БизнисДописници МКДЕкономијаОпштински вести

Дочек на Нова година под веќе утврдените протоколи во хотелите на охридско-струшката ривиера

Со половина капацитет во затворен простор и под веќе утврдените протоколи за соодветно растојание, сертификат за вакцинација против Ковид-19 и музика на подиум без шетање по масите, ќе бидат организирани дочеци на Новата година во хотелите на охридско-струшката ривиера.

Струга, 7 декември 2021 (МИА) – Со половина капацитет во затворен простор и под веќе утврдените протоколи за соодветно растојание, сертификат за вакцинација против Ковид-19 и музика на подиум без шетање по масите, ќе бидат организирани дочеци на Новата година во хотелите на охридско-струшката ривиера.

Претседателот на Асоцијацијата на хотелиери Крсте Блажески во изјава за МИА посочи дека за дочекот на новогодишната ноќ остануваат постоечките протоколи, доколку не дојде до промена на состојбата со бројот на заразени од коронавирусот.

– Агенциите почнаа да нудат аранжмани, но интересот е мал. Се јавуваат прашуваат, но мал е бројот на тие што резервираат, се чека до последна минута во случај да настанат промени поради пандемијата. Граѓаните што сакаат да бидат на сигурно и во затворено ќе може слободно да резервираат и новогодишната ноќ да ја дочекаат во некој од хотелските капацитети на охридското крајбрежје, нагласи Блажески.

Интересот, според него, е многу намален во однос на претходните години, кога, како што рече, во овој период се разговарало дали има слободно место за резервација.

Најголем интерес за новогодишните празници, традиционално има од гостите од Бугарија, но со намален интензитет во однос на претходните години. Тука се и гостите од Албанија, Косово, Србија. Околу католички Божиќ очекуваме гости од соседна Грција, додаде Блажески.

Загриженост околу исполнување на сместувачките капацитети има и кај останатите сопственици на хотели. Ерхан Папранику, сопственик на хотел во Струга вели дека состојбата е алармантна.

– Има мала група гости од Турција и Албанија, која потврди за новогодишните празници, но без протоколи и без организација од агенциите ќе останеме празни без гости, рече Папранику. сс/ки/

Таг
Back to top button
Close
Close