градско-Прилеп.

Претседателот на месната заедница, Веле Коцев потсети дека жителите на Сирково протестираа и пред еден месец, но протестот тогаш го ставија во мирување, очекувајќи средба во Росоман, на која од надлежните државни органи би добиле информации околу можностите за исполнување на нивното барање.

– Бидејќи никој од надлежните не дојде во Росоман да ни каже став во однос на нашето барање, повторно го активиравме мирниот протест со блокада на механизацијата која работи на патот. Ќе останеме тука се додека не добиеме позитивен одговор на нашето барање. Ако нема позитивен епилог, можно е и радикализирање на протестот и блокада на постоечкиот регионален пат Градско-Прилеп, рече Коцев.

Тој повтори дека селото е второ по големина во општината по Росоман и има над 500 жители, а доаѓаат и викендаши.

– Проблемот е од 2015-2016 година. Без приклучок, ние ќе треба да вртиме со километри за да се приклучиме на новиот пат, иако го гледаме на само двеста метри од нас. Немањето приклучок го доведува во прашање развојот на селото и можно е иселување на младите, порача Коцев.свд/лв/

Back to top button
Close
Close